Досегашното искуство укажува оти општините имаат слаб капацитет за реализација на капитални проекти, што се гледа и од состојбите на терен, констатираат упатените, истакнувајќи дека само со изградба на капиталните проекти и со подобри здравствени, образовни и административни услуги може да се очекуваат подобри економски перформанси на нивото на општините
Градинки, училишта, спортски сали, канализациски и водоводни мрежи и други инфраструктурни проекти ќе се градат низ Македонија со средствата што требаше да се инвестираат во карго аеродромот во Штип, како една од обврските од договорот за концесија на двата постојни аеродроми во земјава со компанијата ТАВ. Проектот за карго аеродром требаше да биде готов годинава, но истиот тој беше напуштен поради несоодветни климатски услови и економска неоправданост. Владата соопшти дека го утврдила текстот на анексот на договорот за концесија склучен со ТАВ „Македонија“, со кој се става во функција одлуката за распределба на средствата што беа предвидени за карго аеродром во Штип. Наместо аеродром во износ од 60 милиони евра, договорено е турската компанија да ги пренамени 35-те милиони евра за 99 инфраструктурни проекти во 75 општини, а со дополнителни 10 милиони евра е должна да ги прошири аеродромите во Скопје и во Охрид.
– Со анекс-договорот, ТАВ презеде обврска да ги реализира договорените проекти. Ние ги доставуваме проектите, а компанијата сама ќе ги спроведува – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Колку е подобро реализацијата на проектите да се прави преку приватен инвеститор или преку самата општина, и колку овие, но и други планирани капитални проекти ќе овозможат заживување и подобри услови за жителите на општините низ земјава се прашања што се наметнуваат по донесената одлука. Упатените укажуваат дека досегашното искуство покажува дека општините имаат слаб капацитет за реализација на капитални проекти, што се гледа и од состојбите на терен. Посочуваат дека е неопходно поревносно спроведување, како на проектите што се планираат на локално ниво, така и на проектите што ги најавува и спроведува централната власт. Економистите истакнуваат дека само со изградба на капиталните проекти и со подобри здравствени и образовни услуги може да очекуваме подобри економски перформанси во иднина.
– Искуството покажува дека општините немаат капацитет да спроведуваат големи проекти, но се доведува во прашање и реализацијата на планираните капитални проекти. Уште поголема дилема, која се базира од искуството во последниве години, а недостигот од капацитет и кај централната власт за реализација на капиталните проекти. Процентот на реализација во текот на изминативе години јасно упатува на заклучок дека ни централната власт нема капацитет за таква реализација. Дополнителен проблематичен сегмент за распределбата на средствата од карго аеродромот би бил и самиот факт што следната година пред нас се локалните избори, па голема е опасноста финансиите да се пренаменат за постигнување и приказ на подобри резултати пред граѓаните, иако истите тие се на очајно ниво во најголем дел од општините. Добро е да се гради на локално ниво, да се прават проекти што се неопходни за граѓаните, но не очекувам нешто многу да се промени, бидејќи тоа се релативно мали средства во споредба со сумата што треба да ја добиваат општините од буџетот за капитални проекти – објаснува професорот Дарко Лазаров.
Тој истакнува дека јасен показател за слаба реализација на капитални проекти е и споредбата на средствата искористени за капитални проекти како процент од вкупниот буџет на државата.
– Во 2009 година, кога беше и финансиската криза, буџетот на Македонија бил околу 2,3 милијарди, додека, пак, во капитални инвестиции биле вложени 220 милини евра. Всушност биле вложени 10 проценти од средствата од буџетот за капитални проекти. Оваа година на буџет од 4 милијарди евра, капиталните расходи досега се околу 175 милиони и може да очекувам до крајот на годината да се потрошат околу 200-220 милиони евра, а притоа со вториот ребаланс беа планирани 310 милиони евра. Значи на 4 милијарди буџет се реализирани околу 200 милиони евра капитални проекти, додека претходно во 2009 на 2,3 милијарди евра буџет 220 милиони евра беа за капитални проекти – објаснува Лазаров.
Професорот укажува дека уште еден показател за слабите капацитети на општините и неможноста да реализираат големи капитални проекти се и неискористените средства од ЕУ наменети за локалните самоуправи.
– Дел од средствата што ЕУ го намени преку ИПА-програмата за општините остана неискористен, што е силен показател дека општините не се подготвени за сериозен пристап и реализација на големи проекти, бидејќи средствата од ЕУ не може со каков било проект да се повлечат, тој мора да биде добро сработен, но истовремено мора да се реализира за да се искористат сите средства. Друг сегмент што би го истакнал е немањето и нефункционирањето на системот. Едноставно за реализација на капитални инвестиции не треба да се грижи само централната власт туку и самите општини, не треба премиерот да се јавува и да бара некој проект да се реализира. Едноставно системот не функционира. И иако имаме нефункционален систем, сепак, расте буџетот, се прибираат повеќе средства од граѓаните за да растат инвестициите и да расте јавната администрација со која треба да се обезбедат квалитетни услуги за граѓаните, но напротив, услугите и работата на јавната администрација не се подобрени – објаснува Лазаров.