Расте интересот кај македонските граѓани за пазарување преку интернет. Последните анализи направени од Асоцијацијата за е-трговија, посочуваат дека има зголемување кај онлајн-нарачките. Во последните 12 месеци преку Интернет пазарувале 35,9 проценти од интернет-корисниците, наспроти 31,6 процент во истиот период минатата година, информира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).
Притоа, облеката и спортската опрема се меѓу најкупуваните продукти од македонските граѓани кога пазаруваат преку интернет. Според податоците на Државниот завод за статистика, од вкупниот број лица што користеле интернет кога било во последните 12 месеци, 35,9 проценти нарачале или купиле стоки или услуги преку интернет, а мнозинството од нив, или 35,8 отсто, купиле облека или спортска опрема. Овој тренд е сличен како и минатата година, а покрај облека и спортска опрема, Македонците на интернет порачувале и производи за домаќинство, кои опфаќаат 10,5 проценти од нарачките направени онлајн, по што следува електронската опрема со 10,4 отсто.
– Повеќето од онлајн-купувањата, 38,8 проценти, се од продавачи од нашата земја. Ако во минатото доминантна онлајн-трговија била од продавачите од странство, годинава тоа е намалено на 20 проценти, со 11 проценти учество на продавачите од Европска Унија – истакнуваат од Асоцијацијата за е-трговија.
Повеќето од Македонците купуваат производи преку интернет во вредност до 50 евра, во согласност со царинските прописи за увоз.
Од АЕТМ посочуваат дека интернет-пенетрацијата во првото тримесечје од 2019 година е зголемена на 81,8 процент опфат на домаќинствата, наспроти 79,3 проценти во истиот период минатата година.
– Осумдесет и еден процент од Македонците на возраст од 15 до 74 години употребиле интернет во последните три месеци. Притоа мажите користеле интернет повеќе (74,9 проценти) од жените (70,8 проценти) – додаваат од асоцијацијата.
Анализата на асоцијацијата, вo која се користени податоци на Државниот завод за статистика, покажува дека Македонците интернетот најмногу го користеле на социјалните мрежи. Притоа, дури 70,4 проценти од корисниците истиот тој го практикувале за лично креирана содржина на веб-страници за да бидат споделени, потоа 70,1 проценти за размена на пораки, преку Скајп, Месинџер, ВатсАп, Вибер и 68,4 проценти за учество во социјални мрежи преку креирање кориснички профил, испраќање пораки или други прилози на Фејсбук, Твитер итн.
Споредбените анализи покажуваат дека сѐ уште заостануваме во споредба со земјите во Европската Унија. Така, на пример, во купувањето производи за домаќинство онлајн далеку сме под европскиот просек, кој достигнува 46 проценти. Исто така, македонските граѓани многу малку купувале прехранбени производи (само 5 отсто), за разлика од просекот на ЕУ од 24 проценти. Што се однесува до хотелското и другото сместување, во Македонија само во 10 отсто од случаите се направени онлајн-резервации, додека просекот во ЕУ е 43 проценти.
Поединци што нарачале/купиле производи или услуги преку интернет за приватна намена
во последните 3 месеци 27,4 %
пред 3 месеци до 1 година 8,6%
пред повеќе од 1 година 4,8%
никогаш 59,3%
нарачале/купиле производи/услуги преку интернет (кога било) 40,7%
нарачале/купиле преку интернет во последните 12 месеци 35,9%
Извор: Државен завод за статистика