Пролонгирањето на здравствената криза е сериозна закана за економиите
Економските аналитичари и експерти се едногласни во ставовите дека сега најважен и најголем предизвик е економијата, за која не смее да се дозволи да стагнира. Кои се најефикасните решенија што би имале долгорочен ефект
Македонската влада сензибилизирана од притисокот на економската и финансиска криза што ја донесе пандемијата, со неколкуте пакети прави напори да инјектира свежи финансиски средства во економијата и да ја спаси од колапсот, кој ѝ се заканува поради корона-кризата. Но истовремено, преку доделувањето ваучери и преку домашната платежна картичка ќе се обиде во следниот период функционално да ја стимулира потрошувачката на населението, за да ги помогне најранливите категории граѓани во земјата.
Но светските економисти анализирајќи го економскиот цунами-проблем, се со резервиран оптимизам и сметаат дека мерката за стимулирање на трошењето во одреден период ќе ѝ помогне на економијата, но дека треба да се антиципираат клучните точки на кризата и временскиот период на нејзиното траење, за да има долгорочен ефект.
Владата да ги антиципира натамошните удари и пикови на болеста и кризата и да биде подготвена однапред за сценарија со ефикасни економски мерки
Познавачите на состојбите предупредуваат дека здравствената криза веќе трае и подолго од очекуваното, а сè појасни се индикаторите за втор бран на епидемијата, така што сите економски прогнози за оваа година се крајно загрижувачки.
– Сега е најважно да се намали ризикот и да се поттикнат иницијативите за трошење. Сè додека фирмите се загрижени дека економијата ќе биде слаба во наредните шест месеци или една година, тие ќе ги одложуваат инвестициите, а со тоа ќе го одложат закрепнувањето. Само државата може да го прекине овој магичен круг. Владите мора сами да се погрижат за актуелните ризици, со тоа што ќе им понудат обесштетување на фирмите во случај економијата да не закрепне до одреден момент. Владите исто така треба да размислат за издавање ваучери за трошење за стимулирање на потрошувачката на домаќинствата – смета нобеловецот Џозеф Стиглиц.
Дел од домашните економисти сметаат дека светските економски модели не секогаш како модел можат да важат за секоја земја, бидејќи станува збор за различни економски модели на државите. Но стратегиските насоки на нобеловецот Џозеф Стиглиц, економистот во УНДП Рашид, како и поранешниот британски министер за финансии Џим О’Нил се токму погодок во центарот. Но се забележува дека не е лесно да се подготви добра стратегија од Владите, ако здравствената криза продолжи подолго.
– Македонија е мала земја и сугестиите на големите авторитети се добредојдени, но не можат да важат за сите држави на ист начин. Ако кризата потрае три до четири месеци, овие мерки што ги донесе Владата ќе имаат ефект, но доколку кризата продолжи, ќе биде проблем бидејќи земјава нема ресурси да ги поддржи најзасегнатите сектори – вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии, според кого токму во тие најзасегнати сектори како снабдувањето и транспортот, би биле загрозени околу 10.000 работници.
Тој уште додава дека државата се задолжува и дава пари за компаниите за да преживеат во време на корона-кризата, но тоа не се инвестиции за да ги одржи во живот, а се разбира дека подоцна истите тие би влегле во кондиција и би работеле одржливо. Но сега е најпотребно да интервенира државата.
– На долг рок е неизвесно што ќе се случува ако здравствената криза продолжи многу долго, така што сегашниве мерки краткорочно се добри, но ако епидемијата продолжи, тогаш навистина никој не би можел да предвиди какви мерки би ја спасиле економијата – нагласува Хајредини.
Паметно инвестирање на државата
Според анализите и заклучоците на поранешниот британски министер за финансии Џим О’Нил, сите земји што достигнуваат највисоко ниво на индекси за одржлив економски раст, со тековнава криза се справиле многу подобро од преостанатите. Тој анализирал во 180 земји различни варијабли, вкупно околу 15: од стапки на инфлација, инвестиции, технолошко унапредување, ниво на образование, владеење на правото итн. Земјите што покажале најдобри резултати на одржлив развој, според овие варијабли, се издвоиле и биле најуспешни во нивниот одговор на предизвикот на ковид-19. Тие се Сингапур, Хонгконг, Јужна Кореја, Норвешка, Холандија, Катар, Нов Зеланд, Луксембург, Данска и Австралија. Исто така, еден од клучните заклучоци на анализата е дека „метриката за одржлив раст“ што ја користел тимот на О’Нил, несомнено се покажало дека има „силно влијание врз квалитетот на здравствениот систем во една држава“.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески се осврна на користењето на фискалниот простор при првиот налет на кризата, не само во Македонија туку насекаде низ светот, што повлече значајно продлабочување на буџетските дефицити и јавниот долг. Тој кратко се осврна и на моделот каде што државата сега стеснетиот фискален простор би го употребила за инвестиции, кои ќе имаат долгорочни ефекти, односно на модели за т.н. „паметно инвестирање на државата“.
– Во вакви услови, менаџирањето со криза, од фискален аспект, при втор и понатамошен удар на кризата, ќе биде многу потешко. Затоа е многу важно да се подготвуваме за паралелно менаџирање на здравствена и економска криза, во смисла на тоа дека економските субјекти не може да останат во целост затворени дури и во услови на значаен пораст на бројот на заразени при втор бран – вели Петрески.
Според него, најважно решение е економијата, за која не смее да се дозволи да стагнира, бидејќи без пораст на продуктивноста, светот ќе се бори да го постигне истото ниво на економски раст во наредната деценија, што би било погубно за постигнување на просперитет односно одржлив економски раст.
– Вториот елемент би бил евентуално престројување на извозно ориентирани претпријатија, кои може да пронајдат можности за снабдување нови клиенти, кои претходно се снабдувале од подалечни пазари, првенствено Азија. Третиот елемент би бил паметно инвестирање на државата, која тесниот фискален простор би го употребила за инвестиции, кои ќе имаат долгорочни ефекти, а со тоа ќе се даде до знаење дека некои структурни промени ќе се поддржуваат дури и во време на криза – прецизира Петрески.