Фото: Игор Бансколиев

Во следните 20 години се предвидени инвестиции до 17 милијарди евра. Овие средства не може да ги обезбеди само државата и затоа сите треба да бидеме свесни дека енергетиката треба да премине во рамките на приватните инвестиции и на јавно-приватните партнерства, објасни вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на вчерашната расправа за новата стратегија за развој на енергетиката до 2040 година

Намалување на емисијата на штетни гасови, намалување на енергетската сиромаштија и заштита на ранливите потрошувачи, стабилност, конкурентност и економска функционалност на енергетскиот сектор, квалитетно снабдување на потрошувачите со сите видови енергија, употреба на обновливи избори енергија и подобрување на енергетската ефикасност. Ова се само некои од целите што ги предвидува новата стратегија за развој на енергетиката во Македонија до 2040 година, изработена од Центарот за енергетика и одржлив развој при МАНУ. Во неа се имплементирани актуелните трендови во светот, но тие се приспособени на енергетските можности и ресурси што ги има државата. Притоа, според владините претставници, задоволена е потребата од енергенти за граѓаните, со напомена дека цената нема да биде значително покачена.

Стратегијата предвидува три сценарија – референтно, сценарио на енергетска транзиција и зелено сценарио. Од нив, најлесно изводливо, според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, е референтното сценарио, но треба да се разгледаат и другите две сценарија.

– Во следните 20 години се предвидени инвестиции до 17 милијарди евра. Овие средства не може да ги обезбеди само државата и затоа сите треба да бидеме свесни дека енергетиката треба да премине во рамките на приватните инвестиции и јавно-приватните партнерства, да биде генератор на странски и домашни инвеститори, бидејќи ако државата ги решава проблемите само со позајмување, тоа не е решение на краток рок, туку создавање проблеми на долг рок. Затоа треба нашата економија да биде отворена за инвестиции во енергетиката – рече Анѓушев на презентацијата на стратегијата во МАНУ.

Извор: Министерство за економија

Според министерот за економија Крешник Бектеши, во изминатите две и пол години се направени значајни исчекори во енергетскиот сектор, поради што државата, како што рече, е посочена како лидер во спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор.
Од секретаријатот на Енергетската заедница се надеваат дека Владата ќе тргне во реализација на зеленото сценарио. Ваква порака преку видеообраќање испрати директорот на секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач.

Стратегијата за енергетика требало да биде донесена уште во 2015 година.
Во планот е наведено дека електричната енергија и дизелот и во иднина ќе имаат најголемо учество во потрошувачката на финалната енергија (55-60 отсто). Во сите три сценарија, електричната енергија и дизелот ќе останат со клучна улога за задоволување на потребите од финална енергија. Дополнително, се очекува дека природниот гас и обновливите извори на енергија (ОИЕ) ќе станат подостапни за финалната потрошувачка, се наведува во стратегијата.

Исто така, според плановите, предвидено е уделот на ОИЕ во вкупната потрошувачка на финална енергија да се зголемува во сите сценарија, достигнувајќи 35-45 отсто во 2040 година.


Ресурсите на јаглен се исцрпуваат

Како што е наведено во стратегијата на среден рок, ресурсите на јаглен за ТЕЦ „Битола“ се ближат до исцрпување. Рудниците „Суводол“ и „Брод Гнеотино“ се користат за снабдување на ТЕЦ „Битола“. Површинскиот рудник „Суводол“ се приближува до исцрпување. Со оглед на проценетите резерви на искористлив јаглен во 2014 година и годишниот капацитет за производство се проценува дека има преостанат производствен капацитет од 16 години, а „Брод-Гнеотино“ 11,5 години.
– Со оглед на проектираната просечна годишна потрошувачка на јаглен на ТЕЦ „Битола“ се проценува дека преостанатите резерви во областа се доволни за уште 15,4 години. Според петгодишниот инвестициски план на ЕЛЕМ 2018-2022, пуштањето во употреба на новиот рудник „Живојно“ би можело да го зголеми снабдувањето со јаглен на ТЕЦ „Битола“ за уште 10,6 години – е наведено во стратегијата.
ТЕЦ „Осломеј“ се соочува со предизвици за сигурно снабдување со јаглен. ТЕЦ „Осломеј“ се снабдува исклучиво од рудникот „Осломеј“, кој е речиси исцрпен, пишува во стратегијата.


Се доцни со намалување на емисијата на штетни честички

Повеќето земји-кандидатки за членство во Европската Унија, меѓу кои и Македонија, не ги исполниле поставените цели за намалување на емисијата на штетни честички од своите електроенергетски постројки на фосилни горива, иако тоа е дел од заедничката политика за стандардизирање на енергетскиот пазар, во согласност со правилата на Унијата. Ова се посочува во извештајот на Европската енергетска заедница, која ја сочинуваат 19 држави-членки на ЕУ, Украина, Молдавија и државите од Западен Балкан. Во извештајот се наведува дека Македонија не го испочитувала планираното ограничување на емисиите на сулфур диоксид и прашина.