Доколку се погледнат бројките за јавниот долг, ќе се забележи дека од 2008 година тој континуирано расте. Во 2008-та јавниот долг изнесувал 1,55 милијарда евра, или 23 отсто од БДП, додека пак во 2013 година достигнал 40,3 отсто од БДП, или 3,28 милијарди евра. Веќе минатата година долгот се искачил на 5,20 милијарди евра, или 48,5 проценти
Извештајот на Министерството за финансии покажа нов пораст на вредноста на јавниот долг, кој за три месеци се зголемил за дополнителни 40 милиони евра и достигнал 5,2 милијарди евра. Сепак, од оваа институција напоменуваат дека задолжувањето расте побавно од порастот на бруто-домашниот производ (БДП), па процентуално јавниот долг е помал за 2,3 процентни поени и, заклучно со март, изнесува 46,2 отсто од бруто-домашниот производ.
Доколку се погледнат бројките за историјатот на јавниот долг, ќе се забележи дека од 2008 година тој континуирано расте. Во 2008 јавниот долг изнесувал 1,55 милијарда евра, или 23 отсто од БДП, додека пак во 2013 година достигнал 40,3 отсто од БДП, или 3,28 милијарди евра. Веќе минатата година долгот се искачил на 5,20 милијарди евра, или 48,5 проценти. Од Министерството се задоволни и додаваат дека долгот е стабилизиран. Според фискалната стратегија, јавниот долг до 2020 година треба да се зголеми на 6,5 милијарди евра, односно да надмине 53 проценти од БДП.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека стабилизацијата е добра за јавниот долг, но, сепак, напоменува дека е многу важно со позајмените пари да се создава додадена вредност со која ќе се враќаат заемите.
– Кај јавниот долг забележуваме стабилизација споредено со динамиката што беше претходно. Ваквата стабилизација е особено важна за да може да направиме рекапитулација за трошењето на позајмените средства. Не е спорно што се позајмуваат средства, бидејќи ние проектираме буџетски дефицити и логично е да имаме недостиг од средства што мора да ги позајмиме. Но важно е за каква намена се трошат тие позајмени пари, односно дали создаваат додадена вредност од која ние во иднина ќе можеме да ги отплатиме позајмените средства. Ваква дебата сѐ уште недостига во јавниот дискурс – истакна Петрески.
Професорот нагласи дека иако е добра како процес, стабилизацијата на јавниот долг покажува еден друг ризик, а тоа е ризикот од забавување на економската активност.
– Реализацијата на капиталните инвестиции на државата е клучна за динамизирањето на порастот, а финансирањето на капиталните инвестиции преку буџетот е непосредно поврзано со динамиката на јавниот долг. Со други зборови, стабилизацијата на јавниот долг нема да е тешка задача ако јавните инвестиции се значајно подреализирани, па дури и ослободуваат средства што може да се наменат за други цели. Оттука, стабилизацијата на долгот треба да продолжи, но опасно е ако таквата стабилизација се толкува како неопходно намалување на јавниот долг во услови на значајно намалување на развојната компонента на буџетот. Оттука, Владата треба да отвори широка дебата за прашањето на капиталните инвестиции, зошто тие не се реализираат со предвидената динамика и како е тоа поврзано со јавниот долг – појаснува Петрески.
Во извештаите што ги објавува Министерството за финансии може да се забележи дека последниве години, иако расте вредноста на долгот, неговото процентуално учество се намалува. На крајот од 2016-та задолженоста достигна 4,71 милијарди евра, или 48,8 процент од БДП, додека во 2017 година долгот пораснал на 4,78 милијарди евра, или 47,8 отсто од БДП, а минатата година долгот изнесувал 5,20 милијарди евра, или 48,5 проценти.
Поранешниот министер за финансии Џевдат Хајредини истакна дека е апсурдно да се посочува дека ова задолжување е најмало досега, бидејќи не се важни само апсолутниот износ на долгот и стапката на учество на долгот во бруто-домашниот производ туку враќањето на достасаните обврски.
– Во Македонија е проблем да се намират достасаните обврски како кон странските така и кон домашните финансиски институции во кои се задолжила државата. Кај нас никогаш не се инвестира во проекти што ќе ги вратат парите, односно што ќе овозможат економски пораст со кој ќе се враќаат достасаните ануитети. Каматните стапки на заемите се поголеми од економскиот пораст на земјата, тоа е страшно, чиста загуба. Мора да се поттикне порастот за да може да ги вратиме долговите и да доведат до подобрување на животната средина. Народот гледа дека не му се подобрува животниот стандард, свесен е дека имаме најниски плати на Балканот, дека имаме најмалку странски директни инвестиции. Свесни се дека задолжувањето не го дава потребниот ефект – објаснува Хајредини.