Актуелната здравствено-економска криза ја нагласи потребата од воспоставување стабилен систем на храна, кој функционира во секакви околности и кој е во состојба да обезбеди доволно и континуирано снабдување на потрошувачите по достапни цени
Цените на храната на светско ниво повторно забележаа раст на крајот на минатата година, при што особено поскапеа млечните производи и растителните масла, објави Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Ценовниот притисок е присутен и во нашата земја, што се потврдува и со стапката на инфлација, која минатата година изнесуваше 1,2 отсто.
– Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2020 година изнесува 1,2 отсто, што е во согласност со проектираната стапка. Во услови на ревизии кај надворешните влезни претпоставки во различни насоки, сѐ уште е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, во согласност со неизвесните економски ефекти од вториот бран на пандемијата на ковид-19 и нејзиното времетраење, како и од појавата на мутираниот коронавирус – соопшти Народната банка по седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Се продлабочуваат децениските проблеми
Од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека и земјоделците и науката се согласни во констатацијата дека корона-кризата ги извади на површина слабостите и ги продлабочи децениските проблеми. Оттаму истакнуваат дека со кризата се наметна прашањето дали како земја зависна од увоз ќе имаме доволно храна и како можеме да го поттикнеме домашното производство.
– Бизнис-заедницата го гледа извозниот потенцијал во млечната, винската, месната и во мелничката индустрија. Приоритети во земјоделството треба да бидат: окрупнувањето на земјиштето, промената на методологијата на субвенционирање и унапредувањето на органското производство и на руралниот развој. Потребно е да се работи на развивање на пазарот на кредити, како и на факторинг и на лизинг-услугите во земјоделството. Особено е изразена потребата од воспоставување државен гарантен фонд и кредити димензионирани за малите фармери, а треба да се размислува и за поддршка на воспоставување земјоделски кредитни унии (задруги), кои ќе овозможуваат капитал за своите членови. Корона-кризата ја нагласи и потребата од стабилен систем на храна, кој функционира во секакви околности и кој е во состојба да обезбеди до потрошувачите доволно и континуирано снабдување по достапни цени – велат од СКМ.
Земјоделството учествува со 10-12 отсто во домашниот БДП
Од Комората додаваат дека земјоделството учествува со 10-12 отсто во домашниот БДП, но има огромен потенцијал за раст и можност за голема додадена вредност. Извозот на прехранбени производи во првиот квартал од 2020 година изнесувал 135,3 милиони евра, што е 10 отсто помалку од истиот период во 2019-та, кога бил 148 милиони евра. Увозот, пак, бележи благо зголемување од 4,4 проценти или 282,9 милиони евра, а за истиот период во 2019 година изнесувал 271,1 милион евра.
– Во согласност со податоците од Државниот завод за статистика, во 2019 година е остварен највисок извоз на храна во изминатите десет години, но истовремено е остварен и највисок увоз на прехранбени производи. Овие факти загрижуваат ако се земе предвид новонастанатата здравствена и економска криза предизвикана од ковид-19, како и тоа дека сме увозно зависна земја. Потребна е долгорочна стратегија за развој на агросекторот во земјата, нешто што досега не го направи ниту една влада, особено во делот на сточарството, кој е, пак, основа за развој и на преработувачката индустрија. Треба да се постави ограничување во делот на фармерството и да се поддржат професионалните фармери – истакнуваат од СКМ.
Како да се обезбеди прехранбениот синџир
Тие потсетуваат дека Владата најави 150 милиони евра субвенции, но и интервентни мерки онаму каде што ќе се оцени дека има потреба. Во фокусот ќе биде и намалувањето на руралната сиромаштија, како и малите фарми, кои се многу важен дел од синџирот за сигурно обезбедување храна.
– Мерките од стратегијата за земјоделското производство несомнено ќе доведат до поголемо домашно производство на земјоделско-прехранбени производи, што, од своја страна, ќе услови намалување на цените на пазарот и зголемена конкурентност наспроти увозот. Но, од друга страна, мора да се има предвид фактот дека одредени производи, како на пример пченицата, месото и други, кои претставуваат суровина за домашната преработувачка индустрија, имаат берзански цени, кои ја диктираат и цената на крајниот производ. Секое
нарушување на светскиот пазар (криза, животинска пандемија и сл.) ќе влијае
врз покачувањето на цената кај овие производи – посочуваат од Комората.
Меѓународните цени пораснале за 3,1 отсто во однос на лани
Инаку, според извештајот на ФАО, меѓународните цени на прехранбените производи достигнале пораст од 3,1 отсто во однос на минатата година.
– Индексот на цените на храната во декември беше за 2,2 проценти повисок од ноември. Во текот на цела 2020 година, индексот што ги следи месечните промени на меѓународните цени на прехранбените производи достигна пораст од 3,1 отсто во однос на 2019 година, но сѐ уште е под неговиот историски врв од 2011 година – наведе ФАО во соопштението.
Во извештајот се посочува дека растот на индексите на цените е забележителен кај житните култури и кај растителните масла. Индексот на цените на житните култури на ФАО пораснаа 1,1 отсто во споредба со ноември, или за целата 2020 година во просек беше 6,6 проценти над нивото од 2019 година. Цените на извозот на пченица, пченка и ориз се зголемија во декември поради загриженоста за растечките услови и изгледите за земјоделските култури во Северна и Јужна Америка, како и во Руската Федерација.
Индексот на цената на растителното масло на ФАО во декември го достигне највисокото ниво од септември 2012 година. Индексот на цените на млечните производи, според ФАО, е зголемен за 3,2 проценти во декември, што е седми последователен месечен пораст.