За да може приватниот сектор да ги реализира замислените бизнис-проекции, па дури и најавените инвестиции, освен внимателното дизајнирање на мерките за борба против пандемијата, треба да се решат и децениските системски слабости во државава, кои влијаат врз конкурентноста на македонската економија

Трите столба на конкурентноста за динамично реструктурирање и импулс за раст и развој

За подобрување на конкурентноста на економијата, главните идеи, размислувања, предлози, па и решенија за економски раст произлегуваат од приватниот сектор, затоа што токму од таму најмногу се чувствуваат пулсирањата на пазарот и потребите за приспособување во смисла на одржлив раст и развој. Втора битна компонента за поддршка на конкурентноста на приватниот сектор, а уште повеќе поддршка на реалната економија е – државата! Токму таа треба да ги поддржи иницијативите на приватниот сектор, да биде флексибилна и брзо да реагира, дури и самата да наметнува модели и динамика за подобрување на конкурентноста на домашните компании. Кај нас, на пример, со децении се чека да се решат воочените системски слабости што влијаат врз конкурентноста на македонската економија…
И трето, академската фела, од оваа област, која теоретски, длабински и перманентно ги следи движењата на локалниот, регионалниот и глобалниот пазар, треба задолжително активно да биде вклучена со свои анализи, мислења и препораки. Тоа се трите столба за здраво ѕидање на конкурентноста, која потоа има мултиплицирачки ефекти на економијата, растот и развојот и влијанието врз БДП.

Зошто не се решаваат дијагностицираните системски слабости во домашната
економија?

Од Стопанската комора на Македонија велат дека за да може приватниот сектор да ги реализира замислените проекции, па дури и најавените инвестиции, освен внимателното дизајнирање на мерките за борба против пандемијата, треба да се решат и децениските системски слабости што влијаат врз конкурентноста на македонската економија.
– Системските слабости што влијаат на економијата се висината на парафискалните давачки, недоволната ефикасност на администрацијата и на централно и на локално ниво, посебно во однос на издавање одобренија за градба и разни други документи од кои зависи реализацијата на инвестициските проекти, подобрувањето на патната и железничката инфраструктура, како и олеснувањето на протокот на камиони низ границите. Дел од овие предизвици се во тек на решавање, но значајно е посебно во овие тешки услови за фирмите, да се забрзаат овие процеси за да се реализира потенцијалот за приватни инвестиции – појаснуваат од СКМ.
Оттаму споменуваат дека многу значаен фактор е и квалитетна работна сила што во последните години значајно се одлева од државава. Неоспорен факт е дека развојот на македонската економија ќе зависи од квалитетот на работната сила и затоа е важно да се зголеми бројот и посебно квалитетот на работниците и техничкиот кадар.
– Наедно, неопходно е да се преземаат активности што ќе се фокусираат на поддршка на инвестициите и конкурентноста на домашните компании, како ниско ниво на даноци, ревидирање на царинската политика, намалување на бирократските процедури, непречена реализација на проектите во иднина, навремено сервисирање на обврските кон компаниите од страна на државата, сѐ со цел зголемување на конкурентноста на домашните компании – истакнуваат од комората.

Инвестиции – да, но неопходни се поволни финансиски
аранжмани и кредитни линии да ги следат

Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, инвестициите секогаш се еден од најважните фактори за стимулирање на економскиот раст, кој генерира повеќе работни места и подобар животен стандард на населението.
– Стандардот на населението зависи од продуктивноста, а продуктивноста најмногу зависи од вложениот капитал по вработен, а капиталот по вработен зависи од тоа колкави биле инвестициите во земјата во минатото. Покрај тоа секогаш треба да се даде еднаква важност, како на домашните така и на странските инвестиции. Странските инвестиции се неопходни кога земјата не располага со доволно сопствен капитал, а задолженоста е пречка за нови кредитни задолжувања – вели Димитров.
Тој додава дека во суштина и домашните и странските инвеститори имаат исти барања, а тоа се владеење на правото, стабилна и предвидлива даночна политика, ценета и квалификувана работната сила, политичката стабилност, како и добра инфраструктура.
– Домашните инвеститори мораат повеќе да инвестираат во современа технологија, со цел да одржат чекор со конкуренцијата на пазарот. Да ја зголемат додадената вредност на своите производи и да ги зголемат платите на вработените. Но одлуката на сопствениците, без разлика дали се тоа фамилијарни компании или акционерски друштва, колкав дел од остварената добивка ќе инвестираат, многу зависи од условите на стопанисување. Добрите услови за стопанисување подразбираат и ефикасни институции, професионална државна администрација и ефикасен правосуден систем – посочува Димитров.
Како што додава тој, за да може сето ова да се постигне во иднина, ни е потребна политичка подготвеност за тешки реформи, кои сигурно ќе допрат многу интереси, но колку подоцна се одлучиме за истите тие, толку проблмите во земјата ќе се усложнуваат.