Проекциите на Организацијата за економска соработка и развој велат дека следната година светската економија ќе порасне за 4,2 отсто, додека економското закрепнување ќе биде различно за земјите, за едни пократко, а за други подолго. Домашните експерти имаат интересни предвидувања за раст на домашната економија, за која велат дека е зависна од светските случувања
ОЕЦД И ММФ СО СВОИ ПРОЕКЦИИ ЗА РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА ВО СВЕТОТ
Светската економија годинава ќе забележи пад од 4,2 отсто, но идната година ќе порасне за исто толку, наведува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Оттаму прогнозираат дека дури на крајот на следната 2021 година светската економија ќе го достигне нивото пред пандемијата.
– Првпат од почетокот на пандемијата постои надеж за подобра иднина – напиша главната економистка на ОЕЦД, Лоренс Бун, и дополни дека закрепнувањето ќе биде различно за земјите, за едни пократко, а за други подолго. Проектираат дека кај 37 членки на ОЕЦД падот ќе биде 5,5 проценти, а закрепнувањето ќе оди побавно. Германија може да се теши со тоа што нејзината економија во оваа година ќе има помал пад од просекот во ЕУ.
ММФ за следната година очекува поголем раст на светската економија од 5,2 проценти.
Домашните економисти и експерти, пак, посочуваат дека заздравувањето на домашната економија зависи од случувањата во светските текови, но и од случувањата кај земјите со кои Македонија има најголема трговска размена.
– Јас би истакнал дека Македонија како мала и отворена економија многу зависи од состојбите на нашите најголеми трговски партнери. Во Германија на пример има речиси целосно затворање, што секако ќе се преслика негативно и врз економскиот амбиент во нашата земја. Оттука логички е прво да очекуваме подобрување на состојбите во тие економии, па дури потоа може да очекуваме закрепнување на бизнисите и кај нас. Речиси е сигурно дека она што се случува на глобалната сцена, сигурно ќе се преслика и на домашната економија. Следејќи ги трендовите и состојбите и сѐ уште нејасната ситуација за можното завршување на оваа пандемија, останува голема несигурност и има многу ризици поврзани и со проектираниот раст за македонската економија за следната 2021 година – вели универзитетскиот професор Зоран Ивановски.
Тој објаснува дека и покрај мерките што ги презема државата, мора да се наоѓаат дополнителни мерки, освен буџетските стимулации за да се мотивираат приватните домашни инвестиции. Вели дека планираното ниво на капитални проекти и јавната потрошувачка од буџетот нема да бидат доволни за поинтензивен излез и раст на економијата.
– Треба добро да се размисли какви дополнителни стимулации можат да им се понудат на приватните инвеститори, кои, секако, ќе го разберат тој стигнал и во вакви услови ќе ги искористат акумулираните финансиски средства, или, пак, ќе користат кредити. Нема излез од кризата без работата на странските пазари и без нови домашни инвестиции. Инвестициите се тие што ја влечат економијата напред – истакна Ивановски.
Професорот дополнува дека проекциите за раст за следната година се исполнети со ризици, бидејќи предвидувања се базираат на несигурни претпоставки, поради што проекциите треба да се земаат со резерва.
Од друга страна, сопственикот на консалтинг-компанија, Горан Рафајловски, смета дека излезот од кризата на светско ниво би можел да започне од март следната година, но враќањето на стопанството на ниво од 2019 година би се случило, најверојатно, на крајот на 2022 година.
– Бидејќи 2019 година во светски рамки е една од подобрите години за бизнис и економија, враќањето на тие параметри ќе биде навистина предизвик. Излезот од кризата ќе почне на почетокот на наредната година, да речеме од март. Но враќањето на стопанските текови на ниво од 2019 година ќе се случи, најверојатно, некаде на крајот на 2022 година. За да се врати на текот пред пандемијата, ќе биде потребна најмалку уште една година по поминувањето на пандемијата, што значи 2022 или 2023 година – вели Рафајловски.
Тој дополнува дека во Македонија на дел од бизнисите добро им оди, како што се градежништвото, фармацијата, дел од прехранбената индустрија, додека преостанатите сектори се блокирани. Според него, мерките за поддршка се насочени генерално кон поддршка на платите, но не и за спас на фирмите.
– Во Македонија има повеќе парадокси што го кочат стопанството. Имаме огромно штедење на населението, средства во банките, а мал пласман кај стопанството, поради исклучиво ригидната регулатива за кредити и поддршка на стопанството. Потоа имаме необразовано стопанство, кое не знае како и на кој начин да пристапи, но не сака да плати. Имаме стопанство што се формира за да функционира во рамките на Македонија, што е микропазар, не е пазар. Исто така, имаме сива економија од 40 проценти што го руши и онака кревкото стопанство во земјава. Државата со години не се справува со сивата економија, не дека не може, не сака. И на крајот имаме корупција на сите нивоа. Ние не сме параметар за споредба со светска економија. Ако си ги решиме овие проблеми, можеме да излеземе од кризата многу брзо. Но, за жал, нема волја да се решат овие проблеми – објаснува Рафајловски.
Според економскиот аналитичар Здравко Савески, нашата држава не треба да се залажува дека нема да бидеме во редот на оние земји што потешко ќе закрепнуваат на економски план.
– Кај нас постои илузија дека нешто слично ќе поминеме како и при големата рецесија од 2008 година, кога Македонија само благо беше погодена во споредба со редица други земји. Тогаш Македонија беше помалку интегрирана во светската економија од денес и тогаш не беше високозадолжена земја како што е денес – објаснува Савески.
Тоа што, пред сѐ, кај нас недостига за справувањето со ефектите од економската криза, вели тој, е целосното игнорирање на фактот дека станува збор за кризна, а не за нормална ситуација.
– За да не падне економската криза на грбот на обичниот народ, треба преиспитување на многу економски догми што владееја во Македонија во претходните 30 години. На пример, прогресивно оданочување, вклучување на државата во создавањето нови работни места. Но подготвеност за промена на економската политика во моментот нема. Затоа и последиците од економската криза за обичниот народ ќе бидат многу лоши – смета Савески.
Потребна е голема поддршка на Владата и во 2021 година
Од Стопанската комора на Македонија велат дека здравствената и економска криза во Македонија го достигна својот врв во вториот квартал од 2020 година. Сите економски показатели – индустриското производство, трговијата, туризмот и угостителството, потрошувачката и надворешнотрговската размена во април, мај и јуни имаа висок пад, што укажува на силна контракција на БДП.
– Така, БДП во вториот квартал од 2020 година забележа пад од 12,7 отсто споредено со истиот период од 2019 година. Тоа е најголем пад на БДП, по третиот квартал од 2001 година, кога БДП забележа ист пад од 12,7 отсто – додаваат од комората.
Оттаму велат дека според Светската банка, намалувањето на БДП во Македонија за 2020 година се очекува да достигне 4,1 отсто како последица на намалената побарувачка и нарушените синџири на снабдување, што би било најдлабока рецесија во последните 20 години. Додека, пак, ММФ предвидува дека македонската економија во 2020 година ќе заврши со пад на БДП од 5,4 отсто.
– Без оглед на тоа која од проекциите ќе се реализира, за Македонија од суштествено значење се мерките на Владата за одржување и поддршка на компаниите, зачувување на работните места и спречување на зголемувањето на сиромаштијата. Проекциите за економската активност (БДП) на Македонија за 2021 година се движат од три отсто пораст според проекциите на ЕБРД, до 5,5 отсто според ММФ.
Министерството за финансии предвидува зголемување од 4,1 отсто, додека НБРСМ 4,7 отсто. Која од овие проекции да се реализира, евидентно е дека на крајот на 2021 нивото на економска активност нема да е повисоко од крајот на 2019 година – споменуваат од комората.
Надлежните од СКМ велат дека динамиката на закрепнување на македонската економија како мала и отворена земја ќе зависи од потенцијалот на стопанските субјекти, кој во голема мера е детерминиран од долгорочните состојби во македонската економија.
– За зголемување на потенцијалот на домашните фирми е потребно да се искористат искуствата од кризата во насока на преструктурирање на компаниите кон посовремени начини на работа: дигитализација, намалување на трошоците преку наоѓање нови партнери кај кои ќе се скратат транспортните и дистрибутивните трошоци, продолжување на зелените коридори, искористување на евентуалното преместување на странскиот капитал од далечните источни земји кон Европа, внесување на концептот на смарт-специјализација со кој се поддржуваат секторите и компаниите со поголема иновативност и повисок придонес кон БДП – сметаат надлежните од СКМ.
Тие велат дека е клучно и закрепнувањето кај нашите најголеми надворешнотрговски партнери, пред сѐ Германија.
Учеството на Германија во извозот на Македонија е околу 50 отсто, што укажува на тоа дека динамиката на закрепнување на оваа земја битно ќе влијае на брзината и степенот на заздравување на македонската економија.
– Потребна е поддршка од Владата со добро целени мерки што ќе бидат соодветно финансиски и временски насочени кон определени сектори, како и кон одредени групи на социјално загрозени граѓани за да се спречи зголемувањето на стапките на сиромаштија. Значајно е имплементацијата на мерките да продолжи и во 2021 година, како и да се искористат искуствата од првите пакет мерки за нивно подобро дизајнирање и целење – коментираат од СКМ.
Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска