За само две тримесечја, преку мерката „Мој ДДВ“ граѓаните остварија поврат на близу 6,9 милиони евра, изјави на прес-конференција, Кирил Колемишевски, претседател на Комисија за економија на СДСМ.
Веќе следниот месец, односно во февруари 2020 година, започнува исплатата на 3,7 милиони евра за поврат на ДДВ за месеците октомври, ноември и декември. Претходно, за првото тромесечје беа исплатени над 3 милиони евра за првиот квартал односно за месеците јули, август и септември.
Оваа мерка, вели Колемишевски, оосвен што обезбедува дополнителен приход во семејствата, значително влијае и врз намалување на даночната евазија и зајакнување на даночната дисциплина. Според податоците што ги пренесе, во периодот од јули до ноември минатата година, просечно месечно скенирани се по осум милиони фискални сметки. Сега, само во декември 2019 година, скенирани се 12,5 милиони фискални сметки, односно постои раст од над 53 проценти.
– Овде треба да се истакне и за поголемата наплата на ДДВ, односно во декември растот на наплатата на ДДВ изнесува 12 проценти, додека наплатениот ДДВ од скенираните сметки бележи раст од 59 проценти. Исто така, во моментов има преку 200.000 корисници на апликацијата МОЈ ДДВ, што е уште еден доказ дека граѓаните веруваат во оваа мерка и дека овие граѓани ќе добијат повеќе пари во нивниот буџет. Граѓаните масовно стануваат партнери на државата и Управата за јавни приходи во борбата со сивата економија – рече Колемишевски.
Додаде дека се зголемува наплатата на ДДВ, расте бројот на нови корисници кои започнуваат со скенирање и сериозно расте бројот на скенирани фискални сметки.
– Гледаме и слушаме дека оваа мерка ја омаловажуваат и ја напаѓаат. На тие негативни и несфатливи коментари, би сакал да возвратам. Дали се малку 1.000 или 1.500 денари за вас кои коментирате? Не сакате ли македонскиот народ да има пополни фрижидери? Сакате ли македонскиот народ да нема доволно пари за сметки? Не сакате ли вашите сограѓани да имаат поубав и порелаксиран живот? Колку и да се обидувате да ја оцрнувате македонската економија и да ги напаѓате политиките на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, нема да ви успее. Нема да ви успее бидејќи фактите си го говорат своето, мерките се функционални, а македонските граѓани добиваат пари назад од државата – истакна претседателот на Комисија за економија на СДСМ.
Тој оцени дека економските политики на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија даваат реални и видливи резултати, а преку одговорен, домаќински пристап, обезбедивме можности сѐ повеќе пари да завршуваат назад кај граѓаните.