Зголемување на стапката за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, измени во Законот за акцизите, нова регулатива во сферата на платежните услуги и платните системи, нови банкноти, се само некои од новитетите најавени за следната година
Поради измени, кои беа донесени уште во 2018 г. во Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување, од следната година повторно ќе порасне стапката за задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Оваа измена, најверојатно, повторно ќе падне на товар на граѓаните, односно на сите вработени лица. Од следната година би требало да почне и примената на измените што се утврдени кај акцизните стоки, а во најава се и нови законски измени, кои ќе го опфатат доменот на банкарското работење.
Со измените во Законот за придонеси се зголемува стапката за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, која оваа година изнесуваше 18,4 отсто, а следната ќе биде 18,5 проценти. Додека, пак, стапката за задолжително здравствено осигурување оваа година изнесува 7,4 отсто, а следната ќе се плаќа по 7,5 отсто. Пред да настанат измените што ги донесе Владата, стапката за задолжително пензиско и инвалидско осигурување изнесуваше 18 отсто, а придонесот за задолжително здравствено осигурување 7,3 отсто. Во образложението на измените на законот беше истакнато дека истите тие се носат за да им се обезбедат постабилни приходи на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Оваа реформа треба да ги стабилизира фондовите на долг рок, но ги прави работниците поскапи и ги зголемува трошоците за работодавците. Поради тоа некои од работодавците одлучија новите повисоки придонеси да ги одбијат од нето-платите на работниците, а како ќе се пресметува новото бодување од следната година останува да видиме.
Со почетокот на 2020 година би требало да почне и примената на Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите. Притоа имателите на акцизни дозволи, имателите на одобренија за акцизно повластено користење и регистрираните трговци со минерални масла што содржат материи за обележување, се должни акцизните дозволи, одобренијата за акцизно повластено користење и регистрациите на трговци со минерални масла што содржат материи за обележување да ги усогласат со одредбите од овој закон и да достават барање за пререгистрација до 1 јануари 2020 година.
– Акцизните обврзници што до денот на почнување на примената на овој закон поднеле барање за планирање и подигање акцизни марки во согласност со Законот за акцизите, акцизните марки можат да ги подигнат најдоцна до 31 март 2020 година. При пререгистрација на акцизните обврзници, усогласувањето на постојните мерни уреди кај имателите на акцизни дозволи, ќе се врши во рок од една година сметано од 1 јануари 2020 година – појаснуваат надлежните.
Исто така, се посочува дека економските оператори што во големопродажни или во малопродажни објекти заклучно со 31 декември 2019 година имаат затечена резерва на непродадени количества течност за полнење електронски цигари во согласност со извршен попис можат да бидат во слободен промет необележани со акцизни марки до 31 март 2020 година.
Овој закон веќе имаше две одложувања, па упатените сметаат дека нема да доживее уште едно одложување, особено ако се има предвид дека е објавен оглас за „Изработка на физибилити-студија за воспоставување на јавно-приватно партнерство за електронски систем за следење акцизни добра“.
– Компјутерскиот систем за следење и контролирање на движењето на акцизни стоки е една од клучните новини, која предвидува следење и контрола на акцизни добра со компјутерски систем, а кој претставува уште една алатка за усогласување со системот на Европската Унија – стои во објаснувањето.
Следната година треба да се донесе нова регулатива во сферата на платежните услуги и платните системи, на чија изработка Народната банка и Министерство за финансии работеа изминатите две години. Новата регулатива ќе биде усогласена со законодавството на ЕУ и со стандардите и правилата за извршување на плаќањата во европските земји.
– Закон за платежни услуги и платни системи и соодветни подзаконски акти, очекуваме на среден рок, да придонесе за засилување на конкуренцијата во обезбедувањето на платежните услуги. Истовремено ќе биде и во функција на јакнење на пазарниот механизам, ќе придонесе за поголема и поконкурентна понуда на услуги во натамошниот период. Таа е фокусирана врз поттикнувањето поголема конкуренција, за подобри и подостапни услуги со поконкурентни цени за граѓаните и компаниите, како корисници на платежните услуги. Очекуваме да овозможи и механизми за институционална заштита на потрошувачите – објаснуваат од Народна банка.
Надлежните посочуваат дека можностите што ги нудат финансиските технологии можат да придонесат за намалување на трошоците за корисниците на финансиските услуги и за зголемување на ефикасноста и конкурентноста на давателите на овие услуги. Според нив, ќе се овозможи поголем спектар на финансиските услуги и полесен пристап на граѓаните и корпоративниот сектор до услугите.
Нови пари од 10 и од 500 денари
Следната година ќе бидат пуштени во оптек нови серии од банкнотите во апоенска вредност од 10 и 500 денари. Овие нови пари ќе го содржат новото име на институцијата и на државата, но од Народна банка истакнуваат дека издавањето на банкнотите е поради потреба од редовно дополнување на резервите од овие апоени.
– Нивното издавање и пуштање во оптек во овој период беше предвидено уште пред 2019 година, во согласност со оцените од анализите за потребата од нови количества книжни пари во оптек по одделни апоени, кои Народната банка ги спроведува на редовна основа. По пуштањето во оптек на новите серии од банкнотите во апоенска вредност од 10 и од 500 денари, во оптек остануваат и претходно издадените серии од овие апоени, кои се законско средство за плаќање во нашата земја – појаснуваат од Народна банка.
Одложени закони
Следната година требаше да се применуваат некои од измените направени со прогресивниот данок, но со одлука на Владата истиот тој се стави во мирување 36 месеци. Сега повторно доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи се оданочува со стапка од 10 проценти. А истата стапка е и за доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.
Од неодамна Законот за трговија на зелените пазари, кој исто така требаше да почне да се применува следната година, целосно беше укинат, со најава од министерот за економија Крешник Бекташи дека во следниот период ќе се изработува целосно нов закон.