Инцидентите и хавариите во електроенергетските капацитети никој не може да ги предвиди, но тие не треба да бидат изненадување ако се земе предвид дека гаранциите на производителите се 35 години, а во земјава се произведува електрична енергија во капацитети стари 40 години, изјави директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски при гостувањето во вечерашната „Топ тема“ на телевизијата „Телма“.
– Се вложува во нив, се инвестира, но не можеме да ги форсираме како што се форсирале во 2011, 2001, 1991 година. Во енергетиката 10 години е далеку, истрошеноста на материјалите е голема. По логиката на нештата, од технички аспект, РЕК „Битола” требаше да биде затворена 2015 или 2017 година – рече Ковачевски.
Тој нагласи дека се исклучува човечки фактор или саботажа за дефектот во РЕК „Битола”, како што шпекулираа некои медиумите, додавајќи дека трансформаторот е стар и е нормално да не е во добра состојба.
Ковачевски додаде дека во моментов функционираат првиот блок на РЕК „Битола”, Когенеративната гасна електрана во Скопје, хидропотенцијалот и ветерниот пат во Богданци, додека надвор од употреба се блоковите 2 и 3 во РЕК „Битола”.
– Блок 2 е во сервисни активности и се очекува до крајот на неделата да биде ставен во функција. Во Блок 3 се работи на изгорениот трансформатор, екипите даваат позитивни сигнали, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека поради хаваријата во РЕК „Битола”, морале да набават струја по „хупекс” цена или во спротивно ќе биле принудени неа да ја обезбедат преку европскиот систем што е за 50 отсто поскапо.