Амбивалентниот црно-бел приод во дебатите околу рудникот во јавноста засега остануваат. Потребно е активно вклучување не само на директно засегнатите страни, кои засега имаат непомирливи спротивставени аргументи и ставови, туку што повеќе вклучување независни експерти и професори од повеќе области заради давање еден објективен приод и решение што ќе биде најблиску до вистината. Секако, надлежните институции се крајно повикани, не како арбитер, туку како фактор што ќе го има последниот збор, во интерес на своите граѓани и државата
За рудникот „Иловица – Штука“ од самиот почеток има многу прашања, дилеми, па дури и тешки обвинувања од активистите и експертите од една страна и од компанијата „Еуромакс ресорсис“ од друга страна. Дали рудникот ќе предизвика загадување на почвата, водата и воздухот, дали ќе се појави проблем со квалитетот на земјоделските производи, предвидена ли е заштита на целата површина на хидројаловиштето, сѐ со цел да не се уништат подземните води од понирање на дел од јаловината, сите овие прашања последниов период зедоа голем замав и предизвикаа силен јавен интерес. Во тој контекст, во продолжение нашиот соговорник Ангел Наков од екоздружението „Спас за нас“, но и тројца реномирани универзитетски професори, со свои аргументи за и против работењето на рудникот.
Ангел Наков, претседател на здружението на граѓани „Спас за нас“, смета дека со отворањето на овој рудник би дошло до девастирање на природниот релјеф на локалитетот со формирање огромен кратер, со длабочина од 700 метри на една страна, а на друга огромно плато од ископана руда и брани за хидројаловината. Според него, тоа ќе значи и нарушување на почвата, подземните и надземните води. Но, сепак, тој ги повикува Владата и соодветните институции како одговорни да дадат релевантно и издржано објаснување во јавноста по ова прашање, потпрено врз темелни истражувања. Тој нагласува дека токму Владата треба објективно да зазема став, бидејќи има најшироки ресурси (информации, фактичка состојба, научни компаративни истражувања, материјални средства, како и човечки ресурси) што може да ги стави во погон и, во контекст на еден највисок интерес, да донесе јасен став и одговор за јавноста.
– Сметам дека Владата на Македонија треба да им одговори на граѓаните дали во Иловица уште на почетокот ќе се исечат 1.500 хектари шума, дали ќе се отвори кратер со површина од најмалку 7 квадратни километри и длабочина од 700 метри, дали ќе се формира езеро со хидројаловина од 200 милиони кубни метри, дали ќе има депонија на јаловина со површина од над осум квадратни километри? Дали постои во светот рудник со отворен коп во чист земјоделски регион со 80.000 земјоделци – истакна Наков.
Како што смета тој, освен платите и придонесите за вработените, данокот на потрошената нафта и два отсто од добиените злато и бакар, не постои никакво друго учество во БДП на Македонија.
– Тоа, пак, пресметано според податоците дадени во студиите на „Еуромакс ресорсис“, изнесува 0,2 отсто во БДП на Македонија, а земјоделството учествува со 10 отсто во БДП и вработува над 100.000 луѓе. Рудници со отворен коп се отвораат во пустински предели, ненаселени подрачја, а никако и никаде во земјоделски региони, шумски предели, извори на чисти подземни и надземни води, туристички дестинации – објаснува Наков.
Од друга страна, низ научноистражувачкиот ракурс на професорот на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Дејан Мираковски, тој тврди дека со денешната технологија сосема е можно рудниците воопшто да не предизвикуваат загадување на околната животна средина и тоа требало што подетално и пофреквентно да им се објаснува на граѓаните.
– Околу емисиите на честички од идниот коп и придружните процеси детално е елаборирано во студијата за ОВЖС изработена од реномирани меѓународни консултантски куќи. Во овој документ има посебен додаток, каде што се опишани постапките на процена, сегашниот квалитет на воздухот во зоната на проектот и очекуваниот придонес од планираните активности. Моделите покажуваат занемарливо мало влијание врз квалитетот на воздухот, како непосредно до копот така и во пошироката зона на активности, без надминување на граничните вредности на која било загадувачка супстанција – објаснува Мираковски.
Тој додава дека овој проект не би требало да го загрози воопшто квалитетот на воздухот во неговата околина.
– Јас лично верувам дека доколку се преземат сите планирани мерки, нема зошто да не се реализираат наводите од студијата, особено што при изработката на тој документ во целост се користени стандардни методи за процена и анализа препорачани од Агенцијата за животна средина на САД. Впрочем, и истражувањата во Македонија, како и искуствата од активните рудници, ги потврдуваат овие констатации. На пример, еден од најреномираните истражувачи во оваа област, проф. Стафилов, во публикацијата „Геохемиски атлас на Радовиш и неговата околина и дистрибуција на тешките метали во воздухот“, констатира дека дистрибуцијата на тешките метали во високи содржини преку правот не засегнува подрачја подалечни од рудникот – вели Мираковски.
Тој нагласува дека има многу рудници во светот, но и во регионот, што се отворени во близината на населени места и покрај земјоделски површини, спомнувајќи ги Србија, Бугарија, Шпанија, кои воопшто не влијаат врз квалитетот на животот на населението.
Уште еден независен експерт од оваа област, универзитетскиот професор Благој Голомеов, вели дека технолошкиот процес во рудникот „Иловица – Штука“, кој е дизајниран за збогатување на корисната минерална компонента (главно халкопирит) во вид на бакарен концентрат со одредена содржина злато е процес на флотациска концентрација што се применува широко, во светски рамки, за сулфидните минерали на бакар.
– Бидејќи се работи за мономинерална суровина, реагенсниот режим што се применува е многу едноставен и со мал број хемиски компоненти. Овој процес се состои во концентрирање на корисните минерали, носители на бакар, при што воопшто не се менува хемискиот состав на минералната суровина. Главно, реагенсниот режим се состои од додавање ксантат (колектор), пенливец и гасена вар. Ксантатот речиси во целост се апсорбира на површината на корисните минерални зрна. На тој начин се овозможува нивно прилепување за воздушните меури, кои се создаваат во пулпата со вшприцување воздух и како комплекс воздушен меур-минерално зрно испливува на површината од флотациската ќелија и се преведува во производ концентрат со збогатена содржина на бакар, кој претставува дефинитивен производ, кој се носи во топилница – објаснува Голомеов.
Како што вели тој, пенливецот се додава за намалување на површинскиот напон на течната фаза во флотациската ќелија, заради создавање стабилна и богата пена.
– Со тоа се создаваат предуслови за стабилност на комплексот воздушен меур-минерално зрно, испливува на површината и има доволно време да се отстрани од флотациската ќелија и преведе во концентрат – појаснува Голомеов.
Тој додава дека третиот неопходен реагенс е гасена вар за регулирање на пХ-вредноста на пулпата.
– Ксантатот и пенливецот, иако токсични, речиси во целост се отстрануваат заедно со концентратот и само незначителен дел останува во јаловината што се депонира во хидројаловиштето. Тој незначителен дел, само за неколку дена, се разградува и се распаѓа. Ако се земе предвид дека технолошкиот процес на рудникот „Иловица – Штука“ е дизајниран така што целокупната вода што се употребува во технолошкиот процес се рециркулира и повторно се враќа на почетокот, со право може да се каже дека негативниот импакт врз животната средина е сведен на минимум – нагласува Голомеов.
Тој вели дека е неопходно рециркулација на водата, бидејќи за преработка на 10 милиони тони руда годишно, колку што е проектираниот капацитет на рудникот, неопходни се околу 23 милиони кубни метри вода.
– Невозможно и неисплатливо е набавка на толкави количества свежа вода секоја година. Затоа процесот е дизајниран да нема никакво испуштање вода во околната средина и да постои рециркулација. Годишно во процесот ќе се внесуваат само 3 милиони кубни метри свежа вода. Тоа е количество вода што годишно ќе останува заробено во јаловината во таложното езеро – објаснува професорот.
Според него, ваквите технолошки процеси за концентрација на сулфидни бакарни минерали се најраширени во светски рамки.
– Само во најблиското соседство ги има „Бор“ и „Мајданпек“ во Србија, со капацитет од околу 20 милиони тони годишно, „Елаците“ во Бугарија со 40 милиони тони годишно итн. – додава Голомеов.
Што се однесува до проблематизираното прашање со браната, беше прашан професорот на Градежниот факултет во Скопје, Љупчо Петковски. Тој вели дека насипна брана има напречен пресек во форма на трапез, односно нема вертикален ѕид какви што се бетонските брани.
– На планетарно ниво се регистрирани околу 60.000 брани според меѓународната комисија за брани, иако бројот на изградени брани е многу поголем. Од нив, околу 70 отсто се насипни брани, тоа се градежни објекти со највисоки коефициенти на сигурност. Поголема е веројатноста планината Водно да падне врз Скопје, отколку да се урне насипната брана „Штука“.
Тој додава дека насипот претставува структура за задржување и складирање на отпадната карпа на рудникот.
Сепак, амбивалентниот црно-бел приод во дебатите околу рудникот во јавноста останува. Потребно е активно вклучување не само на директно засегнатите страни, кои засега имаат непомирливи спротивставени аргументи и ставови, туку што повеќе вклучување независни експерти и професори од повеќе области заради давање еден објективен приод и решение што ќе биде најблиску до вистината, заедно со јавниот граѓански и државен интерес. Секако, надлежните институции се крајно повикани, не како арбитер, туку како фактор што ќе го има последниот збор, во интерес на своите граѓани и државата.