Во согласност со проекциите од Стратегијата за управување со јавниот долг, изработени од Министерството за финансии, се очекува годинава јавниот долг на Македонија да достигне 63,4 проценти од БДП, додека следната година да се искачи на 64 проценти. Намалувањето на јавниот долг, според петгодишниот план, би започнало во 2024 година, по што во 2025 година, тој би требало да се спушти под психолошката граница од 60 проценти, на 58,8 отсто од БДП
ПО ПРОГНОЗИТЕ ДЕКА ЗАДОЛЖЕНОСТА И ПОНАТАМУ ЌЕ РАСТЕ
Растот на јавниот долг на Македонија, кој ја надмина и психолошката граница од 60 проценти од БДП, беше неминовен поради пандемијата, која значително ги забави вообичаените економски текови. Здравствено-економската криза предизвика раст на јавниот долг во поголем дел од земјите во светот, што, покрај ударот врз економијата, се должеше и на растот на трошоците во здравствениот сектор. Во согласност со проекциите од Стратегијата за управување со јавниот долг, изработени од Министерството за финансии, се очекува годинава јавниот долг на Македонија да достигне 63,4 проценти од БДП, додека следната година да се искачи на 64 проценти. Намалувањето на јавниот долг, според петгодишниот план, би започнало во 2024 година, по што во 2025 година, тој би требало да се спушти под психолошката граница од 60 проценти, на 58,8 отсто од БДП.
Инаку, јавниот долг заклучно со март 2021 година достигна 62,5 проценти од БДП, а државата сега должи над 7 милијарди евра. Јавниот долг ги опфаќа парите што ги должат државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државана сопственост…
Исплатливоста на долгот
– Ковид-кризата влијаеше речиси кај сите економии кон продлабочување на буџетскиот дефицит, а со тоа и раст на државниот долг. Имено, падот на економската активност влијаеше негативно врз приходната страна, односно наплатата на давачките, додека на зголемувањето на расходната страна влијаеше растот на здравствените трошоци и стимулативните економски мерки. Во Европа, освен кај Норвешка, се забележува раст на државниот долг. Во согласност со податоците на Меѓународниот монетарен фонд, најголем раст на државниот долг во Европа за 2020 година, во споредба со 2019 година, има Шпанија, со раст од 27,5 процентни поени, или државен долг од 123 проценти од БДП, понатаму Италија, со раст на долгот од 27 процентни поени, или државен долг од 161,8 отсто од БДП, и Грција, со раст од 24,3 процентни поени и државен долг од 205,2 проценти од БДП. Во регионот, покрај Грција, Албанија има најголем раст на долгот, од 15,6 процентни поени и државен долг од 83,3 отсто од БДП, понатаму Словенија, со раст од 14,9 процентни поени и долг од 81 процент од БДП, и Хрватска со 14,5 процентни поени раст на долгот и државен долг од 87,7 отсто. Од 38 земји, Република Северна Македонија има понизок државен долг од 24 земји и помал раст на државниот долг во 2020 година од 22 земји. Особено е важно долгот да биде на одржливо ниво, кое, според процените на ММФ во извештајот за земјава од април 2020 година за македонската економија, не надминува 70 проценти од БДП. Исто така е важна цената што ја плаќаме за долгот да биде исплатлив, односно додадената вредност – растот што ќе го продуцира да биде поголем од каматната стапка – напиша неодамна министерот за финансии Фатмир Бесими во своја колумна.
Се изработува план за финансирањето на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст
Меѓу другото, тој елаборира дека во насока на заложбите за фискална консолидација, а наедно и заложбите за удвојување на економскиот раст и постигнување годишни стапки на раст на БДП од околу 5 проценти, во Министерството во завршна фаза на изработка е планот за финансирањето на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст.
– Овој план дава одговор за нови начини за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку проекти во јавниот и приватниот сектор. Со планот сакаме да ги зголемиме вкупните инвестиции во економијата, а притоа да останеме на планираниот курс постепено да го намалуваме фискалниот дефицит, а со тоа и да го задржиме долгот на стабилно ниво – потенцира Бесими.
Поранешниот гувернер Петар Гошев објаснува дека сегашната задолженост за нашата држава е висока и дополнува дека одржливоста на јавниот долг подразбира да може државата навремено да ги намирува обврските преземени со кредитите.
– Дел од позајмените пари се користи за враќање на претходни долгови и за покривање на дупките во буџетот, планирани за тековните расходи. Во согласност со плановите најавени од институциите, нашиот јавен долг ѐе уште ќе расте, можно е да достигне и докај 63, 64, па дури и 65 проценти во следниве години, по што ќе почне да се стабилизира и да се намалува. Јавниот долг е очекувано да расте, односно да расте вкупната сума што ја должиме како држава, а ќе расте и процентот на јавниот долг од БДП следниве две-три години, а потоа се очекува да стагнира. Во случај ако нашиот бруто-домашен производ расте над 4 проценти, а дефицитот е под 4 проценти, тогаш може да почне да се намалува процентот на долгот од БДП, но сумата и понатаму ќе продолжи да расте. Самата сума не кажува доволно за задолженоста на една земја, апсолутниот раст не зборува доволно. Но како процент од БДП задолженоста дава поинаква слика. Ако БДП порасне повеќе отколку што расте јавниот долг, значи дека товарот на државата се намалува. Затоа велиме апсолутната сума не е пресудна, туку колкав процент истата таа опфаќа од БДП – објаснува Гошев.
Задолжувањата што ги направила државата биле неминовни
Поранешниот гувернер дополнува дека значаен аспект што мора да се спомене на тема јавен долг е што во овој случај задолжувањата што ги направила државата биле неминовни, бидејќи поради ковид-кризата приходите се намалиле, додека расходите се зголемени.
– Доколку немавме претходните години непродуктивни задолжувања направени во времето на претходната владејачка гарнитура, денес ќе имавме поголема слобода, но со задолжувањата за споменици, врби, компјутери во училиштата ги скратија денешните можности и долгот порасна без ефект. Овој пат задолжувањето беше неопходно, но на оваа гарнитура може да ѝ се забележува начинот на трошење на финансиите – потенцира Гошев.
Министерот Бесими при образложување на планот за финансирање на економското заздравување и забрзан раст појасни дека истиот тој има цел финансирање на заздравувањето на економијата погодена од ковид-19 и поддршка на забрзан и одржлив раст, а притоа одржување фискална стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор, како дополнување на финансиските средства издвоени од буџетот.
– Очекувани резултати на среден рок од планот се: удвојување на економскиот раст од просечна стапка на раст од 2,5 отсто во изминатата декада на стапки на раст од 5 проценти, зголемување на инвестициите во јавната инфраструктура, како и зголемување на инвестициите кај приватниот сектор преку механизам на мултипликација на финансиите со приватни покрај јавните извори на финансирање, одржување фискална стабилност во рамките на мастришките правила за јавен долг и буџетски дефицит. Следствено, инвестициите и забрзаната динамика на раст ќе придонесат кон зголемување на работните места и подобрување на стандардот и квалитетот на живот на граѓаните. Ни претстојат напорна работа, јавни дискусии, дебата и размена на идеи за да дојдеме до најдобрите решенија што на среден и долг рок ќе донесат до економски развој и подобри услови на живот за нашите граѓани – заклучува Бесими.