Македонското стопанство и на прагот на 2020 година, без сомнение, е соочено со речиси истите предизвици како и во последните неколку години, а тие се однесуваат, пред сѐ, на административните и на политичките бариери. Имајќи предвид дека ниту еден одговор на овие предизвици не може да биде ефикасен без силна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, јасно дефинирање цели и мерки за нивно спроведување, конкретни акциски планови и засилување на концептот на одговорност за нивната реализација, „Нова Македонија“, низ видувањата на некои од клучните луѓе во бизнис-заедницата, издвојува неколку одговори на прашањето како да се дојде до економски поуспешна 2020 година. Заеднички за сите се барањата за владеење на правото, сузбивање на сивата економија, функционална администрација, реформи во образованието…
Даночен календар и реформи во образованието
Бранко Азески
„Развивање нов и модерен пристап за водење индустриски политики, базиран на успешни примери и развиена методологија од брзорастечките земји, поткрепен со стручна и аналитичка поддршка за извозно ориентирани компании, во насока на подобрување на нивните извозни перформанси“
Владеење на правото, функционална администрација и ефикасни и функционални институции, се општи препораки за подобра бизнис-клима според претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, но тој издвојува и дополнителни препораки, кои се од интерес за бизнис-заедницата.
– Развивање нов и модерен пристап за водење индустриски политики, кој ќе им го предложиме на креаторите на политиките во земјава, базиран на успешни примери и развиена методологија од брзорастечките земји, поткрепен со стручна и аналитичка поддршка за извозно ориентирани компании, во насока на подобрување на нивните извозни перформанси. Започнавме проект, чија цел е поттикнување на процесот на модерна индустријализација и подобрување на извозната конкурентност како најдобри решенија за македонската економија во наредниот период – појаснува Азески.
Азески како втора препорака ја истакнува потребата од стабилна и применлива регулатива, основна претпоставка за навремено планирање на активностите, за натамошен раст на бизнисот, а со тоа и за поттикнување на економскиот раст.
– Тоа значи менување на прописите во редовна постапка, со вклучување на бизнис-секторот во процесот на консултации, наместо брзи и чести промени, кои создаваат финансиски или други импликации врз работењето на фирмите, кои поради брзите измени, ниту биле планирани ниту можеле да бидат предвидени – вели Азески и додава дека еден од клучните проблеми со кои се соочуваат бизнисмените е неизвесноста со даночната политика. Тој предлага воведување даночен календар, со кој на крајот од првото полугодие од годината компаниите ќе знаат како ќе изгледа даночната политика што ќе се применува од почетокот на наредната календарска година за да ја имаат втората половина од тековната година за вградување на измените во своите финансиски планови.
– Вака зголемената предвидливост на економскиот амбиент во делот на даноците ќе го олесни носењето одлуки за нови инвестиции и нови работни мести – истакнува Азески.
Како последна препорака за подобра бизнис-клима, Азески ја издвојува реформата на образовниот систем во земјава како еден од врвните приоритети, со фокус на стручното образование и обука, како и моделот на дуално образование, кое ќе испорачува стручни кадри за реалниот сектор во насока на подигање на продуктивноста на компаниите и нивните планови за иден развој и вложувања, што крајно се рефлектира на вкупната национална економија и нејзината конкурентност на меѓународниот пазар.
Ослободување на ИКТ-индустријата од даноци
Анета Антова Пешева
„МАСИТ предлага модел што ќе ги намали трошоците по основа на придонеси со конкретно предлог-решение: да се лимитира или да се постави горен праг за пресметување на придонесите“
Посебен даночен третман за ИКТ-секторот за да ги вратиме младите инженери дома, е мерка што ја предлага претседателката на управниот одбор на МАСИТ, Анета Антова Пешева, како еден од исчекорите што би требало да се случат во наредната година, а како пример за успешна реализација на таквата мерка ја посочува Романија.
– МАСИТ предлага целосно ослободување од даноци за компаниите од ИКТ-индустријата. Со ваквото даночно ослободување очекуваме компаниите, плаќањата и трошоците по основа на плати, да ги пренаменат за дополнително зголемување на платите на вработените и дополнителни бенефиции кон нив и на тој начин да се влијае на задржување на младите кадри дома и на привлекување на оние што заминале да се вратат во државата – појаснува Антова Пешева.
Претставниците на МАСИТ укажуваат дека е потребна и промена на моделот на пресметување на придонесите за вработените во ИКТ-секторот.
– Како резултат на фактот што вработените во ИКТ-индустријата имаат поголеми просечни плати од просекот на исплатени плати во државата, трошокот на фирмите за плаќање придонеси за вработените во ИКТ-секторот е неспоредливо поголем во однос на другите сектори. По примерот на Бугарија, МАСИТ предлага модел што ќе ги намали трошоците по основа на придонеси со конкретно предлог-решение: да се лимитира или да се постави горен праг за пресметување на придонесите, кој би значел пресметка на придонесите за вработените во ИКТ-индустријата за максимален износ на плата што е утврден како просечната исплатена плата во индустријата зголемена за 50 проценти – дополнува Антова Пешева. Според неа, на овој начин ќе се намалат фискалните обврски што на фирмите ќе им остави простор за користење на слободните средства или во правец на зголемување на платите на вработените или во насока на отворање нови работни места.
Третиот предлог на МАСИТ е признавање на трошоците поврзани со вработените како признаени расходи. Според нив, инвестициите и трошоците направени во функција на подобрување на стручните способности и психофизичката состојба на вработените не се признаени и влегуваат во основата за пресметка на данокот од добивка. Таа, меѓу другото, истакнува дека компаниите од ИКТ сметаат дека е потребно да инвестираат во образовните установи во државата со што на директен начин ќе го поддржат образовниот процес, кој треба да продуцира стручни кадри. Предлогот на МАСИТ е и ослободување од даноци при донации во образовни институции.
Борба со сивата економија и владеење на правото
Данела Арсовска
„Наш приоритет и во 2020 ќе биде интензивирање на борбата со нерегистрираните бизниси односно со сивата економија, која во моментов е над 37 отсто од вкупната економија“
Сојузот на стопански комори на Македонија во приоритетите на стопанството, како клучни три, ги истакнува барањата да престане практиката на брзи измени на законите и нивно носење без активно учество и консултации на релевантните страни што го застапуваат приватниот сектор. Втора препорака е интензивирање на борбата со нерегистрираните бизниси, а трет приоритет е демонстрирање јасна волја за владеење на правото и отстранување на сомнежите за коруптивно однесување.
– Во изминатата година општата и економската стабилност беа поткопани од политичката поларизација, непочитување на владеењето на правото, што дополнително ја разниша довербата на компаниите и на граѓаните. Честото менување на законите, без консултација со засегнатите страни, резултира со неприменлива легислатива. Нема оправданост во донесување на законите без консултација со стопанството, поточно со оние што треба да ги применуваат конкретните закони. Тоа води кон импровизирање и законски решенија, кои се неприменливи во практиката, кои резултираат со потреби од нови измени. Ни компаниите ни институциите немаат доволно капацитет да ги следат и применат доследно големиот број закони што се менуваат. Дополнително, постојат непрецизирани закони, кои отвораат можност за различно толкување и префрлање надлежности меѓу институциите – вели Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Таа истакнува дека, според препораките на Советот на Европа, со учество на коморите како засегнати страни во самото правење нацрти на законите може да се изработи квалитетна, применлива и функционална регулатива.
Арсовска истакнува дека сојузот останува на своите заложби за справување со конкуренцијата од сивата економија.
– Наш приоритет и во 2020 г. ќе биде интензивирање на борбата со нерегистрираните бизниси, односно со сивата економија, која во моментов е над 37 отсто од вкупната економија. Препораките се институциите да пристапат кон доследна имплементација во практика на Законот за забрана и спречување за вршење нерегистрирана дејност. Сојузот активно се вклучува со голем број механизми во заедничка акција за детектирање и санкционирање на нелојалната конкуренција од фирмите што затајуваат данок. Во исто време во соработка со институциите се залагаме за едукативна наместо репресивна функција на инспекциските служби кон регистрираните компании, за достоинствен третман на даночните обврзници што редовно и совесно ги плаќаат даноците – истакна Арсовска.
Таа истакнува дека услов за обезбедување нови инвестиции е владеење на правото. Довербата на инвеститорите може да се зацврсти со воспоставување владеење на право, еднаквост пред законите и овозможување предвидливост.