Фото: Маја Јаневска-Илиева

Откако јавниот долг во земјава „дебело“ ја надмина психолошката граница од 50 отсто од БДП и од средно задолжени почна да се движи кон категоријата високо задолжени земји, експертите предупредуваат оти треба да се внимава

Економијата во нашата држава ќе се соочува со тешкотии што ќе вршат притисок врз макроекономската стабилност поради неквалитетното трошење на јавните финансии што создаваат високо ниво јавен долг, проследена со раст на инфлацијата. Сегашното ниво на долгот е во ризична позиција и мора да се наоѓаат мерки што ќе водат кон негово намалување. Заклучно со шестиот месец оваа година, јавниот долг во земјава достигна 64,4 отсто од БДП, додека, пак, државниот долг беше 55,9 отсто од БДП. За релативно кратко време од неколку години, јавниот долг на Македонија ја надмина психолошката граница од 50 отсто од БДП и од средно задолжена, таа се движи по патеката на високо задолжена земја.

Насекаде се појавува
мала и срамежлива,
но заканувачка инфлација

Поранешниот министер за финансии Никола Поповски во својата колумна вели дека креирањето дополнителни нивоа на таканаречен непродуктивен јавен долг е закана за одржувањето на стабилноста на јавните финансии на подолг рок. Според него, трошењето на парите од задолжувањето се употребува за финансирање на тековните јавни трошоци и оттука таквиот новосоздаден јавен долг се класифицира како непродуктивен, што значи дека тој не е во насока на создавање каков било економски поврат и со тоа и раст во иднина. Тоа е така бидејќи она што тој го создава, всушност, е само товар за идниот раст на продуктивноста, инвестициите во приватниот сектор и за создавањето нови работни места.

– Кога институциите и државите зборуваат за зголемено јавно трошење, па дури и за зголемени јавни инвестиции, мора постојано да се прашуваме и за тоа зошто, на пример, не се остави тие инвестиции да ги прави самиот приватен сектор, бидејќи, многу често, дури и во такви околности се случуваат т.н. непродуктивни инвестиции. На пример, инфраструктурните системи и објекти многу често се градат со претерано високи трошоци, кои редовно ги надминуваат првобитно проектираните и за половина, еднаш, па дури и два и повеќе пати, а тие повторно се со многу ниска продуктивност или ниско ниво на создавање продуктивни нови работни места. Во нашата земја такви примери со речиси сите објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, па дури и изградбата на автопатот Кичево – Охрид и други јавни инфраструктурни инвестиции – истакнува Поповски.
Тој вели дека ризикот што инвеститорите во јавниот долг на националните економии го пресметуваат не е зависен само од текот на новиот долг туку и од вкупното ниво на јавниот долг што државите го имаат во своето портфолио. Во моментов, во многу економии во светот, вклучувајќи ја и македонската, се случува токму тоа – високите јавни дефицити секоја година се додаваат на веќе високите нивоа на јавниот долг.
– Високите износи на јавен долг досега се финансираа со релативно ниски камати поради ниското и стабилно ниво на инфлација во економиите и поради ниските, блиски до нулти номинални каматни стапки што постоеја на светските финансиски пазари. Сега насекаде се појавува мала и срамежлива, но заканувачка инфлација од два и повеќе отсто. Таа може да ја заостри неизвесноста околу појавата на мини-должничка криза. Државите имаат потреба од нови дефицити и кредити за финансирање на веќе нараснатите потреби за јавно финансирање, а од друга страна позајмувањето веќе нема да може да биде со незначително ниски каматни стапки. Достасувањето на јавниот долг ќе мора да се рефинансира со повисоки каматни стапки, односно со поголеми трошоци од и онака недоволните средства во буџетите – смета Поповски.

Македонија од поодамна е во опасна зона на задолженост

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека оптималното ниво на долгот е 53,42 отсто и дека од 2017 до 2020 година, јавниот долг се движел околу 50 отсто од БДП.
– Просторот што постоеше до 2008 година, кога јавниот долг изнесуваше околу 26 отсто од БДП, „се потроши“ за шест-седум години преку проектот „Скопје 2014“. Некои економисти ја квалификуваат оваа висина на јавниот долг како умерена, но нашите научни анализи за оптималното ниво на јавниот долг покажуваат дека прагот на позитивна корелација помеѓу долгот и растот изнесува 53,42 отсто. Имено, овој резултат се совпаѓа и со сознанијата во истражувањата, врз основа на кои јавниот долг на земјите во развој треба да изнесува околу половина од оној во развиените земји, кој, пак, според врвните светски економисти, е утврден помеѓу 90-100 отсто од БДП – посочува Беџети.
Според него, проблемот не е само во висината на долгот туку во тоа за што се искористени парите од задолжувањата, бидејќи со непродуктивни трошења Македонија од поодамна е во опасна зона на задолженост, така што ќе мора да се фокусираме на приоритетни и капитални проекти.

Изворите на растот да се бараат во здравите фирми и во санацијата на јавните финансии

Универзитетскиот професор Марјан Петрески потврдува дека Владата прибегна кон големо задолжување за да обезбеди ликвидност во услови на пандемија, во износ од околу 10 отсто од БДП, што придонесе јавниот долг нагло да скокне.
– Сметам дека евентуалната граница на долгот сега има само релативно значење и фокусот на анализите и дебатата треба да биде на две прашања од значење за среден до долг рок. Првото е дали барем дел од овие средства ќе може да се искористат за создавање подобри услови во економијата и компаниите да бидат носители на растот во моментот кога здравствениот аспект на кризата ќе олабави – додава Петрески.
Тој вели дека тоа ќе биде особено важно, бидејќи земји како Македонија мора да ги најдат изворите на растот, веројатно во здравите фирми, вклучени во меѓународните синџири на снабдување и со голем потенцијал за извоз, како и во јавните инвестиции.

– Второто прашање е санацијата на јавните финансии по пандемијата, за која по мое убедување ќе може да зборуваме најрано во 2022 година, а можеби и подоцна. Ова ќе вклучи прашања за консолидација на дефицитот, проширување на даночната основа и зголемување на даночните приходи, за да се вратиме на здрава фискална патека откако ќе ги снема фискалните ризици од ковид-19 – потенцира Петрески.

И поранешниот министер Поповски заклучува дека е време да се соопшти дека државите треба благовремено да престанат да ги користат преобилните и несоодветни фискални и монетарни стимули како алатки, но и како алиби за избегнување на потешката работа, и дека е потребно започнување нови структурни реформи, соодветни на времето во кое живееме и, уште повеќе, на она што допрва ни претстои.


Јавниот долг на најразвиените држави е енормно висок

На крајот од првиот квартал во оваа 2021 година, вкупниот јавен долг на ЕУ изнесуваше огромни 92,9 отсто од нејзиниот БДП, а земјите од еврозоната, кои претставуваат огромно мнозинство од членките на ЕУ, првпат во историјата регистрираа јавен долг што го надминува нивниот БДП, односно тој изнесуваше точно 100,5 отсто од БДП на економиите од еврозоната. Дури седум од 19-те земји членки на еврозоната веќе имаат јавен долг над нивото на нивниот БДП, а предводници се Грција со јавен долг од 209,3 отсто од БДП, Италија со 160 отсто, Португалија со 137,2 отсто… И другите развиени држави се соочуваат со слични или исти проблеми. Јавниот долг на САД, на пример, веќе е 107,6 отсто од БДП, а јапонскиот јавен долг надмина 220 отсто.