Индустрискиот сектор е важен темел на економијата и е тесно поврзан со најбитните економски теми, како што се економски раст, инвестиции, извоз, вработување, истражување и развој, продуктивност, додадена вредност, иновации. Токму во таа насока треба да бидат и следните чекори, тврдат стопанствениците
НЕПОВОЛНИ ПОКАЗАТЕЛИ ВО СФЕРАТА НА ЕКОНОМИЈАТА
Намалувањето на индустриското производство е во континуиран пад. Статистичките податоци покажуваат дека се намалува индустриското производство во Македонија.
Во периодот од септември минатата година до истиот месец годинава, работата во индустријата е со пад од осум отсто. Ваква состојба покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Капиталните производи се намалени за 41 отсто, а сериозен пад од 15 отсто има и кај преработувачката индустрија. Извештајот покажува дека намалување од 4,7 отсто има кај производството на храна, производството на текстил е намалено за 41 отсто, а производството на облека за речиси 23 отсто. Производството на метали, пак, има намалување од 16 отсто, додека производството на машини и компјутерски делови бележи намалување од близу 44 отсто.
Колку овие податоци се сигнал за влошување на состојбите во економијата, дали падот на индустриското производство може да ги измести макроекономските проекции и како да се дојде до наминување на оваа криза разговараме со претставници на бизнис-заедницата.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организација на работодавци на Македонија, падот на индустриското производство е резултат на проблемите во економијата што ги донесе ковид-кризата и некои долгорочни фактори и тенденции, како што е недостигот од стручен и квалификуван кадар во индустријата.
– Ако се споредат индексите на индустриското производство со индексите на бројот на работниците во индустријата, ќе може да се забележи дека во различни сектори се покажуваат различни тенденции, што зборува за фактот дека некаде е одлучувачко влијанието на пандемијата, а некаде големо учество имаат и долгорочните тенденции.
Така, на пример, во вкупната индустрија падот на производството е за 8 отсто, а падот на бројот на работници за 2,1 отсто, што зборува дека компаниите, и покрај тешкотиите во производството, се одлучиле да ги задржат работниците и се надеваат на подобрување на состојбите во идниот период. Овде е потребно да го спомнеме и индексот на бројот на работници во септември 2021 во однос на просекот од 2015 година, кој покажува пад од 3,1 отсто, што зборува дека постојат и долгорочни тенденции за пад на бројот на работници во индустријата, кои не се толку драстични како падот предизвикан од пандемијата – посочува Димитров.
Тој додава дека, пак, во други сектори постојат други тенденции, како во производството на облека. Таму падот на производството е 22,8 отсто, а падот на бројот на работници дури за 8,6 отсто или за четири пати поголем пад од просекот на индустријата.
– Ако овде го земеме предвид и падот на бројот на работници во однос на просекот од 2015 година, кој изнесува огромни 32,5 отсто, тогаш е јасно дека покрај големиот пад предизвикан од пандемијата, овде се присутни и поизразени долгорочни тенденции за пад на бројот на работниците предизвикани од други фактори – потенцира Димитров.
Додека, пак, состојбата со производството на метали, како што вели тој, е друга, падот на производството е за 16 отсто, а падот на бројот на работници само за 1,5 отсто, што зборува за тоа дека овде, покрај пандемијата, има и некои сезонски нарушувања.
– Сето ова зборува дека кризата предизвикана од пандемијата во 2021 година посилно го погоди нашето стопанство за разлика од 2020 година. Некои проблеми, како што се прекините во транспортот, намаленото производство на суровини и материјали, зголемените цени на енергијата, овој пат многу го отежнаа нормалното функционирање на индустријата.
Сметам дека Владата малку се „умори“ со мерките за справување со кризата и во овој период е преокупирана сама со себе. Затоа компаниите мора да се снаоѓаат како знаат и умеат – објаснува Димитров.
Тој смета дека и покрај големите проблеми што ги имаме денес, најважно е што на долг рок ние имаме намалување на бројот на работници во индустријата и најважно прашање е дали ова намалување ќе успееме да го надоместиме со поголема автоматизација, дигитализација и зголемување на продуктивноста.
– Проблемите во образованието и неусогласеноста со потребите на пазарот на трудот и понатаму негативно ќе влијаат на овој процес. Но кај нас има уште една голема неусогласеност помеѓу желбите и можностите. Ги гледаме развиените западноевропски држави и сакаме да се споредуваме со нив. Но нашите можности се сосема поинакви. На овој степен на развој, за нас растот на индустријата и извозот се неопходни за да можеме нормално да функционираме. Се разбира дека е потребно да ги субвенционираме разните пропулзивни гранки, како ИТ-индустријата, услугите, но мора да сфатиме дека тоа е процес и не можеме прекуноќ да ја промениме нашата структура на стопанството. И нашите партнери во Европа од нас не очекуваат некои големи иновации и софистицирани производи, туку висококвалитетни производи, произведени со висока продуктивност и брза испорака – истакнува Димитров.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека индустрискиот сектор е важен темел на економијата и е тесно поврзан со најбитните економски теми, како што се економски раст, инвестиции, извоз, вработување, истражување и развој, продуктивност, додадена вредност, иновации.
– Тоа значи дека раст и развој на економијата не може да се постигнат без унапредување на овој сектор. За жал, сега бележиме стапки на пад на индустриското производство, што покажува дека и економијата е во состојба на слободен пад. Оваа состојба, меѓу другото, се должи и на намалувањето и откажувањето на нарачките од странски партнери во автомобилската индустрија, нереализацијата на капиталните инвестиции, намалените странски инвестиции, намаленото производство на струја. Факт е дека на екстерните фактори, како што е откажувањето на нарачките, не може да се влијае и да се контролира, но тој пад можеше да се надомести со многу подобра реализација на капиталните инвестиции или обезбедување повеќе странски инвестиции – сметаат од ССК.
Оттаму нагласуваат дека реализацијата на капиталните инвестиции, која може да повлече раст на целокупната економија, е на многу ниско ниво, додека пак последните бројки покажуваат и дека Македонија е со најголем пад во гринфилд-инвестиции во регионот, додавајќи дека соседните земји, пред сѐ Србија, ја искористија пандемијата за да привлечат странски инвестиции, но ние не успеавме во тоа.