Предностите и придобивките од подобрената регионална соработка честопати се истакнуваат, како од бизнисмените така и од владините претставници. Сепак, и покрај многубројните договори, кои треба да овозможат полесен проток на стоки и услуги, сведоци сме на разни блокади на границите во регионот. Стопанствениците, како и секогаш, нудат решенија за надминување на овие проблеми

СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ ОД РЕГИОНОТ ВО ПОТРАГА ПО РЕШЕНИЈА

Со полесен проток на стока и патници, како и со подобрувањето на регионалната соработка, земјите од Западен Балкан би можеле заеднички да остварат поголем економски раст, а со тоа и подобар животниот стандард за нивните граѓани. Предностите и придобивките од подобрената регионална соработка честопати се истакнуваат, како од бизнисмените така и од владините претставници. Сепак, и покрај многубројните договори, кои треба да овозможат полесен проток на стоки и услуги, сведоци сме на разни блокади на границите во регионот. Стопанствениците, како и секогаш, нудат решенија за надминување на овие проблеми.
– Успешна регионална економска приказна може да понуди Западен Балкан, но само ако сите шест земји функционираат во ист правец, со исти стандарди и со усогласена регулатива. За да се оди по тој пат, треба да се обнови иницијативата за формирање министерства за развој на регионот во секоја од земјите на Западен Балкан, за поголема економска регионална соработка – кажа претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и копретседавач на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески, на бизнис-форумот во Србија.
Тој напомена дека здравствено-економската криза укажа на потребата од активна комуникација меѓу шесте земји од регионот во функција на поттикнување меѓусебна соработка.

– Ковид-кризата ги извади на површина системските слабости и покажа дека образованието и здравството мора да станат клучни компоненти на развојот. Без здрави и образовани луѓе нема напредок на економија и државата. Секоја од шесте земји од регионот има свои предности во одредени сегменти и тие треба да се искористат како предност на целиот регион. Во таа насока клучна улога има Коморскиот инвестициски форум, кој своите активности ги насочува кон унапредување на конкурентноста на економиите од регионот преку вмрежување, подобрување на бизнис-климата и зголемување на стоковната размена со земјите од Западен Балкан – посочи Азески.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи укажа дека се надева оти по пандемијата ќе има нова слика на регионот, соработка што ќе резултира со развој на земјите од Западен Балкан и привлекување странски инвестиции.
– Заеднички интерес на сите земји од регионот е јакнењето на економската соработка, со цел да се развиваат сопствените потенцијали. Соработката ќе донесе просперитет за населението во нашите држави и развој на нашите економии – рече Битиќи.
Сепак, дел од бизнисмените укажуваат и на маните и проблемите што се наметнуваат поради непочитување на договорите за размена на стока и поради неповолната позиција во која се става домашната економија со бариерите што ни ги ставаат соседите.
– Мојот впечаток е дека дел од договорите за намалување на тарифните бариери, или ЦЕФТА-договорот се добри. Сепак, кога ќе се погледне досегашното искуство, очигледно е дека ние како земја најмалку сме му вовеле некому бариера или санкција, кон која било друга земја. Од друга страна, на договорите за слободна трговија меѓу земјите јас гледам сѐ повеќе и повеќе како на една замка за македонската економија и за македонските компании. Зошто сметам така? Имаме производи што ги произведуваме и ги има на нашите пазари, но со договорите ги увезуваме од соседството со ниски царини, и тие ни ја поткопуваат економија.

Стануваат директна конкуренција на нашите производи. Сметам дека треба да се поведе вистинска анализа на овие договори, кои ќе покажат кои се придобивките од нив, или дали може сме измамени и сме во поголема заблуда – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Тој укажува дека приоритет во нашата земја треба да им се даде на домашните продукти и да се заштити домашното производство.
– Нам никако не ни текнува дека треба приоритет да им дадеме на домашните производители. Секоја година сме сведоци на разни бариери, еве, последен пример е со брашното, кое чекаше на граница со соседно Косово. Постојано сме со некакво молење и борење за почитување на тие договори, наместо да застанеме зад домашното производство и да го одбраниме. Кај нас преовладува стравот од контраефект, доколку се обидеме да го заштитиме домашното производство, какви санкции ќе ни воведат. Но никој не ја гледа штетата од бариерите и како да се заштитат извозниците во вакви ситуации – потенцира Бошков.
Првиот човек на Организација работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, појаснува дека независно од амбициите и плановите за еконоската соработка со земјите од регионот и пошироко, Македонија мора, пред сѐ, да поработи на сопствените потенцијали.

– Македонија има можности за зголемување на извозот во соседството, поради сличниот менталитет, историските врски, разбирањето на јазикот и слично. За нас е најважно во иднина да ја промениме структурата на извозот, наместо производи со ниска додадена вредност и суровини, да извезуваме производи со поголема додадена вредност и да го зголемиме извозот на услугите. За таа цел се потребни инвестиции во индустријата, образованието, поттикнување на претприемништвото и зголемување на бројот на мали и на средни претпријатија, кои ќе успеат да бидат конкурентни на светските пазари – вели Димитров.