Фото: Игор Бансколиев

Економистите, сосема очекувано, се поделени во ставовите за оправданоста на задолжувањето на државата, како и по прашањето за тоа како да се одржи макроекономската стабилност од аспект на задолжувањата, дали да се работи на зголемувањето на БДП, кој ќе овозможи приливи за враќање на долговите, или да се посегне по зголемување на даноците, за да се обезбедат финансии за сервисирање на обврските на државата, но се согласни дека секое позајмено евро треба внимателно и рационално да се троши

Со брзорастечкиот тренд на задолжување на државата, темата за одржливост на македонскиот долг стана примарен фокус за време на кризата предизвикана од ковид-19. За надминување на кризата, нашата држава пристапи кон нови задолжувања, при што јавниот долг ја надмина психолошката граница од 60 отсто, искачувајќи се на 60,7 отсто. За споредба, во 2019 година јавниот долг изнесуваше 49,4 отсто.
Економистите, сосема очекувано, се поделени во ставовите за оправданоста на овие задолжувања, како и по прашањето за тоа како да се одржи макроекономската стабилност од аспект на задолжувањата, дали да се работи на зголемувањето на БДП, кој ќе овозможи приливи за враќање на долговите, или да се посегне по зголемување на даноците, за да се обезбедат финансии за сервисирање на обврските на државата, но се согласни дека секое позајмено евро треба внимателно и рационално да се троши.
Со Стратегијата за управување со јавен долг на Министерството за финансии се дефинираат лимити за висината на трите нивоа на долг, државниот, гарантираниот, како и на вкупниот јавен долг во следните пет години, и за структурата на долгот, во насока на прудентно управување со него.
– Во согласност со стратегијата што ја изработивме и во насока на политиките за фискална консолидација што ќе се спроведуваат, заклучно во 2025 година јавниот долг треба да се сведе под Мастришкиот критериум, односно да се намали на 58,8 отсто – велат од Министерството за финансии.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески е согласен дека Владата прибегна кон големо задолжување за да обезбеди ликвидност во услови на пандемија, во износ од 10 отсто од БДП, што придонесе јавниот долг нагло да скокне од ниво под 50 отсто пред кризата до над 60 отсто сега.
– Да беа условите нормални, секако дека задолжувањето немаше да биде во овој обем, а и реакцијата на експертската јавност и меѓународните институции ќе беше остра ако во нормални услови задолжувањето излезеше од прудентни рамки. Оттука, сметам дека евентуалната граница на долгот од над 60 отсто сега има само релативно значење и фокусот на анализите и дебатата треба да биде на две прашања од значење за среден до долг рок. Првото е дали барем дел од овие средства ќе може да се искористи за создавање подобри услови во економијата и компаниите да бидат носители на растот во моментот кога здравствениот аспект на кризата ќе олабави – додава Петрески.
Тој вели дека тоа ќе биде особено важно бидејќи земји како Македонија мора да ги најдат изворите на растот, веројатно во здравите фирми, вклучени во меѓународните синџири на снабдување и со голем потенцијал за извоз, како и во јавните инвестиции.
– Второто прашање е санацијата на јавните финансии по пандемијата, за која, по мое убедување, ќе може да зборуваме најрано во 2022 година, а можеби и подоцна. Ова ќе вклучи прашања за консолидација на дефицитот, проширување на даночната основа и зголемување на даночните приходи, за да се вратиме на здрава фискална патека откако ќе ги снема фискалните ризици од ковид-19 – истакнува Петрески.
За економскиот аналитичар Здравко Савески, пак, состојбата со јавниот долг е исклучително загрижувачка.

– Македонија веќе не е ниту ниско задолжена, ниту средно задолжена земја. Таа стана високо задолжена земја. Без промена на економската политика, може да се очекува сѐ поголемо одвојување буџетски средства за сервисирање на јавниот долг, а тоа обично се одразува негативно на извршувањето на социјалните функции на државата – објаснува Савески.
Во Стратегијата за управување со јавен долг се наведува дека за да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок, кој не треба да надмине ниво од 60 отсто од БДП. Во документот се наведува и дека како резултат на економската криза предизвикана од ковид-19, во кризниот и посткризниот период може да има отстапувања од лимитот, како што е всушност и случај со речиси сите европски економии, кои го зголемија долгот за над 10 процентни поени. Сепак, преку мерките за фискална консолидација во 2024 ќе се стабилизира, за во 2025 година истиот тој да биде под лимитот.


Глобалниот долг ќе се искачи на 365 отсто од светскиот БДП

Падот на приходите во комбинација со скапите мерки за олеснување на пандемијата го зголеми глобалниот долг за 20 трилиони долари од третиот квартал од 2019 година. До крајот на 2020 година, економистите очекуваат глобалниот долг да достигне 277 трилиони долари, или 365 отсто од светскиот БДП. Според податоци од Институтот за меѓународни финансии, нивото на долгот се зголемува со слично темпо низ целиот свет, сепак долгот на Канада во однос на БДП се зголемил за речиси 80 отсто во текот на годината, зад неа се Јапонија, САД, Велика Британија и Кина.
– Глобалното ширење на вакцините против ковид-19 веројатно ќе ѝ стави крај на тековната здравствена криза и ќе ѝ овозможи на економијата да се врати на нивото од пред пандемијата, иако се очекуваат одложувања – велат од ИМФ.
Без оглед на сѐ, ова претставува добра вест за владите и финансиските институции во светот дека економиите ќе закрепнат, намалувајќи ги односите на долгот кон БДП, но сѐ уште е неизвесно дали ќе забави и позајмувањето.