Можноста за наоѓање трајна работа се намалува. Уделот на привремени вработувања во Европската Унија се зголеми од 11 отсто во 2002 година на 13 отсто во 2017 година. Во Македонија, исто така, има голем интерес за привремени вработувања
Расте бројот на привремени вработувања низ Европската Унија, покажуваат последните податоци на „Евростат“. Ова, според експертите, е очекувана промена со оглед на движењата на пазарот на трудот и на разликите во професиите. Во Македонија, исто така, се забележува раст на привремените вработувања. Работодавците сѐ повеќе ја избираат оваа форма на пријавување особено кога станува збор за прво вработување.
– Можноста за наоѓање трајна работа се намали малку помеѓу 2002 и 2017 година, бидејќи уделот на привремени вработени во Европската Унија се зголеми од 11 отсто во 2002 година на 13 отсто во 2017 година – се наведува во извештајот на „Евростат“. Притоа, процентот на жени што се привремено вработени во ЕУ во 2017 година достигнал 14 отсто, што е речиси ист како процентот на мажи, кој, пак, изнесувал 13 отсто. Вкупниот удел на привремени работници варирал меѓу земјите-членки. Најголем удел на привремено вработени граѓани има во Полска и во Шпанија каде што се забележани дури 26 отсто, потоа следуваат Португалија со 22 и Хрватска со 20 отсто. Од друга страна, најниската стапка на привремени вработувања е забележана во Романија и тоа само 1 отсто, Литванија 2, а во Естонија и во Латвија по 3 отсто.
– Трендот на привремени вработувања и скратено работно време, кои земаат замав низ Европа, и се познати и како нетипични вработувања, е сосема логичен со оглед на промените што се случуваат во поглед на професиите, кои сега доминираат на пазарот на трудот. Спротивно од таму, кај нас, грубите процени покажуваат дека скоро 60 отсто од вработените се на привремено вработување и нема некои промени во последниве години. Просечно во еден месец се бараат околу 6 илјади работници за привремено вработување – вели Раде Ненадиќ, сопственик на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.
Ненадиќ истакнува дека со нашиот закон за работни односи се овозможува лицата да бидат вработени со договори на привремено вработување од 6 месеци, до максимум 5 години. Тој истакнува дека во општеството какво што е Македонија, капиталот мора да има можност сам да одлучува за вработувањата, односно каква форма за пријавување ќе примени за работниците и дека не е потребно да се задушува тоа со законски обврски.
– Законот за работни односи е основа за воспоставување соработка меѓу работниците и работодавците. Сметам дека не треба да се менува сегашната одредба со која се овозможува привремените вработувања да се користат максимално 5 години. Доколку се скратат на само 6 месеци, може да има контраефект.
Има бизниси што едноставно не можат да пријавуваат работници цела година, но немаат ни можност да ги плаќаат цела година, а сепак имаат потреба од привремени вработувања што траат повеќе од 6 месеци. Ова особено е изразено кај сезонските работи, кои би биле во загуба ако работниците ги пријават цела година, бидејќи не можат да им обезбедат работа за цела година – појаснува Ненадиќ.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, истакнува дека мал дел од работниците се продуктивни на своето работно место цели осум часа, за што се свесни и работодавците. Сепак, напоменува Бошков, бидејќи законот вели дека работниците може да бидат пријавени 40 или 20 часа неделно, тие ги пријавуваат на 40.
– Нашиот закон предвидува пријавување на работниците на цело или на скратено работно време, кое на неделна основа е 40 или 20 работни часа. Иако мал дел од работниците се ефективни сите 40 часа, сепак, работодавците ги пријавуваат работниците на подолг период бидејќи имаат и потреба од нив повеќе од 4 часа дневно. Преку агенциите за привремени вработувања се вработуваат лица кога тоа е потребно. Тоа е добра форма, бидејќи им овозможува на работодавците да ги пријават работниците во период кога им се потребни – објаснува Бошков.
Тој истакнува дека има работи, односно струки каде што работодавецот и да сака не може да го пријави работникот на подолг рок, бидејќи не може да ги покрие трошоците за него.
– Трошоците за едно работно место се навистина големи, особено за сезонските работници, како берачи, кои се потребни неколку месеци во годината. Сметам дека како форма привременото вработување е добро, бидејќи законите и институциите се испочитувани, работниците се пријавени и се плаќа данок – дополнува Бошков.