Македонија да биде изземена од мерките на Европската Унија за ограничен увоз на челични производи, бидејќи не претставува закана за нивните пазари, ниту може на каков било начин да ги загрози, бара Здружението на металургија при Стопанската комора. Здружението апелира македонската економска дипломатија максимално да се заложи и да укаже на последиците од овие мерки по развојот на македонското национално стопанство.
– Извозот на македонските челични производи достигнува 256.000 тони или само 0,87 отсто од вкупниот увоз во ЕУ. Притоа се реализира по нормални, а не по дампинг-цени – истакна претседателот на Здружението на металургија, Митко Кочовски. Тој додаде дека тие 0,87 отсто значат многу за македонската економија, бидејќи со тој извоз челичната индустрија остварува 5,7 проценти во бруто-домашниот производ. Претседателот на здружението ја истакна сериозноста на протекционистичките мерки што ги воведе САД за заштита од увоз на челични производи, но уште повеќе на мерките што ги воведува ЕУ за заштита од увоз на производи од челик.
– Производителите на челик и челични производи од Македонија, на 26 март добија информација од Генералниот директорат за трговија на ЕК за иницијатива за заштита на увозот на одредени производи од челик. Како дополнителен документ на вербалната нота до компаниите стигна и копија од информацијата за постапката во врска со спроведувањето заедничка комерцијална политика, објавена во „Службен весник“ на ЕУ. Заштитните мерки што ги најави ЕУ, иако навидум се чинат неповрзани, сепак се јавуваат како рефлексија на ограничувањата што претходно ги воведоа САД за увоз на челични производи – објасни Кочовски.
Исто така негативен одраз би имале мерките на ЕУ за заштита од увоз на одредени челични производи, како и извоз на старо железо, поради фактот што македонската челична индустрија најголем дел од извозот го реализира на европскиот пазар, како главно комерцијално одредиште на оваа индустриска гранка, која историски и географски му припаѓа на пазарот на Европската Унија. Тој додаде дека двете мерки се сериозна закана за металургијата, како индустриска гранка со големо влијание врз македонската економија, изразено како преку директните, така и преку мултипликативните ефекти што ги има врз целокупната национална економија.
– Во објавата на ЕК се дадени рокови во кои секоја компанија треба да се ангажира да ја потврди својата конкурентност врз пазарни основи и преку пополнување на понудениот прашалник да докаже дека не може да го загрози европскиот пазар по однос на количествата и цените. Во тој контекст, членките на Здружението на металургијата се договорија да имаат координиран и усогласен пристап со надлежните државни органи и дипломатски претставништва во процесот на истрагата што ја спроведува Унијата.
Здружението очекува целосна вклученост на институциите, политички да дејствуваат за македонската челична индустрија да биде изземена од мерките на САД и на ЕУ за ограничување на увозот на челични производи – истакна Кочовски. Во македонската челична индустрија работат околу 3.000 лица, но, покрај нив, индиректно од мерките на САД и на ЕУ ќе бидат погодени 15.000 ангажирани во поврзаните дејности. Како што рече Кочовски, годината почнала многу добро, пазарот заживеал и цените биле добри, но сега индустријата е соочена со еден од најголемите предизвици досега, кој може да биде фатален за македонската економија.