Иако се обидуваат сите тешкотии да ги надминат сами, мора да се размислува за поддршка и на големите извозни компании, кои опфаќаат голем број вработени, а исто така се и големи учесници во бруто-домашниот производ, сугерираат експертите
Проблеми со набавката на материјали, одолжување на роковите за испорака, отежнат и поскапен транспорт, проблеми со документацијата и разни други тешкотии се појавија од избувнувањето на пандемијата, со што значително им се отежни работата на компаниите. Веќе и статистичките податоци укажуваат дека има пад на извозот, но и на увозот. Претставниците на компаниите укажуваат дека иако се обидуваат сите тешкотии да ги надминат сами, мора да се размислува за поддршка и на големите извозни компании, кои опфаќаат голем број вработени, а исто така се и големи учесници во бруто-домашниот производ. Неодамна министерката за финансии Нина Ангеловска посочи дека се разгледуваат опции за поддршка и на извозните компании, но тие не се најдоа во последниот сет мерки за поддршка на стопанството и на граѓаните. Во меѓувреме, компаниите се соочуваат со различни проблеми.
– На почетокот од кризата главен проблем беше индивидуалниот пристап на секоја земја да воведе свои мерки за заштита од вирусот и тој начин значително го отежнуваше транспортот, бидејќи секоја земја бараше различни документи и потврди, кои ние како „Макстил“ не секогаш бевме во можност да ги обезбедиме. Кон крајот на март се воведоа таканаречените зелени коридори и се воведе ред во транспортот, иако се одвиваше многу побавно од вообичаеното. Најголем проблем имавме со транспортот на лимовите кон Турција, каде што властите инсистираа на 14-дневен карантин на сите возачи на самиот влез во државата, но денес и тој проблем полека се надминува – велат претставниците на „Макстил“.
Од компанијата додаваат дека до почетокот на кризата нивото на нарачки било на ниво од едномесечно производство и немале проблеми во одржувањето на континуитетот.
– За жал, здравствената криза трае многу подолго од очекувањата и нашите традиционални купувачи и денес не работат, што неминовно се одрази на нивото на нарачки, кое драстично се намали, но почнува да се враќа во нормала. Овој период во годишниот план ни беше планиран ремонт на дел од постројките и изведба на нови инвестиции, па се надеваме дека по завршувањето на истите тие, ќе можеме повторно да тргнеме со производство во полн капацитет. Нашата перцепција е дека поддршката во овој период беше насочена кон најголем дел од директно засегнатите стопански гранки (туризам, угостителство и малите и средните претпријатија од услужните дејности) додека оние гранки што некако успеваа да одржат континуитет не беа досега опфатени во програмите за помош. Се надеваме дека таа перцепција ќе се промени за брзо време бидејќи најголемите извозници во земјата не можат долго да бидат и најголеми работодавци, најголеми плаќачи на даночни обврски, а притоа да немаат право на никакви рестрикции во работењето за да бидат квалификувани за помош – велат од „Макстил“.
За ад-хок поддршка се неопходни големи ресурси
Универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети посочува дека било очекувано намалената побарувачка од странство поради пандемијата да влијае врз извозот, и додава дека тоа особено ќе се почувствува поради намалената побарувачка од Германија, особено кај автомобилската индустрија, која работи претежно за западноевропски нарачки.
– Анализа на структурата на БДП за првото тромесечје според статистички податоци, покажа балансиран пад на извозот со увозот, но сепак, најголем од сите други фактор-чинители на БДП. На прв изглед испаѓа дека нема конкретни мерки дизајнирани за нив ама не значи дека се запоставени целосно. Вториот столб, од третиот пакет предвидува финансиска поддршка (софт лендингс – евтини кредити), кои можат да бидат од корист за поддршка на ликвидноста на извозно ориентираните компании.
Но, сепак, мислам дека имаше простор поблиску да се цели и на извозот како фактор за поддршка и покрај тоа што за ваква ад-хок поддршка се потребни поголеми ресурси за кои има мал потенцијал. Веројатно и заради тоа е запоставен секторот. Кај одредени гранки, како на пример текстилот, и поради флексибилноста на секторот, дури имаше и триплиран извоз, но тоа не може да се очекува од капитални интензивни гранки како што е на пример автомобилската индустрија – истакнува Беџети.
Претседателот на Асоцијацијата на странски инвестиции, Виктор Мизо, нагласува дека пандемијата ги влошила состојбите во автомобилската индустрија уште пред нејзиното избувнување на европска почва. Тој додава дека со нејзината појава во Вухан, кој е центар на автомобилската индустрија во Кина, таа веќе се почувствувала и во Македонија.
– Затворањето на тамошните фабрики значеше двостран удар за нашето работење од причина што постојано се врши увоз на компоненти, но и таму имаме клиенти за нашите производи. Пандемијата предизвика и сериозни логистички тешкотии, пораст на транспортните трошоци (авионски наместо морски), одолжување на времето за дотур, границите за индустријата не беа затворени благодарение на брзата примена на специфичните протоколи за меѓународен проток на репроматеријали и готови производи. Еден од негативните аспекти од рестриктивните мерки е забраната за патување и изолацијата по враќањето, поради што беше лимитиран трансферот на знаење поради запирање на стандардните модели на обуки за вработените во странство – појаснува Мизо.
Државата да учествува во фиксните трошоци
Тој додава дека уште од март имаат намалување на производството во „Костал“ за 30 проценти под планираното, додека, пак, во април нарачките за европскиот пазар биле намалени за 80 отсто.
– Овој месец исто така имавме големо намалување на нарачките, кои сега може да се каже дека малку се зголемија, но тоа е неспоредливо со проекциите за годината. Свесни сме дека кризата апсолутно ги поткопа финансиските проекции и очекувањата и ништо нема да биде како претходно по рестартирањето. Дополнителен притисок креира фактот што минатата година за потребите на проширувањето на производствениот обем за нови проекти реализиравме инвестиции од околу 15 милиони евра во нова опрема, го зголемивме бројот на вработени за 80 отсто споредено со јануари 2019 и инвестиравме во нивен развој, но приходите ќе изостанат годинава.
Кризата ја разнишува довербата и ќе биде потребно да истраеме. Во зачувувањето на овие релации со нашите клиенти и доставувачи, но и евентуално зголемување на оваа листа, како никогаш претходно, битна улогата игра државната поддршка – објаснува Мизо. Тој додава дека бидејќи досега немаше конкретни мерки за поддршка на големите извозници, Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство доставила предлози до Владата со конкретни мерки за поддршка на оваа индустрија за претстојниот период.
– Свесни сме за ограниченоста на државните ресурси за поддршка на бизнисот, па затоа нашиот предлог беше сведен на минимум финансиски импликации за буџетот на краток рок, со одолжен рок на исплата на помошта. Очекувањата се преку партнерски однос да ги поделиме фиксните трошоци за да може на долг рок, по рестартирањето, мултипликативно да се врати приходот за државната каса. Да не забораваме дека станува збор за компании со вкупно речиси 30.000 директно вработени и голем број индиректно вработени во локалните фирми – доставувачи од различни сектори. Клучни ќе бидат следните три месеци. Евентуалното затворање на овие компании ќе значи сериозен потрес за економијата и стандардот на народот – истакна Мизо.
Деновиве министерката Ангеловска посочи дека „би било несериозно од Владата ако не димензионира мерка за оваа индустрија за септември“.