Јануарската пензија што ќе биде исплатена во февруари ќе биде 700 денари повисока за секој пензионер. Ова го изјави вицепремиерката Мила Царовска, која заедно со дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, заменик-директорот на ПИО Илија Ивановски, претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери, Станка Трајкова, и градоначалникот Живко Гошаревски, денеска се сретнаа со пензионерите во Ресен.
Тема на разговор беше претстојното покачување на пензиите во политика и другите прашања поврзани со повозрасната популација.
– Со оваа одлука го зајакнуваме животниот стандард на пензионерите, а просечната пензија ќе изнесува 15.500 денари. Покачувањето на пензиите се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата – истакна Царовска.
Системското решение предвидува дополниетлно зголемување на пензиите освен според растот на БДП, да може да се зголемуваат и според растот на платите.
Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, нагласи дека секој граѓанин има право на достоинствен живот и сите имаат право да уживаат во плодовите од она што го сработиле во животот.
– Се инвестира во развој на услуги на локално ниво како што се помош и нега во домашни услови. Се работи на развој на центри за активно и здраво стареење на возрасни лица, кои ќе се користат за социјализација и дружење. Активно работиме на подобрување на услугите на центрите за социјална работа на локално ниво и ќе продолжиме да работиме напорно, затоа што секој заслужува достоинствен живот – посочи заменик-министерка Шкријељ.
Заменик-директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување истакна дека пензиите и следниот месец ќе се исплаќаат без позајмици.
– Приходите во Фондот се зголемуваат, а дефицитот е намален за 10%. Тоа е резултат на зголемената уплата на придонеси и зголемувањето на бројот на вработени во државата – рече Ивановски.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова, истакна дека секој заслужува достоинствен живот и ова зголемување на пензиите ќе значи многу за пензионерите.