САД ја интензивираа својата борба околу технологијата со Кина, со покренувањето обвиненија против управата на компанијата Хуавеј.
Министерството за правосудство на САД тврди дека Хуавеј ги украл трговските тајни на американските компании и учествувал во заговорот за избегнување на американските санкции кон Иран. Обвинувањата се однесуваат и на финансиската директорка на Хуавеј Менг Вангзоу, која беше уапсена во Канада и ѝ се заканува екстрадиција на САД, коментираат за Си-ен-ен Џетро Мулен и Бен Весткот.
Она што ќе се случи со Хуавеј и Менг ќе има огромни последици за двете водечки светски економии кои се во сѐ поголем конфликт околу трговијата и технологијата. Овој спор ќе ги обликува односите меѓу Пекинг и Вашингтон во претстојните години и би можел да биде пресуден во обидите на Кина да стане глобална технолошка велесила.
Аналитичарите сметаат дека Хуавеј би можел да ја доживее судбината на својот помал конкурент ЗТЕ, кој минатата година беше осакатен откако му беше забрането да ги купува клучните технолошки компоненти од американските компании.
– Обвиненијата веројатно ќе резултираат со наметнување на контрола на американскиот извоз, што би можело да го загрози опстанокот на Хуавеј. Било каква мерка на олеснување за водечката кинеска компанија би можело да биде многу скапа, а оваа тема ќе биде во фокусот во актуелните американско-кинески трговски преговори – напиша Дан Ванг, технолошки аналитичар на компанијата Гавекал.
Хуавеј е водечка кинеска технолошка компанија, која заработува милијарди долари продавајќи мобилни телефони и телекомуникациска опрема ширум светот. Седиштето и е во Шензен и стана светол пример на брзиот кинески економски и технолошки развој последните децении. Хуавеј продава повеќе телефони од Епл и е водечка компанија во воведувањето на супербрзи 5Г мобилни мрежи ширум светот.
Како што Хуавеј се ширеше во странство, така САД уште во 2012 година го идентификуваше како безбедносна закана, тврдејќи дека кинеската влада би можела да ги користи уредите на Хуавеј за шпионирање. Хуавеј ги негираше ваквите обвиненија, но се најде во фокусот на растечкиот ривалитет меѓу САД и Кина за позицијата светски технолошки лидер.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Генг Шуанг вчера ги отфрли американските обвиненија против Хуавеј, обвинувајќи ги САД дека се обидуваат да ги уништат кинеските компании. Последните години Кина најави дека планира да инвестира стотици милијарди долари во клучните домашни технолошки индустрии, како што се микрочиповите, вештачката интелигенција и електричните возила. Тоа придонесе за разгорување на војната бидејќи американската влада заклучила дека Кинезите некоректно се обидуваат да ги зајакнат кинеските компании на сметка на американските, посебно во технолошкиот сектор.
Американската влада го засили притисокот врз Хуавеј, истовремено водејќи трговска војна со Кина. Царините на стотина милијарди долари вредната стока со која се тргува меѓу двете земји ги погодија економиите ширум светот, ги разбранува финансиските пазари и придонесе за стравувањата од забавување на економскиот раст.
Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Кси Џинпинг минатиот месец договорија примирје, а нивните влади се обидуваат да договорат траен прекин на непријателствата. Новата рунда преговори започна денеска во Вашингтон. Главниот трговски преговарач на Трамп, инсистира на казнен прогон на Менг и тврди дека тоа нема никаква врска со трговските преговори. Но, Трамп го поткопа тој став со контроверзна изјава дека би можел да интервенира во тој случај ако тоа би помогнало во постигањето на договор со Пекинг. Новите американски обвиненија против Хуавеј ќе го отежнат ставот на трговските преговарачи дека тоа нема никаква врска со нивните преговори, посебно ако му биде забрането на Хуавеј да купува американски компоненти, тврди Ванг од Гавекал.
Тензиите меѓу САД и Хуавеј драматично се влошија минатиот месец откако Канада на барање на американската влада ја притвори финансиската директорка на компанијата. Вашингтон ќе побара екстрадиција на Менг за да може да ја обвини дека работела на избегнувањето на санкциите кон Иран. Кинеската влада жестоко реагираше, утврдувајќи дека американските обвинувања се политички и повика на итно ослободување на Менг, која и самата тврди дека е невина. Нејзиниот случај веќе ги наруши односите меѓу Кина и Канада. Кинеските државни медиуми постојано во коментарите го осудуваат потегот на канадските власти.
По апсењето на Менг, кинеските власти започнаа да ги притвораат Канаѓаните кои живеат во Кина. Еден Канаѓанец е осуден на 15 години затвор поради шверц на дрога, за да во ново судење заработи смртна казна. Канадскиот премиер Џастин Трудо го повлече својот амбасадор од Кина откако овој непримерно го коментирал случајот на Менг Вангозу.
САД ги поттикна своите сојузници да не ја користат технологијата на Хуавеј и ЗТЕ при воведувањето на 5Г мобилните мрежи. Австралија и Нов Зеланд веќе ја ограничија употребата на опремата на Хуавеј, додека некои други земји, како Јапонија и Германија, воведуваат построга контрола. Минатата недела глобалниот мобилен оператор Водафон објави дека престанува со вградување на опрема од Хуавеј во своите мрежи во Европа заради политичките неизвесности што ја следат оваа компанија. Хуавеј ваквите потези веќе ги критикуваше како „неодговорни одлуки“, базирани врз идеолошки и геополитички основи, а не врз технолошки.
Притисокот би можел да му наштети на работењето на Хуавеј во Европа и на останатите развиени пазари, но опстанокот на компанијата веројатно не се доведува под знак прашалник, бидејќи опремата на Хуавеј и натаму е на цена во многу земји, а продажбата на мобилните телефони и натаму расте. Телекомуникациските оператори предупредуваат дека рестрикциите на опремата на Хуавеј можат да имаат и пошироки последици. Претставник на управата на Водафон минатата недела изјави дека целосната забрана на производите на Хуавеј би можела да предизвика проблеми во целиот телекомуникациски сектор во Европа и да предизвика одложување на воведувањето на 5Г мрежите, заклучува Си-ен-ен.