Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерите за транспорт и врски, Горан Сугарески, за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов денеска ќе присуствуваат на локацијата каде што започнува градбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка.
Отпочнувањето на градежните активности ќе биде во месноста Десетак, во општина Ранковце.
Експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, е во должина од 26 километри и широчина од 12,5 метри, со проценета вредност до 78 милиони евра. Станува збор за модерен пат со четири ленти, по две во двете насоки, со 22 мостови, две клучки, девет натпатници и 13 пропусти. Изградбата на овој пат е значајна за жителите на Крива Паланка и Ранковце, како и за целиот североисточен регион и за сите кои транзитираат кон Република Бугарија зашто ќе обезбеди побрз и побезбеден сообраќаен проток.