Фото: Игор Бансколиев

Дека состојбите со занаетчиските дејности воопшто не се светли потврдуваат и од Занаетчиската комора, од каде што укажуваат дека наредниот период ќе биде уште потежок за занаетчиите

Пандемијата значително ги намали интересот и откупот на разни занаетчиски производи или услуги, поради што некои од занаетчиите во земјава ги затворија дуќаните, а се стравува дека во следниве месеци ќе биде ставен клуч на вратите на уште дуќани. Занаетчиите истакнуваат дека од почетокот на корона-кризата бројот на муштерии е значително намален и дека прометот им е значително опаднат.
– Ваква криза не паметиме. Нема луѓе, особено последнава недела. Во текот на летото имаше малку поголема раздвиженост, но не и промет како што имавме претходните години. Сега нема ниту странци, кои купуваа повеќе отколку домашните муштерии. Веќе стравувам дека нема да се преживее зимата ако продолжи вака – вели еден изработувач на чанти, кој има дуќан во Старата скопска чаршија.
Тој објаснува дека трошоците за одржување на дуќанот му се високи, а поради намалениот број муштерии воопшто не прави нови производи, туку сака само да ги поврати вложените средства.
Дека состојбите со занаетчиските дејности воопшто не се светли потврдуваат и од Занаетчиската комора, од каде што укажуваат дека наредниот период ќе биде уште потежок за занаетчиите.

– Наредниот период ќе биде многу тежок за занаетчиите, се очекува особено негативно влијание врз занаетчиските бизниси и тешкотии за одржување на нивната ликвидност. Наредниот шестмесечен период ќе биде особен предизвик за занаетчиите да успеат да ги одржат бизнисите. Постои опасност од затворање. Во комората веќе има пристигнато барања за затворање занаетчиски дуќани поради неможност за справување со кризата. Занаетчиската комора – Скопје ќе им помогне на занаетчиите да аплицираат на повикот за субвенционирање средства потрошени во 2020 година за алат и репроматеријал, како и да аплицираат за финансиската подршка за самостојните вршители на дејност за октомври, ноември и декември – објаснува Анета Атанасовска од Занаетчиската комора – Скопје.
Во четвртиот пакет на антикризни мерки е вклучена и поддршка за занаетчиите, кои може да аплицираат за средства во рамките на помошта предвидена со Законот за финансиска поддршка на физички лица што вршат самостојна дејност за октомври, ноември и декември 2020 година.

– Занаетчиите во четвртиот пакет мерки се вклучени со финансиска подршка на самостојните вршители на дејност и финансиска подршка со плати за вработени во занаетчискиот сектор за октомври, ноември и декември 2020 година. Исто така се очекува и финансиска подршка за поврат на средства што занаетчиите ги потрошиле за набавка на опрема и репроматеријал во текот на 2020 година. Во оваа подршка влегуваат само занаетчиите што ќе ги исполнат условите. Занаетчиите треба да бидат и подобни апликанти во наредниот повик за бескаматни кредити на Развојната банка на РСМ, за да можат да го пребродат периодот што следува – велат од комората.
Оттаму, сепак, стравуваат дека помошта можеби нема да биде доволна за опстојување на занаетчиските дуќани.
– Оваа финансиска помош е добредојдена во услови на криза, но и недоволна за занаетчиските бизниси да останат ликвидни, особено оние што се најзасегнати и кои имаат намален обем на работа во периодот на кризата наметната од ковид-19. Финансиската поддршка е недоволна да се покријат сите тековни трошоци, и тоа бруто-плата за занаетчијата и за вработените, закуп за деловниот простор, тековни трошоци и други трошоци – објаснува Атанасовска.
Со Законот за финансиска помош, кој е во собраниска процедура, предвидена е помош за физичко лице што врши самостојна дејност или трговец поединец, физичко лице што врши земјоделска дејност, лице што врши занаетчиска дејност и лице што врши услуги, остварува доход од вршење дејност и е запишано во соодветен регистар. Со предложениот закон се определува тие да добијат субвенции од државата во износ од 17.410 денари.

– Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физичките лица што вршат самостојна дејност, Владата обезбеди финансиска поддршка за нив за април, мај и јуни 2020 година, во износ од 14.500 денари месечно. За да им се овозможи понатамошна финансиска поддршка за полесно справување со кризата, се предлага мерката за финансиска поддршка, односно исплата на финансиски средства на оваа категорија лица да продолжи и за октомври, ноември и декември 2020 година – е наведено во образложението на законот.


Зголемена финансиската поддршка за набавка на алати и репроматеријали

По предлог на Министерството за економија, Владата завчера ги усвои измените на Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво, со што се зголемија средствата за поддршка на занаетчиите. Финансиската поддршка за мерката за набавка на алати и репроматеријали за занаетчиите е зголемена од претходно предвидените 12 милиони денари на 20 милиони денари. Исто така, со измените на програмата е зголемена и финансиската поддршка по апликант.
Имено, со оваа мерка сега се предвидува надоместување на 60 проценти од трошоците на занаетчиите или максимум 60.000 денари направени за набавка на алати и репроматеријали по апликант. Претходно беше предвидена финансиска поддршка од максимум 30.000 денари по апликант.
Право на учество ќе имаат занаетчиите што се регистрирани во согласност со Законот за занаетчиство и ги исполнуваат условите што ќе бидат дефинирани во јавниот повик, кој ќе биде објавен во наредните денови, по усвојувањето на ребалансот на буџетот.