Бизнисите мора да вложуваат во брзи процеси, а дигитализацијата е таа што помага во брзината, ефикасноста и оптимизацијата, затоа секој процес врз основа на технологија и дигитализација е значаен
Дигиталните платформи – клучна алатка за динамизирање на бизнисите
во постпандемискиот период
За да бидат конкурентни македонските компании на европските пазари, сите работни процеси мора да преминат на дигитална платформа, без разлика дали станува збор за проекти, производи, маркетинг или продажба. Дигитализацијата го менува начинот на кој се развиваат компаниите и ја зголемува продуктивноста, а со тоа ја унапредува нивната конкурентност на глобалниот пазар и претставува основна алатка за пораст и развој, како за самата компанија така и за економијата во целина. Пандемијата го забрза процесот на дигитализација, но проблем е што дигитализацијата бара инвестиции, кои потешко се обезбедуваат во услови на криза.
Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, македонската економија мора да се насочи кон дигитализација на своето работење. Таа треба да се приспособи и да инвестира кон дигитализацијата поради намалување на трошоците, поголема одговорност и репутациски однос како стремеж кон достигнување на глобалните цели за одржлив развој.
– Постојана тема во нашето општество е дигитализацијата, но потребно е да се објаснат нивоата на дигитализација и процесите на јавните и приватните услуги за да се разбере и од тука да се очекуваат резултати, производи, услуги и напредок – смета Бошков.
Тој вели дека во некои делови од јавните услуги има напредок и подобрување, корисниците ги чувствуваат придобивките, сепак реформите или проектите за дигитализација се во фази каде што намерата за дигитализација е поголема од самите капацитети на администрацијата, која е назначена да ги спроведува.
– Во однос на придобивките, треба да бидеме свесни за брзината, намалувањето на трошоците и продуктивноста со воведување дигитализација, на тој начин индиректно ќе може општеството да ги подобри перформансите на општествен и приватен план. Бизнисите мора да вложуваат во брзи процеси, дигитализацијата помага во брзината, ефикасноста и оптимизацијата, затоа секој процес врз основа на технологија и дигитализација е значаен – објаснува Бошков.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, истакна дека со навестувањето на постпандемискиот период, време е да се размисли како непречено да се заменат општите економски политики со поспецифични секторски политики што ќе ја олеснат оптималната прераспределба на ресурсите и посткризната трансформација на економиите, со цел да се зголеми потенцијалот за поголем економски раст.
– Со цел да се отстранат економските лузни од пандемијата, треба да се зајакне отпорноста на економиите и да се стимулира растот на продуктивноста, треба да се биде во чекор со постпандемичните потреби што се појавуваат, а тоа е дигитализацијата. Голема е потребата од вложување во инфраструктурата, особено во информатичката инфраструктура, како основа на новата економија, со цел да се забрза дигиталната трансформација на економиите – смета Ангеловска-Бежоска.
Според неа, иако е очигледно дека трендот на дигитализација е забрзан и зајакнат од здравствената криза, сепак треба да се вложат поголеми напори за надградба на инфраструктурата, проширување на пристапот до информатичко-комуникациската технологија, промовирање ефективна и широко распространета транзиција на многу активности на дигитални платформи и затворање на дигиталниот јаз во економиите.
– Сево ова ќе ги зголеми придобивките во продуктивноста преку побрзо усвојување нови производи и процеси и ќе му овозможи на приватниот сектор непречено приспособување кон промените што ги носи здравствената криза – вели гувернерката.
Од Сојузот на Стопански комори на Македонија додаваат дека дигитализацијата ја зголемува можноста за пораст на приходите во компаниите и дека со неа се овозможува конкурентска предност.
– Kористeњето дигитални технологии за промена на деловен модел обезбедува нови приходи и можности за создавање додадена вредност во деловните процеси. Дигитализацијата носи конкурентска предност и овозможува работните процеси да се извршуваат подобро, побрзо и со помали трошоци. Затоа сметаме дека е потребно да се обезбеди подобра поддршка на процесите на дигитализација, особено на микро и на малите претпријатија, како и да се развијат соодветни модели за воведување дигитални процеси – посочуваат од СКМ.