Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, како и Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителката на „Ју-ен жени“ (UN Women), тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените, во Градскиот парк во Скопје, заедно со претставници на Националната федерација на фармерите, присуствуваше и се обрати на доделувањето на 11 од вкупно 250 договори за грант од програмата „Рурални жени“ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, што ја спроведува Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Истакнувајќи ја целта на мерката „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“, која е во насока на подобрување на целокупните резултати од работењето на земјоделското стопанство и достигнување повисоки стандарди за подобрување на квалитетот на земјоделско производство и за намалување на трошоците во работењето, премиерот Заев им честита и им посака успех на претприемачките, кои ќе добијат финансиски грант во висина од 180.000 денари за набавка на опрема, која ќе им помогне во нивните досегашни и идни активности.
– Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика ќе ги направат сите неопходни чекори за остварување на определбите утврдени во декларацијата за подобрување на економскиот и социјалниот статус на руралните жени. Институциите работат во насока на подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминацијата, земјоделството, руралниот и социјалниот развој – посочи премиерот Заев.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, изрази задоволство од поттикот и храброста што се јавуваат кај жените од руралните подрачја, како вистински носители на земјоделските семејства и кои искористувајќи ги мерките, ги јакнат позициите во општеството и водат кон подобрување на социјалната реалност.