Во Тирана денеска се одржува Самитот на „Отворен Балкан“ кој започна со работна средба на лидерите на иницијативата, премиерот на Република Албанија, Еди Рама, како домаќин, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и претседателот на Владата Зоран Заев.
– На самиот почеток на оваа иницијатива нагласивме: „Отворен Балкан“ е автентичен, заеднички процес на Северна Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји во регионот. Од првата средба во Скопје во јули и првото потпишување на договорите, покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции, што несомнено го покажува нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи. Токму овој капацитет ќе го покажеме пред европските институции на патот на нашите евроинтеграции – рече во своето воведно обраќање премиерот Заев.
На состанокот во Тирана ќе бидат потпишани повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан.
На Самитот учествуваат и комесарот за проширување и соседски политики на ЕУ Оливер Вархеи, генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мејлинда Брегу, претставници на стопанските коморите на Албанија, Македонија и Србија, како и голем број претставници на деловните заедници од трите земји и регионот.
Во Тирана денеска ќе бидат потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, Договорот меѓу владите на Албанија, Србија и Македонија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
На овој Самит на „Отворен Балкан“ ќе се потпишат и билатералните договори за признавање на одобренијата за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност меѓу Македонија и Албанија и меѓу Албанија и Србија.
Во делегацијата на состанокот во Тирана се и заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.