Користењето на обновливите извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од нашите најважни стратешки интереси. Во таа насока развивме сериозен енергетски стратешки план и една од точките на „Акција 21“, покрај животната средина е и енергетиката, изјави претседателот на Владата Зоран Заев на денешната прес-конференција на тема енергетска транзиција со фокус на најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК „Битола“.
Тој истакна дека во последните три години интензивно се инвестира во гасификација на земјата, се планираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште. Посочи дека целта е во наредните пет години да се влезе во инвестициски циклус кој ќе обезбеди земјата да биде позелена, но и порационална и поефикасна во енергетскиот сектор.
– Плановите се до 2026 година да биде заменет првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК „Битола“ кој работи на јаглен, со фото напонска електрана. До 2024 година РЕК „Битола“ ќе го исклучи првиот блок кој работи на јаглен за да го замени со ко-генеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола. Другите два блока ќе се модернизираат и тоа до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри, а до 2026 година со целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење, но и ќе се подобри еколошката прифатливост и ќе се задоволат европските стандарди. Со цел да се обезбеди стабилноста на електроенергетскиот систем, целиот процес оди постепено – изјави Заев и додаде дека целта е да ја направиме државата една од оние европски земји кои од доминантно застапените фосилни енергенси, се пренасочија кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето, ветерот, водата и природниот гас.
Ковачевски истакна дека производството на електрична енергија со што помала емисија на гасови е долгорочната цел. Додаде дека енергетската трансформација е веќе почната, со пример кој веќе е познат и во регионални, но и во европски рамки, а тоа е проектот РЕК „Осломеј“ и неговата трансформација од капацитет кој произведува јаглен во капацитет кој ќе произведува електрична енергија од сонце.
Директорот на РЕК „Битола“ Ќурчиевски истакна дека комбинатот одбележува 40 години од почетокот со работа и вклучувањето на Блок 1 во електроенергетскиот систем на земјата и од тогаш до сега ваков обем на набавка на механизација не се случил.
На прес-конференцијата во однос на гасификацијата беше истакнато дека наскоро во земјата ќе има вкупно 372 километри гасовод од преносната мрежа во државата.