За железничка инфраструктура со буџетот за следната година се планира да бидат потрошени 3,4 милијарди денари, како и да се реализираат за 80 отсто повеќе активности за гасификација.
Се најавува деблокирање на изградбата на првата делница од пругата кон Бугарија на потегот од Куманово до Бељаковце, за што ќе се потпише анекс на Договорот за изградба, како и повторен тендер, избор на изведувач и почеток на градежните работи за втората фаза од Куманово до Крива Паланка.
Со тоа, според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, првата фаза од пругата, од која се изградени само осум километри, ќе биде готова за 16 месеци, а втората фаза би завршила до 2021 година. Планираните 3,4 милијарди денари се за пругата по должината на Коридорот 8, предвидено е тековно одржување на пругите и станиците, а со крајот на годинава се очекува да биде готова пругата Битола – Кременица.
Првата делница од пругата кон Бугарија на потегот од Куманово до Бељаковце, како што потсети Сугарески, требаше да биде готова пред 25 месеци. Работите на терен ги закочија големиот број експропријации и нерешени имотноправни работи.
– За втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, имаме ретендерирање и очекуваме почеток на работата и затоа е предвидена толкава ставка. За оваа делница се обезбедени 145 милиони евра, од кои 70 милиони евра грант од Европската Унија, а другите се заем. Очекуваме дека до 2021 година ќе биде готова и втората делница – објасни Сугарески.
Од обезбедените 26,2 милијарди денари за капитални инвестиции, за патната и железничката инфраструктура се наменети 5,2 милијарди денари.
Како што истакна вицепремиерот Кочо Анѓушев, покрај железничките, одблокирани се и патните инфраструктурните проекти, што дава сигурност за реализација на БДП за следната година. Деблокирани се работите за изградба на автопатот Кичево – Охрид, во интензивна градба се повеќе експресни патишта во источниот и во западниот дел на државата Штип – Радовиш, Штип – Кочани, Крива Паланка, кај Прилеп.
– Сите овие проекти ни даваат право да констатираме дека градежништвото ќе има сериозен импакт врз економијата следната година – вели Анѓушев.
Владата очекува следната година за 80 отсто поголема реализација во изградбата и конечно решавање на проблемот за систем-операторот за гас со спојување на Македонски енергетски ресурси со ГАМА.