Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија го поздравува видливото подобрување во управувањето со јавните финансии и фискалната транспарентност, соопшти Министерството за финансии. На состанокот, донесена е одлука преговорите за членство на Република Македонија да почнат во јуни 2019 година.
– Европската Унија и лидерите на сите земји-членки ја препознаа Република Македонија како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и на општествен дијалог. Министерството за финансии како дел од Владата на Р. Македонија, посветено работи на спроведување на препораките на Европската Унија – наведуваат од Министерството за финансии.
Во соопштението додаваат дека со новиот Закон за спречување перење пари и тероризам, кој беше изгласан од Собранието, се подобрува системот за спречување перење пари и се работи на намалување на т.н. сива економија.
Во законот се прецизираат и се усогласуваат со четвртата ЕУ-директива одредбите што се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување регистар на вистински сопственици во рамките на Централниот регистар на РМ. Законска обврска е правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици.
Со оваа промена сопственик на правно лице повеќе нема да може да биде друго правно лице-фирма. Ќе мора да има податоци за физичко лице, сопственик со најголем удел на сопственост во претпријатието.