Епл најави изградба на ново седиште во Остин, главниот град на американската сојузна држава Тексас, при што планира да инвестира една милијарда долари, јавуваат британските медиуми.
Компанијата веќе има база во Остин, а благодарејќи на новата инвестиција ќе стане најголемиот приватен работодавец во тој град, се наведува во соопштението.
Во Остин Интел ги разви процесорите Атом, а таму се сместени и Дел, Амазон, Самсунг, Фејсбук, Гугл и ИБМ.
– Во Тексас е концентриран значителен дел на експерти за компјутерски чипови, а оваа сојузна држава е центар на индустријата за дата бази – толкува за Би-Би-Си независниот аналитичар Крис Грин.
Епл во Остин во моментов вработува 6.200 луѓе и тој град е неговата најголема база, покрај Купертин во Силиконската долина.
Во новото седиште компанијата во почетната фаза ќе вработи 5.000 нови работници, а според планираните капацитети ќе може да вработи вкупно 15.000.
Новите работни места се планирани во секторот инженерство, истражување и развој, како и во продажбата.
Од Епл најавија дека во следните три години имаат намера да отворат нови работни места во Сиетл, Сан Диего и Калвер Сити.
Во моментот Епл во САД вработува 90.000 работници, вклучувајќи ги и вработените во продавниците.