Бизнисмените велат дека планот и намерата се добри, но потенцираат дека за развој на бизнисот, меѓу другото, се потребни правна сигурност и услови за рамноправен натпревар на компаниите на пазарот, што, според нив, не може да се постигне со ад хок решенија туку со систематски решенија што генерално ќе овозможат подобри перформанси на домашната економија
БИЗНИСМЕНИТЕ РЕЗЕРВИРАНИ ВО ОДНОС НА ПОСЛЕДНИТЕ НАЈАВИ ЗА ДРЖАВНАТА ПОМОШ НА КОМПАНИИТЕ
Уште многу правни, бирократски, инфраструктурни, пазарни и секакви други пречки треба да се надминат за последните најавени владини мерки, исто како и многу други од претходно, да почнат да даваат посакувани ефекти. Тоа би можел да биде сублимат на оцените на бизнисмените и на економските експерти по објавата дека Владата ќе ја зајакне финансиската помош за компаниите од индустриските зони што ќе работат со домашни доставувачи, за иселениците што би инвестирале во земјава, за сите оние што ќе инвестираат надвор од Скопје, особено во помалку развиените региони, како и за компаниите што ќе инвестираат во обуката на кадарот.
Решенијата за овие мерки веќе се вметнуваат во измените на Законот за поддршка на инвестициите, а целта на сето тоа, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, е да се забрзаат економскиот раст и развој на земјата со поддршка на инвестициите и со поттикнување на вработувањата.
Бизнисмените велат дека планот и намерата се добри, но потенцираат дека за развој на бизнисот, меѓу другото, се потребни правна сигурност и услови за рамноправен натпревар на компаниите на пазарот, што, според нив, не може да се постигне со ад хок решенија туку со систематски решенија што ќе овозможат подобри перформанси на домашната економија.
Секогаш кога се нудат поволности за спас на економијата се
привилегираат одредени компании
Претседателот на Собранието на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи, кој и самиот е бизнисмен, потенцира дека не е поддржувач на интервентни мерки, бидејќи истите тие даваат краткорочни и моментални решенија.
– Кај нас се реагира ад хок, кога треба нешто да се спасува, па така и во оваа ситуација се нудат поволности за одредени компании што ќе бидат привилегирани, без да се бара трајно решение што ќе придонесе кон трајно привлекување инвеститори. Со вакви мерки може многу лесно да се падне во стапица, со нивното спроведување да се примами администрацијата, која, за жал, може да биде корумпирана и да ги добијат средствата фирми што можеби и не се најдобриот избор. Дополнително со ваквите решенија однапред се прават едни компании попривилегирани од други, кои, пак, на тој начин се ставаат во понеповолна ситуација. Според мене како бизнисмен, најдобро решение е добра бизнис-клима што подразбира еднакви услови за сите компании, владеење на правото и елиминирање на корупцијата, без привилегии. Македонија не е земја без можности и без предуслови за развој на економијата, напротив, но лошите политики ги влошија состојбите. Немаме конзистентност во политиките и ваквиот пристап ги прави едни компании привилегирани, додека другите се во нерамноправна позиција. Не е добро ниту за мене да ми оди сѐ подмачкано извесен период, а за другите да има кочници, треба сите заедно да напредуваме и да работиме под исти услови за да се подобрува конкурентноста меѓу компаниите – истакнува Кучи.
Тој дополнува дека како претставник на бизнис-заедницата постојано апелира дека е потребно подобрување на автопатиштата, на патната поврзаност, но укажува дека иако добиваат ветувања дека инфраструктурата ќе се подобри, тоа на терен многу тешко оди.
– Не е само патната поврзаност кочница, има и други предуслови што државата треба да ги обезбеди за да им овозможи еднакви услови на компаниите. Јас како сопственик на компанија имам обврска да плаќам придонеси со кои се полни државниот буџет и сите што работат треба да имаат исти обврски и треба да бидат исто третирани – потенцира Кучи.
Бизнисмен, кој инсистираше на анонимност, потенцира дека решение за поттикнување на економијата не е преку поддршка на некои компании и дека за развој на економијата ни се потребни системски решенија. Тој потенцира дека и досега се давала помош за компаниите, која не се знае каде точно завршила, а дополнително што и покрај помошта одредени компании пропаднале, поради што тој смета дека истата таа била залудно потрошена. Според него, можеби идејата е добра, но за вистински раст на економијата треба да се променат политиките и наместо ад хок решенија, да се бараат долгорочни систематски решенија.
Плановите и намерите се добри, но можностите се далеку под посакуваните
Првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, посочува дека првичната идеја и намерата се добредојдени, но сепак, укажува дека реализацијата на истата таа е токму она што ја прави дискутабилна.
– Планот и намерата може да кажеме дека се добри, би било уште подобро ако имаа паметен пиар и го потенцираат моментот дека во рамките на рамномерниот регионален развој работат на зголемување на вработеноста во регионите каде што таа е помала. Вистината е дека имаме висок процент на сиромаштија и кај нас турбо работат народните кујни, тие се полни насекаде, не само во регионите што се послабо развиени туку и во Скопје и другите поголеми градови. Затоа велам дека намерата и идејата се добри, но, за жал, кај нас под прашалник се капацитетите за реализација, а со нив и квалитетот. Идејата е сосема на место, но проблемот е како истата таа ќе се реализира, а дополнително што во овие моменти наликува како на предизборна кампања, но сепак, да оставиме времето да покаже каде точно ќе бидат наменети средствата и каков ефект ќе имаат – вели Бошков.
Домашните доставувачи тешко дека ќе можат да им конкурираат на странските
Што се однесува до подобрување на соработката меѓу домашните и странските компании, од кои најголем дел се во индустриските зони, Бошков вели дека не претставува пречката самиот факт што тие компании се дел од корпорации што имаат воспоставени синџири на доставувачи или, пак, во недостиг од комуникација, туку во предусловите што ги имаат домашните компании за да им конкурираат на тие светски доставувачи.
– Денес имаме многу социјални мрежи, многу полесен пристап до информации, и имаат можности компаниите да дознаат повеќе едни за други, но каде се поголемите кочници за развивање една соработка? Еве, да речеме, дека ќе се договорат некоја компанија од Македонија и странска компанија, при што домашната би се нафатила да произведува, на пример, пластични буриња за вода за шофершајбните за една од странските фирми во земјава. Каде се проблемите? Ако речеме домашната компанија е од Прилеп, Делчево или друг град, прв проблем со кој ќе се соочи домашната компанија е како да обезбеди доволно енергија, која истовремено е и поевтина и сигурна. Друг проблем или прашање што претставува кочница е каква е инфраструктурата за да се пренесат готовите производи до странската компанијата со која се договориле. Притоа мора да се има предвид дека не е значајно само да се обезбеди некаков пристап, туку истиот тој да е доволно квалитетен за домашните компании навреме да испорачаат квалитетен производ што ќе биде конкурентен на светските производители – потенцира Бошков.