„Европа“ ад Скопје е компанијата која доби прво одобрение за овластен економски оператор од Царинската управа согласно стандардите за безбедност и сигурност. Тоа е меѓународно призната марка за квалитет која е показател дека економските операторикако што се производители, извозници, увозници, шпедитери и транспортери, во меѓународниот синџир на снабдувње се безбедни и сигурни и оти нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласни.
Одобрението денеска и беше врачено на генералната директорка на „Европа“ ад Скопје Марика Кираџиоска од страна на премиерот Зоран Заев и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасосоки.
Според Кираџиоска, добиеното одобрение содржи строги процедури и прописи, но и бенефиции кои на компанијата ќе и го зголемат угледот и конкурентноста и ќе и ги намалат трошоците.
-„Европа“ Скопје се јавува во улога на извозник и увозник што значи дека гарантира за целиот производствен процес, за суровините што ги користат, постапките на производство и на набавка. Истовремено ги почитуваме сите законски постапки поврзани со увозот и со извозот. Носителот на одобрението е сигурен партнер кој ги презел сите безбедносни мерки во процесите за производство и на тој начин претставува сигурен партнер во меѓународниот синџир на снабдување на стоката кој е оценуван од државните и меѓународните партнери, рече Кираџиоска.
За добивање на сертификатот аплицирале во септември лани и, како што посочи, немале значителни трошоци освен давачки за административни такси.
Танасовски информираше дека во процес на издавање се уште три одобренија за овластен економски оператор, а уште десет компании вршат консултации со Царинската управа за поднесување барање во текот овој и следниот месец.
-Со добивањето на статусот овластен економски оператор домашните компании покрај поволностите за царинското подрачје на државава ќе имаат такви поволности и во сите учесници во ЦЕФТА со можност за поголемо користење на поедноставени царински поставки, приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на физички и документациски контроли од царинските служби, избор на местото на контрола, рече Танасовски, потенцирајќи дека овластениот економски оператор е додадената вреднсот што ја прави меѓународната трговија побезбедна, побрза и поефикасна.
Според премиерот Заев, концептите како овластениот еконмски оператор придонесуваат за јакнење на регионалната економија, со заеднички царински контроли, анализи на ризик и размена на информации.
– Поседувањето на сертификатот за компаниите значи дека ги исполнуваат економските и безбедносните стандарди за вршење на надворешната трговија, рече Заев истакнувајќи дека ваквиот сертификат истовремено е и инвестиција за производителите, транспортерите, шпедиторите и увозниците со царински стандард кој и дома и во странство е показател дека компанијата силно работела на подигнување на нивото на сопствената конкурентност.
Овластениот економски оператор претставува нов концепт и модернизација на царинското и надворешно трговското работење кое произлегува како реформа од Берлинскиот процес и протоколот 5 од ЦЕФТА. За негово воведување минатата година беа донесени соодветни измени на Царинскиот закон и на уредбата на овој закон. Во светот има 77 програми за овластен економски оператори и 17 во најава. Според податоците на Светската царинска организација, постојат 35 договори за меѓународно признавање, а 35 се во фаза на преговарање.