Десет милиони евра од Европската банка за обнова и развој ќе бидат достапни за кредитирање на малите и средните претпријатија во Македонија преку Шпаркасе банка, која е втора македонска банка што се приклучува на оваа иницијатива на ЕБОР.
Средствата се обезбедени од Програмата за поддршка на конкурентноста за Западен Балкан, што заедно со Европската Унија (ЕУ) обезбедува среднорочно и долгорочно финансирање на малите и средните претпријатија и им помага да ги достигнат ЕУ-стандардите.
Финансирањето ќе биде насочено кон надградба на производствените капацитети за подобрување на конкурентноста на локалните компании, а најмалку 60 отсто од фондовите ќе бидат насочени кон намалување на потрошувачката на енергија и ресурси и поврзаните трошоци.
Малите и средните претпријатија што ќе користат кредити преку Шпаркасе банка Македонија, доколку успешно ги завршат проектите на модернизација по одредени ЕУ-стандарди, ќе добијат ИПА-грант финансиран од ЕУ.
– Малите и средните претпријатија се главен двигател на македонската економија. Според податоците на ЕУ, тие придонесуваат со речиси 65 отсто во вкупната додадена вредност и околу 80 отсто во сите работни места во земјата, што е далеку над просекот во ЕУ – информираат од Шпаркасе банка.
Кредитот на ЕБОР е поддржан со 1,5 милион евра грант од ЕУ, од Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Програмата за поддршка на конкурентноста за Западен Балкан се стреми да обезбеди вкупно 30 милиони евра за кредитирање на македонските комерцијални банки, во наредниве години, придружувани од грант од ЕУ во вкупен износ од шест милиони евра. Е.Р.