Една од целите на формирањето на Гарантниот фонд е преку обезбедување дел од колатералот за новоодобрени кредити да се поттикнат банките и штедилниците, особено за време на пандемијата, и во период на економско закрепнување да ја зголемат понудата на поволни кредити
Силен импулс за извозниците преку Гарантен фонд
Извозните компании што имаат потреба од свежи пари, наменети за поддршка на извозот, до нив можат да дојдат со поддршката од Развојната банка, поточно преку Гарантниот фонд, со кој се гарантираат до 50 проценти од износот на кредитот. Поддршка се најавува од минатата 2020 година, а од неодамна почна да се применува. За почеток, за Гарантниот фонд, воспоставен со средства од буџетот на Република Македонија, се издвоени 10 милиони евра.
– Станува збор за нов производ, гаранција од Гарантен фонд, со која може да се гарантираат до 50 отсто од износот на кредитот што ќе го користи компанијата извозник. Извозници поддржани со овој производ се големите трговски друштва, домашни, доминантно приватни компании, чии приходи од извоз учествуваат со најмалку 30 проценти во вкупните приходи за последната фискална година. Овој производ е овозможен преку воспоставување кредитно-гарантна шема преку Гарантниот фонд и претставува реализација на една од мерките на Владата за поддршка на извозните компании, особено за време на пандемијата предизвикана од ковид-19. Мерката се подготвуваше заедно со Министерството за финансии, а во согласност со добрите практики во регионот и со поддршка на меѓународни институции. Вкупниот потенцијал на Гарантниот фонд, кој е воспоставен со средства од буџетот, е 100 милиони евра вкупен износ на поддржани кредити. До крајот на годината е предвидено зголемување на потенцијалот на Гарантниот фонд на 150 милиони евра вкупен износ на поддржани кредити – посочуваат од Развојната банка.
Една од целите на формирањето на Гарантниот фонд е преку обезбедување дел од колатералот за новоодобрени кредити да се поттикнат банките и штедилниците, особено за време на пандемијата, и во периодот на економско закрепнување да ја зголемат понудата на поволни кредити. Со оваа гаранција се гарантираат до 50 отсто од износот на кредитот што го користи компанијата извозник, при што тој треба да е над 3.075.000 денари и до максимум 30.000.000 денари. Како што истакнуваат од Развојната банка, износот на гаранцијата може да биде максимум до 15 проценти од вкупните приходи на трговското друштво во последната фискална година.
– Кредитот за извоз по кој се гарантира треба да е наменет за обртни средства со рок на отплата до три години и вклучен грејс-период до една година, или за основни средства со рок на отплата до осум години и со вклучен грејс-период до една година. За овој производ, компаниите директно се обраќаат до Развојната банка, при што банката го разгледува барањето и издава гаранција за барателот кон банка или штедилница, од каде што истиот тој ќе користи кредит. На овој начин се обезбедува значителна поддршка на извозниците во насока на обезбедување дел од колатералот за кредит. Како обезбедување за индивидуалната гаранција се користи меница. Имајќи ја предвид потребата за силна поддршка на извозните компании, особено во овој клучен период, интересот е очекувано голем. Примарна цел на банката е да обезбеди информирање на компаниите за овој производ, а со цел искористување на потенцијалот на Гарантниот фонд. Очекуваме првите комплетирани барања до нашата банка да пристигнат во текот на месецот што следува – објаснуваат од РБСМ.
Оваа кредитно-гарантната шема обезбедена преку Гарантниот фонд, се очекува да овозможува значајна поддршка за приватниот сектор преку обезбедување дел од колатералот за заеми за тековни и основни средства. Од Развојната банка велат дека поради големиот интерес за користење на можноста за гаранции, очекуваат целосно да се искористат средствата издвоени за Гарантниот фонд.
– Тековно, Гарантниот фонд располага со средства во износ од 10 милиони евра, меѓутоа е предвидено негово зајакнување за дополнителни пет милиони евра до крајот на годината. Мултипликативниот ефект на Гарантниот фонд е десеткратен, односно вкупниот потенцијал за поддршка на кредити на Гарантниот фонд изнесува 100 милиони евра, односно 150 милиони евра до крајот на 2021 година – појаснуваат од Развојната банка.
Бизнисмените сметаат дека поддршката преку гарантната шема е добра идеја и сметаат дека заедно со другите услуги, како кредитното осигурување, факторингот и слично, кои ги нуди банката, ќе бидат од голема помош за извозниците. Наедно додаваат дека нивните услуги е потребно и понатаму да се развиваат и постојано да се зголемува капиталот на оваа банка.
Некои од бизнисмените, пак, укажуваат дека е потребна поголема промоција на инструментите што ги нуди банката.
– Сите овие продукти што се нудат преку Развојната банка и слични институции/корпорации се секогаш добредојдени и од голема помош за извозот. За жал, многу мал број компании ги користат нивните услуги и потребна е поголема видливост на тие инструменти, за да може да се зајакне нивната употреба – вели Калин Бабушку, бренд-менаџер во компанијата „Македонија експорт“.
Уште при носењето на одлуките и законите за обезбедување на Гарантниот фонд, министерот за финансии го потенцираше значењето на ваквата гаранција што компаниите ќе можат да ја користат преку комерцијалните банки, а која треба да биде големо олеснување за пристап до финансии.
– Спроведувањето на оваа мерка е од големо значење за микро, малите и средни претпријатија, бидејќи значително им се олеснува пристапот до капитал и им се дава поддршка во време кога поради кризата е намалена ликвидноста во стопанството – посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.