Секој работодавец што ќе ја зголеми платата на работниците во нето-износ од 25 отсто од просечната плата, од октомври ќе биде ослободен од плаќањето на придонесите за здравствено и пензиско осигурување.
За остварување на оваа мерка, која треба да стапи во сила од 1 октомври, предвидени се пари со ребалансот на буџетот за 2019 година што го подготви Министерството за финансии, а во чија крајна фаза се вклучи и новата министерка Нина Ангеловска.
– Пресметката е вклучена во ребалансот и сметам дека е добро тоа што мерката ќе овозможи малите и средните компании и воопшто компаниите да можат да дадат поголеми плати, а притоа да бидат ослободени од плаќање на придонесите – порача Ангеловска.
Претходно и премиерот Зоран Заев најави дека со ребалансот на буџетот ќе се даде поддршка за реализација на капитални проекти и за новите мерки во насока на зголемување на платите и подобрување на услугите за граѓаните.