Струен удар врз пандемиската економија и стандардот на граѓаните
Домашните економски експерти укажуваат дека со растот на цената на електричната енергија ќе се предизвика и раст на цените на производите во малопродажба и на услугите, што ќе биде уште еден дополнителен трошок за граѓаните и причина плус за нивно осиромашување
Нов удар за граѓаните ќе предизвика сѐ поизвесниот раст на цените на производите во малопродажба, но и можни поскапувања на услугите како резултат на најавеното зголемување на цената на електричната енергија. По одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за покачување на цените, не стивнуваат реакциите во јавноста. Граѓаните се гневни на оваа одлука, поради што веќе се најавуваат и протести на повеќе локации и од повеќе организатори. Од друга страна, економските експерти укажуваат дека најавата за раст на цената на струјата ќе предизвика и дополнителни ценовни шокови и уште повеќе ќе се влоши економската состојба во која се наоѓаат претпријатијата поради корона-кризата, а сето тоа дополнително ќе го влоши животниот стандард на граѓаните.
– Поскапувањето на струјата е несоодветно од два аспекти. Прво, одлуката е донесена без претходна најава, што за бизнис-секторот претставува шок. Со оглед дека изгледите за економскиот раст се негативни, а голем дел компании работат со намалена активност, овој трошок лесно ќе се прелее на крајната цена на производот. А трошокот ќе го преземат потрошувачите – вели Благица Петрески, главна економистка при Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Таа истакнува дека ваквата одлука во период на голема здравствено економска криза е значителен удар за граѓаните, од кои дел се соочува со неизвесност, дел ги загубил работните места или, пак, има намалени приходи.
– Второ, во услови на криза, кога граѓаните се соочуваат со неизвесност, некои од вработените ги изгубија работните места, а некои се соочуваат со намалени приходи, повисоката цена на струјата е сериозен трошок и удар за животниот стандард, особено за најранливата категорија граѓани. Оттука, оваа одлука треба да се преиспита – посочува Петрески.
Сѐ поизвесен домино-ефектот од поскапувањето
Сличен став и можност од домино-ефект предизвикан од растот на цената на струјата очекува и професорот Здравко Савески, кој истакнува дека поскапување на струјата во ек на пандемија е неодговорен потег.
– Поскапувањето на струјата е крајно неодговорно барање на енергетските компании, кои профитот го поставија како врвен приоритет, не земајќи предвид ништо друго. Неодговорно е и прифаќањето на нивните барања од Регулаторната комисија за енергетика, која застана во заштита на интересите на капиталот, приоретизирајќи ги нив пред другите фактори. Бидејќи поскапувањето е значително и е прво големо поскапување од 2012 година, тоа ќе предизвика поскапување на цените кај стоките за чие производство се троши електрична енергија. Претпријатијата, поради здравствено-економската криза, немаат преголем маневарски простор на друг начин да надоместат за зголемувањето на трошоците на производство поради ова поскапување, така што многу е веројатно тоа да го надоместат преку зголемување на финалната цена. А на таков начин граѓаните, покрај директниот удар што ќе го доживеат од поскапувањето, преку повисоките сметки во домаќинството, ќе доживеат и индиректен удар, поради зголемувањето на цената на низа производи – објаснува Савески.
Голем број организации, здруженија, синдикати, политички партии и поединци револтирани од одлуката, особено што истата таа се носи во услови на пандемија, кога голем број граѓани се без работа, со намалени плати и економски истрошени, своето незадоволство го изразија на социјалните мрежи. Револтот е особено голем поради образложението дека струјата поскапува поради раст на трошоците на енергетските компании, па многумина го поставија прашањето дали компаниите може да најдат друг начин да ги намалат трошоците.
Кој сака да работи во комфорна зона?
Даночниот експерт Павле Гацов објаснува дека пазарот на струја е регулиран, но и дека регулаторот треба да внимава на интересите на сите учесници за да обезбеди негово функционирање.
– Директни ефекти од последното покачување на цената на струјата се поголеми приходи и поголеми профити за електричните компании, а поголеми трошоци и загуби, или полош животен стандард за корисниците. Цената на увозната струја не може да биде причина за покачување, бидејќи просечната берзанска цена на струјата во 2020 година е пониска од онаа во 2019 година. Имено, просечната цена на струјата на унгарската берза на струја за 2020 година изнесува околу 35 евра за мегават, а просекот за 2019 година е околу 50 евра по мегават-час – посочува Гацов.
Поради овие причини, Гацов пишува дека „намалената потрошувачка на струја како причина за намалувањето на планираните профити за 2020 година е оправдување само за оној менаџмент што сака да работи во комфорна зона, односно со зголемената цена да ги поврати изгубените приходи (профити), наместо тоа да го прави во делот на намалување на расходите, подобрување на организацијата на работењето, продуктивноста, инвентивноста, искористеноста на капацитетите, менаџментот со човечкиот капитал и слично“.
За 14 години цената зголемена за 230 проценти
Се најавуваат и протести на граѓани на повеќе локации во земјава, Тетово, Гостивар и Чаир. Покрај овие протести, без сѐ уште утврдена локација мирен протест најавија и од Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото (НСГРИТГ), кои сметаат дека поскапувањето е показател за недомаќинско работење.
– Во 2007-та евтината тарифа беше 1,20 денар за киловат-час, скапата тарифа 2,40 денари, а во 2011 година евтината тарифа 1,76 денар за киловат-час, а скапата тарифа 3,52 денари. Од 2006 до 2011 година имаше зголемување од нецели 150 проценти. Во 2018, 2019 и 2020 цената на евтината тарифа изнесуваше 2,70 денари за киловат-час, а скапата 5,54 денари по киловат-час, а во оваа цена ја ставија и ангажираната моќност од 33 проценти. За 14 години имаме поскапување за 230 проценти или 2,3 пати – посочи претседателот на НСГРИТ, Атанас Трајковски.
Наедно беше организирана и онлајн петиција на која се приклучија илјадници граѓани за укинување на одлуката за поскапувањето на струјата. Во неа се бара регулаторот да ја повлече одлуката за поскапување на струјата, намалување на ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 проценти, укинување на скапата тарифа, формирање посебен фонд за покривање на трошоците на лицата со финансиски тешкотии, кој ќе биде финансиран од профитот на универзалниот снабдувач, и укинување на задолжителната комунална такса за јавно осветлување.