Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку продолжи тенденцијата на отпуштање работници или ако се намали стапката на вработеност, може да се очекува дополнителен раст на нефункционалните кредити кај категорија население, како и кај корпоративните кредити, но експертите објаснуваат дека дури и во тој случај банките имаат на располагање повеќе
механизми со кои можат да им помагаат на клиентите при отплатата

ПО ОБЈАВАТА ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА НЕФУНКЦИОНАЛНИТЕ КРЕДИТИ

Одредено зголемување на нефункционалните кредити на граѓаните, за 21,4 отсто, во првиот квартал од годинава, засега, не претставува опасност за стабилноста на банкарскиот систем, оценуваат експертите откога Народната банка објави дека корона-кризата го отежнува нивното враќање од страна за задолжените. Имено, по истекот на двете можности за одложена отплата на кредитите, централната банка регистрирала пораст на нефункционалните кредити, со нагласка дека поголем е растот кај домаќинствата каде што нефункционалните кредити се зголемиле за 21,4 процент, споредено со последниот квартал од 2020 година.
– Во првиот квартал од 2021 година дојде до зголемено остварување на кредитниот ризик, што се согледува преку повисокото ниво на нефункционалните кредити. Зголемувањето, главно, произлегува од кредитите каде што периодот на одложена отплата (одобрен при првиот и/или вториот бран на олеснување на договорните услови во 2020 година, заради полесно справување со негативните ефекти од здравствената и економската криза), е веќе истечен. Стапката на нефункционалните кредити минимално се влоши и изнесува 3,5 отсто. Од секторски аспект, растот на нефункционалните кредити главно беше сконцентриран кај кредитите на домаќинствата (квартален раст на нефункционалните кредити за 21,4 процент), додека нефункционалните корпоративни кредити останаа речиси непроменети (-0,6 отсто) – пишува во извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Македонија изработен од Народната банка на Република Северна Македонија.
Експертите објаснуваат дека и покрај растот на нефункционалните кредити, нивното ниво не претставува опасност по стабилноста на банкарскиот систем.

– Процентот на нефункционални кредити е во рамките на историски најниското ниво во државата. Мислам дека имаме и најниско ниво на нефункционални кредити во регионот, можеби има промени во податоците, не сум ги видел последните, најновите податоци, но така беше пред краток период. Логично е да има мал пораст на нефункционалните кредити и логично е да се појави и кај корпоративните кредити, не само кај населението. Очекувано е да има раст на нефункционалните кредити и кај стопанството, бидејќи имаме една жестока криза, која е резултат на здравствената криза, на пандемијата, и која трае веќе втора година, поради што имаме негативни стапки на економски раст – вели поранешниот гувернер Петар Гошев.
Според Гошев, доколку и во иднина продолжи тенденцијата на отпуштање работници или ако се намали стапката на вработеност, кај категорија население може да се очекува дополнителен раст на нефункционалните кредити. Тој додава дека негативни тенденции може да се појават и кај корпоративните кредити.
– Ретко кој бизнис функционира без кредити, слична е ситуацијата и кај домаќинствата, голем дел се корисници на некакви кредити или кредитни картички, но понатамошниот тек на нефункционалните кредити ќе зависи и од развојот на економијата, каков тек ќе имаат економските движења. Сепак, сегашната состојба со нефункционалните кредити не е толку драматична, не загрижува, и сегашната состојба со истите тие не би можела да го загрози банкарскиот сектор во земјава. Банките веќе презедоа чекори со кои им овозможија на граѓаните, веројатно и на дел од компаниите, период на одложено плаќање, и тоа во два наврати. Но понатамошно олеснување, отписи, одложување ќе се одрази врз билансите на банките. Но сегашното ниво на нефункционалните кредити не е ризично – потенцира Гошев.
Тој објаснува дека банките имаат на располагање и други форми за да им помагаат на клиентите при отплатата на кредитот, преку репрограмирање, рефинансирање, но секој случај е различен и за вакви одлуки банките пристапуваат индивидуално, ги разгледуваат условите, начините и се договараат нови услови, нови мерки со секој поединечен клиент.

– Може да се одложува наплатата, но така само се зголемуваат долговите на клиентите. Интересот на банката е да го спасат клиентот и тој да продолжи да работи со банката, да зема кредити, да плаќа, да ги користи нејзините услуги, не да пропадне… Банките работат за клиенти и тие не би сакале да губат од клиентите, да им се намалува портфолиото. Ако конкуренцијата има повеќе клиенти, ќе работи подобро и ќе го губат пазарното учество, што може негативно да се одрази во иднина врз нивната работа. Затоа банките сакаат да ги спасат сите клиенти – појаснува Гошев.
Народната банка во својот извештај наведува дека очекува да се одолжи одржливото закрепнување на реалниот сектор, поради продолженото траење на пандемијата. Оттаму посочуваат дека масовната имунизација во глобални и домашни рамки ќе овозможи побрзо решавање на здравствената криза и постепено закрепнување на домашната економија, но, сепак, додаваат оти се појавуваат нови ризици поврзани со темпото на вакцинацијата и со нејзината ефикасност кон новите варијанти на вирусот. Случувањата со пандемијата и натаму се значаен ризик-фактор во врска со кредитниот ризик на кој се изложени банките.
– Имајќи предвид дека кај најголем дел од кредитите што беа под мораториум, грејс-периодот заврши заклучно со крајот на март 2021 година, во наредниот период може да се очекува зголемено остварување на кредитниот ризик и раст на нефункционалните кредити кај банките. Ваквите ефекти најмногу би можеле да се очекуваат од клиентите соочени со поизразени финансиски тешкотии, односно со нестабилни/неизвесни месечни примања, како и оние чиј доход е поврзан со дејностите кај кои најмногу се одразија негативните ефекти од корона-кризата.

Засега, застапеноста на кредитите што се под мораториум изнесува само 2,2 отсто од вкупните редовни кредити на 31.3.2021 година, со повисоко учество од 4,3 проценти во сегментот на претпријатијата. Кредитите со одобрен грејс-период, особено оние со одобрен втор грејс-период, се оценуваат како најзначаен потенцијален извор на нови нефункционални кредити, поради неизвесноста дали по истекот на грејс-периодот овие клиенти ќе бидат во можност да вршат редовна отплата на кредитите. Кредитни загуби од кредитите со одобрен грејс-период во одредена мера веќе испливаа на површина во првиот квартал, но најмногу ќе се согледаат во преостанатиот период од 2021 година. Под екстремна претпоставка за целосна ненаплатливост на сите кредити со одобрен втор грејс-период, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем би се намалила за околу 5 процентни поени. Банките ги оцениле кредитите со одобрен грејс-период, особено оние со одобрен втор грејс-период, како поризични и соодветно обезбедиле повисока покриеност со резервации, во однос на вкупните редовни кредити на нефинансискиот сектор и кај одделните сектори – се наведува во извештајот на НБРСМ.


Најтешко се враќаат потрошувачките кредити

Извештајот на НБРСМ посочува дека зголемувањето на обемот на нефункционалните кредити, главно, произлегува од зголеменото задолжување на домаќинствата. Нефункционалното кредитно портфолио составено од домаќинствата, квартално порасна за 21,4 отсто, или за 636 милиони денари, што претставува најголем раст по периодот на глобалната финансиска криза (2008 и 2009 година), наведуваат од Народната банка.
– Околу 80 отсто од растот на нефункционалните кредити на домаќинствата отпаѓа на нефункционалните потрошувачки кредити, кои се зголемија за 27,3 проценти, или за 511 милиони денари. Раст бележат и нефункционалните кредитни картички (за 98 милиони денари, 41,1 отсто) и другите кредити за потрошувачки цели без дефинирана намена (за 52 милиона денари, или 28,4 проценти). Новите нефункционални кредити од домаќинствата се главно поради неисполнување на кредитните обврски на повеќе клиенти на поединечни мали износи, за кои отплатата на кредитите беше „замрзната“ во еден дел од 2020 година поради корона-кризата. Нефункционалните кредити каде што претходно било одобрено олеснување поради корона-кризата зафаќаат речиси 40 отсто од вкупните нефункционални кредити на домаќинствата на 31.3.2021 година и во целост го условуваат кварталниот раст на вкупните нефункционални кредити на овој сектор – се вели во извештајот на НБРСМ.