Д-р Петар Талески, член на Управниот одбор на „Сава пензиско друштво“ а.д. Скопје
„Сава пензиско друштво“ е првото пензиско друштво во државата што изработи мобилна апликација „Сава пензиско план“, преку која им овозможи на своите членови да имаат навремен и целосен увид во својата пензиска заштеда, во секое време, преку својот мобилен телефон. По тој повод разговараме со д-р Петар Талески, член на управен одбор на „Сава пензиско друштво“ а.д. Скопје
Напредокот на технологијата во изминатите неколку децении го измени начинот на живеење на секој поединец. Некои работи кои што ни се случуваат денес не беа предвидени дури ниту во научнофантастичните филмови. Дали денешниот начин на комуникација и размената на информации ги надминаа сите очекувања?
– Технолошкиот напредок денес е толку брз, што понекогаш е тешко да се следат сите иновации што ни се случуваат. Се сеќавам на филмот од 1989 година „Враќањето во иднината“, во кој на еден начин беше најавено ова што ни се случува денес. Токму во овој филм има сцена во која се појавува телефонски разговор на голем ТВ-приемник. Во суштина, тоа личи на денешната размена на податоци за видео и говор, како Зум, Фејстајм и Вибер-видеоповик.
Дигитализацијата е во центарот на вниманието на многу компании. Без разлика за каква компанија станува збор, доколку не се унапредат процесите, многу е тешко да се остане конкурентен на пазарот. Колку „Сава пензиско друштво“ вложува во дигитализација на своето работење?
– Може да се каже дека дигитализацијата е процес што води во една единствена насока – кон иднината. Ние како друштво сме отворени кон новите технологии и будно ги следиме иновациите што ги носи информациската технологија. Дигитализацијата за нас претставува начин да ги подобриме услугите за нашите членови. Токму затоа сме прво пензиско друштво што воведе мобилна апликација „Сава пензиско план“, која им овозможува на нашите членови да имаат постојан и брз увид во својата пензиска заштеда во услови на динамично темпо на живот, кое создава потреба кај членовите на пензиските фондови за брз и автоматизиран пристап кон информации. Покрај тоа, постојано вложуваме и во модернизација на нашите интерни операции за да ја автоматизираме и подобриме интеракцијата со нашите деловни соработници.
Кои се функционалностите на мобилната апликација „Сава пензиско план“ и што им нуди таа на членовите на пензиските фондови?
– Мобилната апликација „Сава пензиско план“ им нуди на нашите членови брз и транспарентен увид во нивната пензиска заштеда. Секој член во пензиските фондови „Сава пензиски фонд“ и „Сава пензија плус“ преку своето корисничко име и лозинка може да се најави на мобилната апликација и да ја дознае состојбата на својата пензиска заштеда. Членовите ги добиваат корисничкото име и лозинка во годишниот извештај што им се доставува во зелен плик на нивната домашна адреса или на електронската адреса. Преку најава на мобилната апликација, на нашите членови им се достапни сите информации поврзани со пензиската заштеда. Тие имаат увид во состојбата на пензиската сметка, може да генерираат детален извештај, да ги ажурираат личните податоци и да го променат начин на известување. Членовите исто така редовно ќе добиваат известувања секогаш кога ќе им биде уплатен придонес.
Единствен начин да работиме и да останеме во комуникација во оваа криза е преку дигиталните алатки што ни се на располагање. Дали сметате дека оваа криза ќе го забрза процесот на дигитализација на компаниите и како вие, како друштво, во оваа криза комуницирате со вашите членови и соработници?
– „Дигитална трансформација“ е значаен термин во деловните кругови со години, бидејќи компаниите се обидуваат да се приспособат на новите технологии за да ги подобрат услугите за своите клиенти и да останат компетитивни на пазарот. Излезе дека за катализирање на брзото учење и совладување на дигитализацијата ќе биде значајна глобална пандемија, која едноставно наметнува присилна промена.
Како „Сава пензиско друштво“ ја координира својата работа за време на глобалната пандемија и како таа влијае на вашиот работен процес?
– Благодарение на веќе воспоставените дигитални системи за соработка и комуникација, ние како друштво веднаш се организиравме и приспособивме на новите услови, а со тоа овозможивме сите деловни операции и комуникации да се одвиваат непречено и во друштвото и со нашите деловни соработници. Со членовите комуницираме преку повеќе дигитални канали, кои ги користевме и пред кризата. Комуникацијата и информирањето се одвиваат преку мобилната апликација, социјалните мрежи, електронската адреса и веб-страницата. Тие имаат избор и може да контактираат со нас на повеќе начини.
Дали дигитализацијата подразбира само воведување нови технологии во работењето или е многу повеќе од тоа?
– Дигитализација претставува многу повеќе од замена на еден процес со друг нов, побрз и поедноставен. Таа е нов и флексибилен начин да се одговори на потребите на клиентите и да се подобри квалитетот на услугата. Кога зборуваме за дигитална трансформација, не зборуваме само за надградба на технологијата туку за еден нов начин на размислување што е отворен кон промените што ги носи иднината. За целосна трансформација, потребно е да изградиме доверба во новите технологии и иновации и тие да станат наше секојдневие. Тоа претставува континуирана активност и подразбира лидерство, стратегија и иновативен начин на размислување. Постои име на една музичка група, која се вика „Rage Against The Machine“, што во превод значи „Бес кон машината“. Името на музичката група се базира на терминот што се користел во минатото, од времето на индустриската револуција, кога луѓето што останале без работа поради индустријализацијата го изразиле својот бес кон машините, кршејќи ги машините поради тоа што сметале дека тие се виновни за нивната состојба на губењето на работата. Сепак, историски се покажало дека машините донеле многу повеќе работа за сите во иднина. Сега, во овие модерни времиња, кога нивото на знаење е поголемо, постоењето на т.н. бес насочен кон технологијата е тешко да се каже дека постои, но тешко може да се оствари дигитализација без формирање култура за дигитализирање. Тоа е процес што треба да започне со проекти што ќе бидат „светилници“ кон остварување на успехот за создавање и надградба на таквата култура за воспоставување дигитализација.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229.