Монетарна поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што каматната стапка на благајничките записи се задржа на нивото од три отсто, а понудата на благајнички записи остана на нивото од 25.000 милиони денари, е заклучокот од одржаната редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).
Според последните расположливи податоци, на седницата било констатирано дека повеќето од показателите, клучни за монетарната политика, се во рамките на очекувањата. Извесни отстапувања се забележуваат во делот на економската активност, каде што првичните податоци за БДП во првиот квартал на годинава упатуваат на минимален раст, што е под проектираното движење, како одраз на послабиот раст на приватната потрошувачка и поголемиот пад на инвестициите. Ваквите отстапувања создаваат и надолни ризици за проектираниот раст за целата 2018 година од 3,2 отсто.
– Расположливите податоци за вториот квартал главно упатуваат на нешто поповолна состојба во економијата во споредба со првиот квартал. На ваква констатација упатува прометот во трговијата, чиј раст е нешто посилен во однос на првиот квартал, значителното забавување на падот на вредноста на извршените градежни работи, како и подобрувањето на показателот за економската доверба – информираат од НБРМ.
Во однос на движењето на стапката на инфлација, според податоците за јуни, просечната годишна стапка на инфлација во првата половина од годината изнесува 1,5 отсто, при што и натаму се движи под нивото од априлската проекција. Во услови на пониски остварувања од проектираното и истовремено нагорна ревизија на очекувањата за увозните цени, засега се оценува дека ризиците околу проекцијата на инфлацијата за годинава од два отсто се урамнотежени.
– Неизвесноста околу проектираното движење на светските цени на примарните производи и понатаму останува главен ризик околу проекцијата на инфлацијата – посочуваат од НБРМ.
Во однос на движењата во монетарниот сектор, од НБРМ истакнуваат дека првичните податоци за јуни покажуваат натамошно месечно зголемување и на депозитите и на кредитната активност. Месечното зголемување на вкупните депозити во најголем дел е резултат на повисоките депозити на претпријатијата, при позитивен, но релативно помал придонес на депозитите на домаќинствата. Во однос на кредитниот пазар, зголемената кредитна активност во јуни речиси еднакво произлегува од кредитите одобрени на домаќинствата и на претпријатијата. Депозитните и кредитните текови во периодот април – јуни се повисоки од проектираните за второто тримесечје на годинава, упатувајќи на натфрлање на проекцијата за овој период.