СТИМУЛИРАЊЕ НА ПОТРОШУВАЧКАТА ВО ПАКЕТ СО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ДОЛГ
Платежна картичка за неколку категории граѓани неодамна најави Владата со третиот сет мерки за помош на граѓаните и на стопанството за побезболен излез од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, но никој не знае со сигурност како ќе функционира оваа картичка и кој ги исполнува условите да ја добие.
Владината мерка е изненадување и за банкарскиот сектор, кој претходно не бил запознаен со проектот, а единствено нешто што било побарано од банкарите е да се изјаснат за бројот на иматели на картички.
Според најавите на Владата, платежните картички ќе им се доделуваат на невработени, на приматели на социјална помош, на лица со примања до 15.000 денари, како и на средношколци и студенти. Предвидено е преку платежната картичка и лекарите да го добијат ветеното покачување на платите од 20 отсто.
Попрецизни детали за тоа кој ќе може да добие платежна картичка и каде точно би се користела Владата најави за две до три недели.
– Платежните картички ќе бидат за македонски производи и услуги. Седнувањето во угостителски објект е наша услуга, македонска. За производите се согледуваат технички решенија, дали ќе можат софтверски да се евидентираат само македонските производи и со таа картичка на посебен посттерминал да се плаќаат. Во моментот кога граѓаните ќе ги добијат платежните картички, а секако ќе бидат лимитирани за кои сектори можат да се користат, тоа е системско, софтверско решение, ќе бидат дополнително известени за начинот – изјави Фатмир Битиќи, советник на премиерот.
Според него, целта на средствата што ги дава државата е да се покрене домашната економија.
Министерката за финансии Нина Ангеловска истакна дека платежната картичка има цел да им помогне на посиромашните граѓани.
– Со домашната платежна картичка, која е дел од третиот сет мерки, ќе се купуваат само домашни производи и услуги и на тој начин ќе им се помогне на граѓаните со пониски примања, кои ќе ја добијат картичката, и на домашните фирми. Домашната платежна картичка ќе се користи во ограничено пократко време и на тој начин во пократок рок ќе влезат повеќе средства во домашното стопанство – рече Ангеловска.
Спротивно од политичкиот блок предводен од СДСМ, кој смета дека со воведувањето на платежната картичка им се помага на 100 илјади граѓани, за партиите на чело со ВМРО-ДПМНЕ оваа мерка значи поткуп на граѓаните во пресрет на изборите.
И економистите се со поделени мислења за ефектите од воведувањето на платежна картичка.
– Да беше намерата на најлесен начин на граѓаните да им се помогне, тоа веќе ќе беше направено. Ако имавте доволно средства во буџетот сега веќе граѓаните што сакате да ги помогнете ќе ги имаа на своите трансакциски сметки парите, како што се прави тоа во другите земји. Не сум слушнал дека сега се предвидуваат некои платежни картички за кои ќе треба да се воспоставува нов систем да се издаваат. За ова, по моја процена, без разлика кога ќе бидат изборите, се потребни месеци – е ставот на професорот по економија и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески.
Поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев смета дека со воведувањето на платежната картичка се врши стимулирање на потрошувачката, но истовремено се зголемува и јавниот долг.
– Оваа мерка е дефинитивно стимулирање на потрошувачката кај граѓаните, но прашање е дали е тоа најдобриот начин. И други земји посегнаа по слични методи. Конкретно Србија на сите граѓани им додели по 100 евра за да ја стимулира потрошувачката и да ѝ помогне на домашната економија – вели Гошев.
Според него, краткорочно тоа ќе даде резултати, но долгорочно тоа ќе значи зголемување на задолжувањето на државата.
– Овие месеци со трошење преку платежната картичка ќе поминат, но сето тоа е на конто на зголемување на јавниот долг. Сево ова е заради смирување на социјалното незадоволство што би можело да се јави по завршувањето на пандемијата. Секако социјална помош им треба на некои луѓе, но во овој случај средства ќе земат и лица што воопшто не биле засегнати од корона-кризата – посочува Гошев.
Поранешниот гувернер на НБРМ смета дека ваквата мерка коинцидира со наближувањето на изборите и тоа во помала или во поголема мера би го направила секоја власт.
Според најавите, картичките ќе бидат брендирани со различни дизајни, а ќе можат да се користат во маркети за домашни производи, во угостителски објекти, во фризерници и кај сите услужни дејности. Од технички аспект, картичките ќе бидат бесконтактни и ќе можат да се користат и за онлајн нарачки од домашни трговци. Меѓу другото, со нив ќе може да се плаќаат и струја, вода, како и други комунални давачки.