Фото: Маја Јаневска-Илиева

Домашните туристи во целост имаат свое значење, но за да се избегне нова катастрофална туристичка сезона и трајно губење на позициите на меѓународниот пазар на туризмот, неопходно е да се применат безбедносни здравствени стандарди утврдени преку „Знакот за безбеден туризам“

Првите најави за отворање на границите во соседството ги донесоа и првите резервации на Македонците за летување оваа година, при што повеќето се за во странство, а помалку за дома. Лани домашните туристички дестинации беа многу посетувани од македонските граѓани, но оваа година се очекува одлив на домашни туристи во странство. Поради недоаѓањето на странски гости, туризмот во Македонија претрпи штети, бидејќи домашниот туризам не може да го надомести девизниот ефект колку што можат да го постигнат тоа странските туристи. Дали со отворањето на границите очекувањата на туристичките работници за оваа година се повисоки и дали државната помош им помогна да ја пребродат ковид-кризата, како еден од најпогодените сектори, се прашањата на кои, засега, може да се одговори само со предвидувања и со надеж дека преземените мерки ќе ги постигнат очекуваните ефекти.

Амортизиран значаен дел од загубите

Даниела Михајловска Василевска, координаторка на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора, вели дека како комора презеле голем број активности што резултирале со можни предлози и решенија со цел да се намали што е можно повеќе ударот врз туризмот и туристичките работници, како и да се овозможи побрзо рестартирање на секторот и овозможување на што е можно поповолна позиција како дестинација на меѓународниот пазар на туризмот.
– Пакет мерките овозможија амортизирање на еден значаен дел од загубите и од негативните ефекти, но еден дел од деловните субјекти, пред сѐ, во градските средини (кои не се туристички центри) иако имаа пад на прометот од над 80 отсто, не беа опфатени со клучната мерка, ваучер-системот. На овој начин е доведена во прашање пазарната позиција на Македонија како туристичка дестинацијата на меѓународниот пазар – потенцира Михајловска Василевска.

Со знакот за безбеден туризам Македонија како дестинација ќе стане
повидлива

Домашниот туризам и поддршката преку ваучер-системот, додава таа, е само една од мерките како да се стимулираат и поддржат компаниите од секторот.
– Домашните туристи во целост имаат свое значење, но за да се избегне нова катастрофална туристичка сезона и трајно губење на позициите на меѓународниот пазар на туризмот, неопходно е да се применат безбедносни здравствени стандарди утврдени преку „Safe travels“ (безбедни патувања), како основен предуслов за видливост на дестинацијата во следните години – смета Михајловска Василевска
Како што вели таа, треба да постои системско решение за имплементирање на т.н. стандарди за безбедни патувања (safe travels), кои се применуваат во сите земји што ставаат акцент на туризмот како постковид-развој, во услови на сѐ уште постојна криза и во пресрет на отворање на регионите и државите за патување преку координирана акција за подигнување на туристичкиот ефект во државата.
– Координацијата со Министерство за надворешни работи е важна бидејќи на веб-страницата недостига информација за услови за влез во нашата држава, и покрај тоа што имаме најлиберални услови, нигде не е објавено ниту истакнато тоа. Потребна е координација и со Министерството за здравство. Пример во ек на полициски час, повратници од Африка, да може преку линкови да добијат информација за местата каде што може некој да се тестира, информации каде да се обрати странец доколку е позитивен, ковид-СОС број на странски јазик итн. Од особено значење е да се лоцира која инспекциска служба би била надлежна за почитување на стандардите за секој што добил лепенка Safe Travels – истакнува Михајловска Василевска.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека во соработка со Министерството за економија ќе почнат да издаваат меѓународен сертификат за безбедност „Safety Travel Stamp“, односно „Знак за безбеден туризам“.
– Со овој меѓународно признаен сертификат се потврдува дека објектите во целост ги спроведуваат, почитуваат и практикуваат домашните и светските препораки за превенција и заштита од ширењето на ковид-19, што создава сигурност кај домашните и кај странски гости. Многу е важно да се убедат туристите дека Македонија е безбедна туристичка дестинација, со соодветни протоколи, кои гарантираат безбеден престој и патување. „Знак за безбеден туризам“ како меѓународно признаен сертификат, е токму она што ќе ни помогне да ја пренесеме пораката дека сме безбедна дестинација и ќе ја вратиме Македонија на туристичката мапа на Европа – изјави Владимир Граматиков, претседател на Туристичко-угостителска комора, потенцирајќи дека сега е потребна брза имплементација на овој сертификат и негова промоција во земјава и во странство.
Граматиков истакна и дека со промоцијата на овој сертификат треба да се почне веднаш и истата таа треба да ја спроведат приватниот сектор и државните институции, преку информирање на своите партнери во земјава и во странство, со цел што поскоро да го вклучат и самите тие овој сертификат во пакетите што ги нудат за патување во Македонија.

Останува потребата за реализација на бесплатните ПЦР-тестови

Според неа, останува потребата за реализација на бесплатните ПЦР-тестови од петтиот пакет мерки, за сите туристички или бизнис-посетители што престојуваат во домашни хотели, оваа мерка ќе помогне да се вратат гостите во Скопје, но многу ќе помогне и надвор од Скопје, затоа што ќе се чувствуваат побезбедни.
– Процесот на имплементација на „Safe travels“ (безбедни патувања) е глобален безбедносен печат со кој се признаваат протоколите за сигурно, безбедно патување на некоја дестинација. Туристите преку печатот ги препознаваат државите и туристичките капацитети, без притоа да се двоумат дали земјата во која сакаат да патуваат е безбедна и има воспоставено некаков хигиенско-здравствен и безбедносен систем на дејствување. Досега тие се имплементирани во Хрватска, Црна Гора, Бугарија, БиХ, Англија, САД, региони од Австрија. Бараме да се интервенира и во модернизација и олеснување на Правилникот за субвенции за да им се даде јасен сигнал на странските туроператори дека сме подготвени да помогнеме како држава, да дојдат странски туристи и во 2022 година да почнеме да се враќаме во нормала – додава Михајловска Василевска.
Таа вели дека со примената на сите овие активности и стандарди ќе можеме да очекуваме нормална туристичка сезона и посета на странски туристи. Со една ваква системска организираност нагло ќе се подобри меѓународниот углед на државата.

И хотелиерите се крстат во странците

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ, Крсте Блажевски, споменува дека во шестиот сет мерки хотелите и сместувачките капацитети беа исклучени од финансиската поддршка и дека тоа е голема грешка.
– Владата оцени дека хотелите беа отворени, па затоа не е потребна финансиска поддршка. Но границите беа затворени и со тоа движењето беше лимитирано и во тој период немаше ниту еден процент окупираност на ноќевања, додека траеше пандемијата. Со оглед на тоа сметаме дека на хотелите и сите други сместувачки капацитети, во голема мера им е потребна помош, која треба да ги истурка од оваа година и да се влезе во следната година, кога, штом ќе закрепнат, ќе можат да ги зачуваат сите вработени и да започнат да нудат нови понуди на пазарот – потенцира Блажевски.
Тој се надевам дека ќе имаат повеќе странските гости оваа година, со оглед на тоа дека поголемите хотели во Македонија работат над 70 отсто со странски гости.
– Доколку се осврнеме само на домашните гости, ние немаме доволно приходи, за да опстанеме и да имаме позитивни резултати. Оваа година, исто така како и минатата, не е воопшто различна од неа, затоа што и минатата година сезоната започна во јуни со оглед на тоа дека јануари и февруари се работеа минатата година. Оваа година сѐ уште не е почната сезоната и уште сме со домашните гости, а странските се малобројни – вели Блажевски.