Фото: Маја Јаневска-Илиева

Растот на цените на храната ја натера Владата да ги замрзне цените на основните прехранбени производи. Ваквата одлука, според упатените, може да предизвика недостиг од одредени производи, особено ако замрзнувањето на цените трае подолг период. Но дали и колку домашното производство може да ги ублажи состојбите со ценовните шокови

ФАО РЕГИСТРИРА НАЈВИСОКИ ЦЕНИ НА ХРАНАТА ВО ПОСЛЕДНИТЕ 10 ГОДИНИ

Недостигот од храна на светско ниво резултира со пораст на цените на светските берзи на најтргуваните прехранбени продукти. Од почетокот на пандемијата, цените на храната се во постојан раст, што, секако, се чувствува и во Македонија, бидејќи сме увозно зависна земја. Поради растот на цените, Владата одлучи да ги замрзне цените на основните прехранбени производи. Но ваквата одлука на надлежните, според упатените, може да предизвика недостиг од одредени производи, особено ако замрзнувањето на цените трае подолг период. Наедно, експертите укажуваат дека, за жал, за краток период не би можеле да ги промениме и подобриме состојбите, бидејќи домашното производство е значително намалено и за голем дел од производите зависиме од увоз.
– Многу е тешко да се зборува за наше поголемо влијание дури и во задоволување на домашните потреби, бидејќи ние сме увозна земја, ние сме многу мали производители. Цените на поголемите прехранбени производи ги диктираат светските берзи, а ние како увозна земја, која нема доволно домашно производство, не можеме на краток рок да промениме нешто. Ние сме увозници на основните прехранбени производи како пченица, млеко, маслото за јадење мислам дека речиси целосно го увезуваме, увозници сме и на месо, освен во категоријата свежо свинско месо, каде што ги покриваме домашните потреби – вели универзитетскиот професор Драги Димитриевски од Катедрата за аграрна политика при Факултетот за земјоделски науки и храна.
Професорот Димитриевски за „Нова Македонија“ објаснува дека и во следниот период цените на прехранбените продукти ќе бидат одредувани од светските берзи, но наедно потенцира дека на краток рок, па дури и за неколку месеци, ние не можеме да го подобриме домашното производство, бидејќи во земјоделството се напластени многу проблеми, од кои најголемиот е депопулацијата на руралните средини.

– Цените на производите во Македонија ќе бидат диктирани од светските цени, бидејќи што и да преземеме сега, тешко дека ќе успееме да ги обновиме или вратиме производствените капацитети што се затворени во минатите години, односно капацитетите што сме ги изгубиле. Ние имаме многу проблеми што резултираат со намалено домашно производство, а еден од поголемите проблеми во земјоделството е депопулација на руралните средини и особено намалување на младите или нивно иселување. Младите луѓе не сакаат да се занимаваат со земјоделство или со друг тип производство што придонесува во производството на храна и навистина е сериозно намалувањето на нивниот број, а една од причините за ова е малата профитабилност во земјоделството. Затоа, велам, нема што да се направи за да се променат состојбите во некој пократок период. За жал, во земјоделството брзо се нарушуваат состојбите, но не се враќаат брзо. Не очекувам нешто да се промени или подобри за краток период. Дури и кога сме имале подобра искористеност на капацитетите во минатото, кај споменатите производи ние пак сме увезувале – вели професорот Димитриевски и додава дека очекува растот на цените на производите да продолжи и да биде и понатаму диктиран од светските пазари.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) укажа дека веќе четврти месец по ред цените на храната на светските берзи се на највисоко ниво во последните десет години. Според нив, причина за поскапувањето е зголемената побарувачка на пченица и млечни производи. Просечната вредност на индексот на цените на храната на ФАО, кој ги одразува месечните промени на меѓународните цени на основните прехранбени производи, достигна 134,4 поени во ноември, наспроти 123,8 во октомври.
– Ова е највисокото ниво од јуни 2011 година. На годишна основа, ноемврискиот индекс забележа скок од 27 отсто. Цените на земјоделските производи драстично пораснаа во последната година поради зголемената побарувачка и недоволниот род – велат од ФАО.
Домашните експерти укажуваат дека одлуката за замрзнување на цените на храната може да има и негативен ефект во случај да се применува подолг период. Според нив, доколку на компаниите не им се исплати да увезуваат одредени производи, може да ги снема од пазарот.

– Одлуката за замрзнување на цените на основните продукти може да предизвика дополнително негативен ефект, а такви искуства сме имале во минатото. Доколку цените на пазарите од каде што ги носат производите продолжат да растат, компаниите нема да имаат интерес да ги увезуваат и може да се појави недостиг од одредени производи, особено ако замрзнувањето на цените трае подолг период, но се надевам дека ќе трае пократко. Можеби во минатото беше оправдана ваквата одлука, но тогаш се одрази само врз маржата, врз профитот на трговците… Сметам дека и во овој случај подобро ќе беше да се замрзнат можностите за додавање маржи, за остварување профит. Бидејќи сега може да се случи компаниите да ги потрошат резервите што ги имаат и да не можат да набават нови, бидејќи ќе бидат по драстично повисоки набавни цени, а тие треба да ги продаваат тука по пониски цени – објаснува Димитриевски.
Според него, одлуката за замрзнување на цените во Србија има поголема оправданост бидејќи ги покриваат сопствените потреби и извезуваат.
– Соседна Србија се одлучи за замрзнување на цените, но кај нив ситуацијата е различна, бидејќи тие се производители и извозници на основните прехранбени продукти. Тие обезбедуваат доволно за своите потреби, па дури и за извоз, така што кај нив мерката може да е оправдана, но кај нас мислам дека ако трае подолго, може да предизвика недостатоци. Јас сум за мерка што ќе ги ограничи можностите за додавање маржи за профит, отколку само да се ограничат цените и да се појави недостиг од одредени производи – потенцира Димитриевски.
Претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, објаснува дека цените на земјоделските производи во светот осцилираат во зависност од производството.

– Пандемијата многу влијае на трговијата, а со тоа и на формирањето на цените на производите. Бидејќи Македонија е зависна од увоз, очекувано беше поскапување на основните производи. Но дел од причината за високи продажни цени одамна паѓа и на откупувачите, кои се претворени во организиран монопол, бидејќи по ниски цени им откупуваат на земјоделците, а производите ги продаваат по високи цени. Проблемот е и во големата бирократија и административен апарат, кој неколкукратно се зголеми, а за чие одржување се потребни финансиски средства што се собираат од такси, лиценци, дозволи, потврди, акцизи… Сето тоа го оптоварува производот додека патува кон консументот, но и ги разочарува земјоделците – вели Станковски.
Според него, за намалување на трошоците за храна, државата треба да поттикнува домашно производство, односно со поддршка да цели на домашните производители на храна, за тие да покриваат поголем дел од домашните потреби.
На светско ниво, очекувањата и предвидувањата се дека цените на храната ќе останат високи и во текот на следната 2022 година. Според анализа на холандската банка Рабобанк, нагорниот притисок врз глобалните цени на храната, поттикнат од бура од непредвидливи временски услови, зголемена потрошувачка, но и од енергетската и работната криза, нема да престане наскоро.
– Ако 2022 година донесе помалку нарушувања поврзани со ковид, што е далеку од сигурно, поради новата варијанта омикрон, која се шири низ светот, кога станува збор за цените на земјоделските производи, секое чувство на нормалност изгледа малку веројатно, а инфлацијата во овој простор не е привремена – се вели во извештајот на банката.
Според нив, растот на цените на храната се должи и на глобалните поскапувања и зголемувањето на трошоците за ѓубрива и други влезни трошоци, кои ги зголемуваат и трошоците на земјоделците.