Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за „Гласот на Америка“ истакна дека македонската економија не е директно изложена на ризиците од глобалните трговски тензии помеѓу САД и Кина, но предупреди дека тоа може да се случи преку посредни канали, поточно преку германската економија.
– Нашата трговија и со Соединетите Американски Држави и со Кина е мала. Ефектите врз нашата економија би можеле да дојдат главно преку посредните канали, односно тие зависат од степенот во кој би била погодена европската економија како наш најзначаен трговски партнер и особено од тоа што ќе се случува во германската економија. Германската економија за нас е од голема важност, со оглед на високиот степен на интегрираност на нашата економија во германскиот синџир на производство – нагласи Ангеловска-Бежоска.
Во интервјуто таа говореше и за просторот за дејствување на монетарната политика кај нас, а се осврна и на очекуваните ефекти од евроатлантските интеграции за нашата економија, имајќи ги предвид искуствата на економиите што веќе минаа низ тие процеси.
Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, деновиве престојува во Вашингтон каде што оствари повеќе работни состаноци со високи претставници на меѓународните финансиски институции и организации.