Над пет милијарди евра, или 313 милијарди денари, должат македонските домаќинства и фирмите во домашните банки заклучно со октомври оваа година.
Од оваа сума, семејствата должат 154,3 милијарди денари, додека долгот на корпоративниот сектор е 157,3 милијарди денари
Над пет милијарди евра должат македонските домаќинства и фирмите во домашните банки заклучно со октомври оваа година. На годишно ниво кредитите се зголемени за 8,2 отсто. Сепак, од месец на месец зголемувањето на задолжувањето кај семејствата резултира со највисоко приближување на сумата што ја должат граѓаните до таа што по основа на кредити ја земале фирмите. Пред две години разликата во двата сектора била поголема, сега се речиси изедначени. Имено, од овие пет милијарди евра, или 313 милијарди денари, семејствата должат 154,3 милијарди денари, додека долгот на корпоративниот сектор е 157,3 милијарди денари. На крајот на 2016 година, домаќинствата должеле 129,3 милијарди денари, а фирмите 154,2 милијарди денари. Кредитниот пораст најмногу се должи на сѐ поголемото задолжување на домаќинствата.
– Во октомври вкупните кредити забележаа пораст на месечно ниво од 0,5 отсто и од 8,2 отсто на годишно ниво. Кредитниот пораст на месечно и годишно ниво во поголем дел произлегува од зголемувањето на кредитирањето на секторот домаќинства, чие учество во вкупниот пораст е 89 отсто – истакнуваат од Народна банка на Македонија.
Оттаму се вели дека во октомври, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапени се потрошувачките и станбените кредити. Кај овие категории порастот е двоцифрен. Потрошувачките кредити пораснале за 11,7 отсто, а станбените за 16,1 отсто.
Според Иван Вчков, економски аналитичар од институтот за економски политики и истражувања, „Фајненс тинк“, извештајот на НБРМ укажува на пораст на кредитирањето на корпоративниот сектор од 6 отсто на годишна основа и пораст на кредити одобрени на домаќинствата од 10,5 отсто на годишна основа, и тоа најмногу поради зголемено денарско кредитирање.
– Врз база на овие факти, може да се претпостави дека тековно, според податоците за октомври, поголема потреба од кредитирање имало кај домаќинствата наместо во корпоративниот сектор. Ваквата состојба со сигурност може да се измени до крајот на 2018 година. Имено, помалиот пораст во корпоративниот сектор може да се должи и на намалените тековни потреби од дополнителни средства од страна на компаниите, додека спротивното важи кај домаќинствата – смета Вчков.
Тој додава дека иако прагот на сиромаштија не може директно да се поврзе со порастот на кредитите одобрени на физички лица, анализата на „Фајненс тинк“ покажа дека само една третина од населението успева да си ги задоволи сите потреби или да заштеди дел од својот доход.
– Околу 42 отсто успеваат да ги задоволат само потребите за храна и сметки, а 28,1 отсто не успеваат ниту тоа. Ваквите поразителни податоци докажуваат дека постои огромна разлика помеѓу приходите и потребите на домаќинствата во Македонија, така што не е невообичаено зголемувањето на овие кредити кај домаќинствата. Потрошувачките кредити, како и станбените, не само во Македонија туку и глобално, се вообичаените кредитни линии што ги користат домаќинствата – истакна Вчков.
Ваквите податоци докажуваат дека постои огромна разлика помеѓу приходите и потребите на домаќинствата во Македонија, така што не е невообичаено зголемувањето на овие кредити кај домаќинствата, тврдат аналитичарите
Како што вели тој, потрошувачките кредити им овозможуваат на домаќинствата да си ги задоволат тековните потреби кога нивните расположливи средства се ниски. Во иста сфера се и станбените кредити, каде што реткост е домаќинствата да имаат доволно расположливи средства за иманентно решавање на станбеното прашање.
– Исто така, мора да се напомене дека задолжувањето кај домаќинствата, особено преку денарско кредитирање, е добро за целокупната економија на Република Македонија. Имено, потрошувачката на домаќинствата има големо учество во БДП на Македонија, така што сѐ додека домаќинствата се способни да ги вратат овие кредити, не би требало да се смета проблем – нагласува Вчков.
Според Томе Неновски, професор на „Американ колеџ“, во услови на голема неизвесност за идните случувања поради актуелната политичка криза, престанувањето на важењето на договорите на некои претпријатија со странските партнери и недоволно сигурните проекти од аспект на височината на повратот на вложениот капитал во нив, банките повеќе се ориентираат кон кредитирање на секторот на домаќинствата, каде што ризикот од ненаплаќање на одобрените кредити е многу помал отколку кај претпријатијата.
– Покрај тоа, забележлива е големината на станбените кредити, кои во последните години за домаќинствата станаа многу атрактивни. Ризиците во одобрувањето кредити на домаќинствата, а особено за станбена изградба, се многу помали отколку ризиците за одобрување кредити на стопанството во услови на неизвесност за негово дејствување – додава Неновски.