Во предизборните програми на партиите, економските сегменти опфаќаат значаен простор. Во нив граѓаните можат да прочитаат какви промени планираат партиите доколку успеат да го добијат мандатот од граѓаните и да ја освојат власта. Во програмите се забележливи значително различно ставови, но и заедничка нишка, која се однесува на подобрување на животниот стандард на граѓаните
Раст на платите и на стандардот на граѓаните, промени во даночните стапки, нови странски и домашни инвестиции, како и промени во имињата и ингеренциите на одредени министерства… Ова се само мал дел од сегментите од економските програми на политичките партии што веќе се презентираат пред граѓаните. Мегданот на партиски ветувања во делот на економијата е значително обемен, со тематски образложенија за нивните предлози, но и забелешки за досегашните текови, било да се за последната или за претходните владејачки структури. Забележливо е исто така дека повеќето партии во своите предизборни програми ветуваат привлекување странски инвеститори и олеснување на условите за инвестиции, но одредени партии најавуваат и промени во банкарската сфера.
Претставниците на Глас за Македонија во својата програма истакнуваат дека ќе се стремат кон јакнење на националната економија, со овозможување правна сигурност за сите деловни и физички лица.
Истакнуваат дека ќе одредат приоритетни гранки со најголем потенцијал за националната економија, како производство на храна, туризам и угостителство, занаети, услуги, информатички технологии, уметности…
– Акцент на регионалниот развој со ползување на предностите и ресурсите, изработка на стратегија за организирање на работата на малите и средните претпријатија преку отворање секретаријат при Министерството за економија, кој ќе го сочинуваат личности делегирани од здруженијата на еснафите и експерти од соодветните области: корпоративен менаџмент, продажба, интернет, маркетинг, пласман на странски пазари. Отворање регионални канцеларии за помош на малите бизниси, бесплатен систем на обуки за производство, совети за производството, за човечки ресурси, водење бизнис, развивање бренд, маркетинг, продажба – се наведува во програмата на Глас за Македонија.
Меѓу економските ветувања од оваа партија се и хардверска поддршка, набавка и одржување опрема што би ја изнајмувале повеќе мали произведувачи, помош со организација на транспорт и дистрибуција на стока, групно обезбедување сезонски работници, изнајмување магацински простор, отворање продажни места, интернет-продажба, доброволна работа преку лето на ученици и на студенти… Од партијата истакнуваат дека ќе стават акцент на активностите за приближување и поттикнување на соработката на локално ниво, промоција на локалната економија со организирање сезонски фестивали, промоции, настапи на саеми во странство.
Нови фискални правила
Од програмата на Глас за Македонија се одвојува ветувањето за засилување и одржување висок степен на фискална слобода преку лесен начин за пресметување и плаќање даноци, потоа ограничување и намалување на непродуктивните расходи, за сметка на капиталните инвестиции, како и воведување фискално правило според кое стапката на годишниот буџетски дефицит, а преку него и големината на јавниот долг, ќе биде помала од стапката на раст на бруто-домашниот производ на земјата.
Подобрување на инфраструктурата во земјата исто така е на нивната листа на економски проекти, но и стимулирање стартап-фирми, кои две години ќе бидат ослободени од давачки кон државата, подобрување на ликвидноста, стимулирање на прехранбената преработувачка индустрија, создавање македонски брендови – галички кашкавал, беровско сирење, килими…
Институционална поддршка на градежните компании за нивно настапување на регионални тендери, мерки за раст на понудата на домашни производи, субвенции за домашно производство, стимулирање автохтони сорти на земјоделски производи и сигурен пласман, отворање откупно-дистрибутивни центри, поттикнување алтернативни извори на енергија, проширување на гасификациската мрежа во земјата до целосна гасификација, изградба на карго-аеродром и воспоставување и одржување макроекономска стабилност, како услов за иден долгорочен, траен и одржлив стопански растеж на Република Македонија, исто така се најдоа на листата на економски проекти на Глас за Македонија.
Индустријализацијана македонската економија
Модерна индустријализација на македонската економија е насловен економскиот сегмент од програмата на партијата ВМРО-ДПМНЕ, каде што е посочено дека структурата на домашната економија е значително неповолна, бидејќи учеството на преработувачката индустрија во БДП не достигнува над 12 отсто, а во структурата доминираат трудоинтензивни сектори и индустриски гранки со ниска продуктивност и ниска додадена вредност.
– Новиот развоен концепт ќе биде насочен кон креирање модерни индустриски политики, насочени кон извозно ориентирана индустријализација на земјата, како основа за забрзување на економскиот раст и подобрување на животниот стандард. За остварување на стратегиските определби ќе се дизајнираат мерки како трансформација на Министерството за економија во министерство за индустрија, трговија и развој, функционална институција што ќе се грижи за развојот на земјата преку поддршка на индустријата и извозот.
Поради нефункционалност, ќе се укине позицијата заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори. За координација на економските ресори и поблиска соработка со приватниот сектор ќе се формира економско тело во кабинетот на идниот премиер, во кое ќе членуваат претставници на сите референтни стопански комори во земјата, како и министрите од економските ресори – пишува во програмата.
Меѓу другото, од партијата планираат мапирње на стратегиските индустриски и извозни сектори во насока на поддршка на модерната индустријализација.
Најавуваат и финансиска поддршка за изработка на детални дијагностики и студии за адресирање на конкретни проблеми и потреби за подобрување на извозно ориентираните домашни компании.
– Ќе обезбедиме финансиска поддршка за ангажирање домашни и странски експерти што ќе работат на детална дијагностика и скенирање на компаниите што имаат потенцијал да растат и да се развиваат. Целта е да овозможиме идентификување на производствените, техничко-технолошките, организациските и другите слабости со кои се соочуваат компаниите во градењето поголеми стратегиски и конкурентски предности на домашните и странските пазари – се наведува во нивната програма.
Меѓу другото, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека целата енергија ќе ја насочи кон зголемување на извозната конкурентност на македонската економија, со зголемување на бројот на извозни производи, со поголем степен на финализација и додадена вредност, зголемување на бројот на извозни компании и бројот на пазари каде што ќе извезуваат македонските компании. На тој начин очекуваат динамизирање на економскиот раст, отворање нови работни места и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Планираат зајакнување на капацитетите на агенцијата за странски инвестиции и поддршка на извозот, реформирање на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) во македонска извозна и развојна банка, која, според нив, треба да прерасне во клучна финансиска и банкарска институција во земјата, за забрзување на економскиот раст на земјата преку зголемување на извозната конкурентност и активност на домашните компании. Планираат и редефинирање на програмата за привлекување странски директни инвестиции, со фокус на стратегиски сектори, а се планира и мрежа на промотори на странски инвестиции.
Мерки во контекст на новонастанатата економско-финансиска криза поради короната
Претставниците на владејачката СДСМ, како и другите членки на коалицијата „Можеме“, во предизборната програма, покрај новите ветувања, ги истакнуваат и проектите за спас на економијата што се реализираат овој период и кои настанаа поради наметнатата криза предизвикана од сузбивањето на ширењето на ковид-19. „Новата македонска економија – рестарт“ е наречена економската програма на коалицијата „Можеме“, со која најавуваат раст на економијата и во услови на глобална пандемија.
– СДСМ успеа за нецели три години да ја извади државата од финансискиот пустош во кој беше оставена. Успешно се справивме и со економските ефекти на корона-кризата. Се бориме за секое работно место, за секоја компанија. Прогнозите на Светската банка потврдуваат дека нашата земја најдобро ќе се справи со економскиот удар на кризата предизвикана од коронавирусот, од сите земји во регионот. Целосно сме фокусирани на нашата главна цел – намалување на невработеноста и зголемувањето на минималната и просечната плата. Подобар стандард за сите граѓани – се наведува во програмата.
Се истакнува дека во новиот мандат уште повеќе ќе ги поддржуваат домашните фирми, а со членството во НАТО ветуваат рекорден број странски инвестиции. Најавуваат нови работни мести преку брза трансформација на македонската економија, како и поддршка за домашни и странски инвестиции во износ од 600 милиони евра, од кои 300 милиони од домашни средства и дополнителни 300 милиони евра од европските фондови што се отвораат.
– Додека трае кризата, се обврзуваме да ја задржиме минималната плата во висина од 14.500 денари, а по завршувањето раст на минимална плата до 40 проценти до крајот на мандатот. Просечната плата до крајот на мандатот ќе порасне до 30 отсто. Ќе продолжат да растат платите во образованието и во здравството, како и субвенции за придонеси за сите компании што ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари по вработен. Вложуваме нови две милијарди денари во активните мерки за поддршка на вработувањето и самовработувањето.
До 2023 година персоналниот данок во ИТ-индустријата ќе го намалиме до 0 проценти. Целосен поврат на персоналниот данок за обука, дообука и преквалификација. Неповратни средства од 5.000 до 15.000 евра за млади и жени за отворање сопствени бизниси, во кои државата го презема поголемиот дел од ризикот при евентуален неуспех – пишува во програмата.
Од владејачката коалиција најавуваат и поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години, нова повисока минимална пензија од најмалку 10.700 денари за сите, а додека трае глобалната пандемија, сите работници со прекин на работниот однос ќе имаат право на паричен надоместок во висина од 50 проценти од просечната месечна нето-плата за последните 24 месеци.
И бесплатната „зелена“ нафта до 2024 година се најде на листата на оваа коалиција, но и ветување за двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок за земјоделците, изградба на 260 километри автопатишта, 300 километри експресни патишта, 950 километри локални патишта, како и рехабилитација на 1.500 километри постојни патишта. Исто така најавуваат и изградба на нови 500 километри водоводи и канализации, за чија реализација ветуваат дека ќе обезбедат 100 милиони евра за сите општини во Република Северна Македонија.
Укинување на привилегиите на странските инвеститори
Претставниците на партијата Левица во својата предизборна програма истакнуваат дека планираат зголемена контрола врз работењето со компаниите од офшор-зоните, со неможност „странска инвестиција“ да потекнува од држава што се смета за т.н. даночен рај. Тие најавуваат и укинување на привилегиите на странските инвеститори, прохибиција и целосна забрана на коцкањето во казина, со исклучок на некои погранични зони, како и воведување прогресивен персонален данок на личен доход (плата, хонорар), како и укинување на данокот на имот и воведување прогресивен данок на богатство, или т.н. данок на луксуз, кој ќе се плаќа на вкупното нето-богатство што го поседуваат домаќинствата.
– Целосна ревизија на јавниот долг и поведување постапка за одговорност и рефундација од надлежните функционери што недомаќински и расипнички трошеле за време на нивниот мандат. Воведување златно правило за јавните трошења, за да се спречи дополнителен раст на јавниот долг за непродуктивни цели (со други зборови, да не може да се креира нов јавен долг за тековни трошења, туку само за капитални инвестиции). Воведување државна банка за бескаматно кредитирање на населението, а преку која вработените во јавниот сектор ќе ги примаат своите плати, како и ограничување на банкарските провизии, ограничување на провизиите за вршење платен промет на симболичен износ, укинување на провизиите за водење трансакциски сметки на граѓаните и на правните лица, укинување на провизиите при наплата на административни и судски такси – се наведува во програмата на партијата Левица.
Од оваа партија планираат воведување максимални каматни стапки што банките може да ги наплаќаат, како и забрана на натамошна приватизација на јавните претпријатија што даваат јавни услуги (пошта, железници, водостопанства, електроцентрали и сл.), како и ограничување на концесионерството на природните богатства и на јавните добра и услуги и укинување на наплатата за приклучок кон јавните дистрибутивни мрежи (струја, вода, парно). Наедно планираат и забрана за склучување орочени договори на една или две години од страна на компаниите што овозможуваат телекомуникациски или интернет-услуги, како и забрана за самоволно исклучување на потрошувачите од дистрибутивните мрежи без претходна правосилна и извршна судска одлука, како и намалување на цените на фиксната и мобилната телефонија и интернет.