Со буџетот за 2021 година, обезбедуваме над 115 милиони евра поддршка за компаниите, истакна на прес-конференција, пратеничката од СДСМ, Марија Георгиевска.
Предлог буџетот утре влегува во собраниска процедура, а од СДСМ велат дека тој има три значајни цели: да обезбеди поддршка и унапредување на здравствениот сектор, пред се заштита на здравјето и на животот на сите граѓани; да го поддржи економското заздравување, односно да се помогнат сите оние микро, мали, средни и големи компании, кои имаат потреба од помош во справувањето со последиците од пандемијата; да се одржат и унапредат основните функции на државатта и да овозможиме ефикасно спроведување на потребните реформи.
– Буџетот за 2021 година ја потврдува заложбата на Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев за силна поддршка на стопанството, преку спас на работните места, поддршка на конкурентноста на компаниите, како и раст на платите. За таа цел Буџетот за 2021 година преку неколку програми обезбедува поддршка во вкупна вредност од 7,1 милијарда денари или 115,5 милиони евра. Од овие средства 1,9 милијарди денари ќе се насочат за поддршка за формирање на нови компании, преку самовработување и вработување на други невработени лица, но и обуки за невработените – рече Герогиевска.
Нагласи дека со мерките од Планот за економски раст, односно поддршка на компаниите преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Програмата за поддршка на микро, мали и средни компании на Фондот за иновации и технолошки развој, наменети се над 2,5 милијарди денари или околу 41,1 милиони евра.
Овие средства, како што истакна Георгиевска, ќе бидат ставени на располафање за инвестиции во изградба на хали и набавка на машини на домашни и странски компании во Технолошко-индустриските развојни зони, но и за компании надвор од нив. Од овие над 41 милион евра, околу 11,4 милиони ќе бидат наменети за програмите на Фондот за иновации и технолошки развој, а дополнителни 2 милиони евра ќе бидат обезбедени со поддршка на Светска банка.
Буџетот за 2021 година носи конкретна помош за стопанството и решенија за здравствените и економските последици од коронавирусот.
– Како партија предводник на парламентарното мнозинство го повикуваме сите пратеници низ отворена, конструктивна дебата во Собранието, да дадат поддршка и да гласаат за усвојување на Буџетот. И во следната 2021 година, грижата за сите продолжува уште повеќе и уште подобро – додаде Георгиевска.