Бројот на претплатници во мобилната телефонија во првиот квартал годинава изнесува околу 1,9 милион, од кои 877.186 припејд, а 813.367 постпејд резиденцијални, како и 257.982 постпејд деловни претплатници, објави Агенцијата за електронски комуникации.
Според информациите за состојбата со пазарот на електронски комуникации во мобилната и фиксната телефонија, во првиот квартал годинава е реализиран сообраќај од 1,3 милијарда минути. Во вкупниот број активни претплатници „Оне ВИП“ има удел од 49,44 проценти, „Македонски телеком“ од 48,27 проценти, „Лајкамобајл“ од 2,08 проценти, а „Роби“ од 0,2 проценти.
Според приходите, најголем е уделот на „Македонски телеком“ (51,72 проценти), на „Оне ВИП“ изнесува 47,51 проценти, на „Лајкамобајл“ е 0,57 проценти. Во првиот квартал во државава биле регистрирани 386.966 фиксни линии, преку кои биле реализирани 47 милиони минути сообраќај.