Доколку се подобри инфраструктурата кон пристаништа во Албанија и во Бугарија ќе се зголемат опциите за македонските компании, со што секоја посебно ќе одлучи кое пристаниште ѝ обезбедува најдобри услуги за најприфатлива цена
Далечината на превозот, инфраструктурната поврзаност, својствата на стоката, количеството, можноста за товарење, претовар, брзината на доставување се мал дел од аспектите што влијае врз одлуката на една компанија по кој пат ќе го врши транспортот на стоката. Покрај овие фактори, големо влијание врз одлуките на македонските компании за дистрибуција на стоката или за освојување нови пазари се блискоста и параметрите на морските пристаништа.
„Нова Македонија“ веќе пишуваше дека блискоста и пристапноста на морско пристаниште во Солун е од големо значење за македонското стопанство, поради што е најчесто користено. Имено дури 27 проценти од вкупниот превоз од и до Солунското пристаниште се наменети за стоки за и од Македонија. Но ваквата предиспозиција е причина и за повисоки цени, па бизнисмените се принудени да бараат алтернатива. Стопанската комора на Македонија има направено анализа на состојбите на пристаништата во соседните земји и нивните перформанси за да им обезбеди податоци на своите членки колку истите тие можат да им помогнат при увоз или извоз на стока.
Генерална оцена на македонските стопанственици е дека уште долго Драч нема да биде алтернатива за Солунското пристаниште, особено за масивните товари, кои го чинат најголемиот процент на транспорт од и за Солун
– Според оддалеченоста од дистрибутивните центри во Република Македонија, морското пристаниште во Драч е второ најблиско пристаниште по Солунското. Географската положба го прави исклучително стратегиски важно пристаниште, кое директно поврзува три мориња, Јонско, Средоземно и Јадранско Море и е индиректно поврзано со сите медитерански земји. Согледувајќи ги потенцијалите и потребата за поголемо користење на пристаништето, за свои потреби и за потребите на стопанствата од земјите во опкружувањето, албанската влада инвестира во развојот, користејќи средства од Светската банка и од неколку крупни меѓународни финансиски институции – велат од комората.
Од СКМ додаваат дека за подобрување на квалитетот на услугите албанските власти се вклучени во инвестициски активности во продлабочување на пристаништето и изградба на соодветна инфраструктура кон сите соседи. Направени се значајни зафати на дел од патиштата, а кога е во прашање Македонија, ситуацијата се подобрува. Денес со автомобил од Скопје преку Косово во Драч се оди за четири до четири и пол часа, а со изградба на автопатот Скопје – Приштина ситуација ќе биде уште подобра.
– Железничката неповрзаност меѓу Македонија и Албанија драстично ја намалува конкурентноста на пристаништето во Драч не само спрема Солунското пристаниште, туку и спрема другите водни пристаништа од поширокиот регион. Можности за поевтин превоз на стоките што одат за Драч ќе се создадат од моментот на изградба на железничката пруга Кичево – Лин, бидејќи до Лин од албанска страна пругата е завршена – додаваат од СКМ.
Сепак, генерална оцена на македонските стопанственици е дека уште долго Драч нема да биде алтернатива за Солунското пристаниште, особено за масивните товари, кои го чинат најголемиот процент на транспорт од и за Солун. Најзначаен проблем на ова пристаниште претставува длабочината на пристаништето за прием на бродови, која не овозможува пристап на големи бродови со масивен товар, со што поради потребата од преземање дополнителни претоварни манипулација за превоз на стоката со друг вид транспорт, вкупната цена на превозот станува повисока од транспортот преку Солун. Овој проблем особено го оддалечува „Макстил“ за превоз на лимови преку ова пристаниште.
– Ние во минатото имаме работено преку повеќето пристаништа во околината, како и преку речни пристаништа на Дунав и тоа со голем успех. Карактеристиките на бугарските пристаништа целосно одговараат на нашите потреби, додека пристаништето во Драч е делумно ограничено поради длабочината на водата и затоа не може да прими бродови соодветни за нашите производи со носивост поголема од 5.000 тона – објаснува Јане Адамчески, директор за продажба во „Макстил“.
Тој додава дека за Македонија и македонското стопанство, пристаништето во Солун е најлогично решение. Сепак, Адамчески укажува дека доколку се подобри пристапноста, односно инфраструктурата кон пристаништа во Албанија и во Бугарија ќе се зголемат опциите за македонските компании, со што секоја посебно ќе одлучи кое пристаниште им обезбедува најдобри услуги за најприфатлива цена.
– При носењето одлука преку кое пристаниште ќе се превезува стоката, за компаниите е многу важно од каде доаѓаат пратките што се увезуваат во Македонија и која е крајната дестинација на производите што се извезуваат. На пример, доколку се извезуваат производи чија дестинација е пристаниште во Јадранско Море, тогаш Драч е логична опција. Споменатите пристаништа со своите карактеристики и техничка опременост се целосно конкурентни на Солунското пристаниште. Сепак, за да станат поатрактивни за нас потребна е подобрена пристапност – додава Адамчески.
Во нашето соседство, покрај Солунското пристаниште, за македонските компании би можеле да бидат примамливи и пристаништата во Бугарија, во Бургас и во Варна.
Во Бургас се наоѓа првиот по оптовареност аеродром и најголемото пристаниште во Бугарија со најголем промет на стоки. Позицијата на градот е од големо стратегиско значење, благодарение на неа развиени се сите видови транспорт (патен, железнички, воздушен и воден). Развојот на Трансевропскиот транспортен коридор број 8 и неговото проширување на исток, каде што прерасна во ТРАСЕКА (Транспортен коридор Европа – Кавказ – Азија) е важен за развојот на потенцијалните пазари на источното црноморско крајбрежје и земјите од Централна Азија претворајќи го пристаништето во Бургас во главната врска меѓу континентот на Европа и Блискиот Исток.
– Постојните пристанишни капацитети овозможуваат да се обработуваат практично сите видови товар во растресита состојба (рефус) и генерални товари. Услугите за товарење и истоварање вклучуваат истоварање и вчитување на превозните и друмските возила. Располага со голем отворен и затворен магацински простор каде што може да се чуваат различни видови стока со обезбедена заштита – додаваат од комората.
Што се однесува, пак, до пристаништето во Варна, истото тоа е дел од паневропските транспортни коридори 8 и 7 (Рајна, Мајна, Дунав) и меѓународниот транспортен коридор, траса (Европа – Кавказ – Азија). Пристаништето во Варна се состои од два дела, и тоа пристаништен терминал Варна – Исток пристаништен терминал Варна – Запад.
– Генерално земено, се врши манипулација со сите видови товар, вклучувајќи контејнери за масивен превоз, стока во растресита состојба (рефус), денчани пратки, врши услужна дејност на патници како што се крстосување, научни истражувања, јахти и друго – истакнуваат од СКМ.
Варна има две пристаништа со различни перформанси
Пристаништето Варна – Исток е на 1 километар од центарот на градот. Управните простории се сместени во ова пристаниште, а во близината се царината, железничката станица, Дирекцијата за поморска администрација и други контролни тела. Меѓународниот аеродром Варна е на 10 километри. Отворено е 1906 година, а денес успешно функционира како повеќенаменски пристаништен терминал.
Пристаништето Варна – Запад е најмодерното и најперспективно пристаниште на северниот бугарски црноморски брег. Се наоѓа на 30 километри западно од градот, на западниот брег на Белославско Езеро. Во непосредната близина се наоѓаат хемиски фабрики, овозможувајќи ефикасна манипулација на товарите директно од фабрика на брод. Пристаништето поседува современи технолошки линии за претоварање сода, хемиски ѓубрива, цемент, јаглен, руди, фосфати, кварцен песок и течни хемикалии. Сите бродски локации и магацини се поврзани со националната железничка и патна мрежа.
Се користи модерен информациски систем, благодарение на што клиентите во секој момент ги знаат статусот и локацијата на нивните контејнери. Од неодамна, преку пристаништето успешно се манипулира и со товари од жито, како и со тешки и вонгабаритни товари.